Трансродова жена доби случај пред Управниот суд на Република Македонија

Трансродова жена доби случај пред Управниот суд на Република Македонија

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Промена на податоците во матичната евиденција, односно ознаката за пол и матичниот број е резултат од усвојувањето на тужбеното барање на трансродова жена кое беше објавено денеска, на јавна седница во Управниот суд.

Постапката, којашто ја водеше Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, трае од 2014 година бидејќи Управата за водење на матични книги и Министерството за правда ги одбиваа барањата без основано образложение. Во меѓувреме, трансродовата жена се соочуваше со секојдневни проблеми во остварувањето на нејзините права. Неусогласеноста на податоците во личната карта со нејзиниот изглед и личното име ја доведуваа во непријатни и понижувачки околности во различни институции, при што постојано беше принудена да објаснува за сопствениот идентитет во присутво на трети и непознати лица. Како, на пример, при посета на лекар, преминување на граница, на шалтер во банка, во јавен транспорт и друго.

Трансродовите лица кои сѐ уште не успеале да ги променат своите лични документи секојдневно се соочени со искуства на понижување, срам и страв во сите ситуации кога е потребно да приложат документ за лична идентификација.

„Ваквата одлука ќе ги охрабри другите трансродови луѓе да поведат постапка за правно признавање на родот“, вели Наташа Бошкова, правен советник од Коалицијата и адвокатка која го водеше случајот пред Управниот суд, во изминатите две години. Таа, истовремено, ја повикува Управата за водење матични книги, веднаш да ја спроведе пресудата и да ја направи промената во матичната евиденција на ова лице. „Но исто така е од исклучителна важност да ги усвои тековните и идните барања на трансродовите луѓе, со цел да се избегнат долготрајните процедури и талкањето по правните лавиринти“, додава Бошкова.

Досега во Коалицијата се обратиле дваесетина трансродови лица, од кои само мал број се охрабриле да отпочнат постапка. Во тек се шест постапки пред институциите и судовите, како и пред Европскиот суд за човекови права. Некои од овие постапки се отпочнати уште во 2011 година и сѐ уште не се решени.

 

Лице за контакт:

Наташа Бошкова

075 200 805