Состојбата со маргинализираните заедници во Македонија пред Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН

Состојбата со маргинализираните заедници во Македонија пред Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН

Наташа Бошкова, адвокатка во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ на 58-та седница на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева, укажа на повеќе проблеми со кои се соочуваат маргинализираните заедници во Македонија.

13405597_10153527651971927_1552866033_o
Во однос на правата на корисниците на дрога, беше укажано дека проблемот со дрогата првенствено се адресира од страна на полицијата преку кривични санкции, бидејќи прва цел на законот за контрола на дрогата е „спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции“, а „заштита на животот и здравјето на луѓето“ е ставена како четврта цел, заедно со „контрола на опојните дроги и психотропните супстанции“.
Со новите амандмани на Законот за контрола на дрогата се воведуваат драконски затворски казни и за поседување на канабис за лична употреба (од една година до пет години): „Дипломиран фармацевт, агроном, вработено лице во правно лице кое одгледува коноп, кое ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба ќе се казни со казна затвор од една година до пет години.“
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ побара од Комитетот за економски, социјални и културни права да препорача отстранување на одредбата со која се криминализира поседување на канабис за лична употреба и да донесе други препораки за подобрување на здравствените права на лицата што употребуваат дроги: за зголемување на услугите за намалување на штети ширум земјата, и обезбедување нивна финансиска одржливост, вклучително и во затворите, за да вклучат опоидна супституциона терапија, размена на игли, и заштита од предозирање; за отстранување на правните препреки за здравствен третман на адолесценти кои ги ограничуваат услугите за оваа ранлива група итн.
Во однос на правата на ЛГБТИ лицата, беше укажано дека хомофобичните и трансфобичните ставови честопати се манифестираат во насилни кривични дела од омраза и во говор на омраза насочен кон индивидуите поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Исто така, беше укажано и дека ЛГБТ организациите и бранителите на човекови права се посебно таргетирани во таквите напади.
Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ побара од Комитетот за економски, социјални и културни права да препорача сексуалната ориентација и родовиот идентитет да бидат експлицитно вклучени како заштитени основи во Уставот, во Законот за спречување и заштита од дискриминација, и во Кривичниот законик (кој треба да предвидува зголемени казни за кривични дела извршени врз основа на некоја лична карактеристика на жртвата). Исто така, од Комитетот за економски, социјални и културни права беше побарано да препорача промена на националните здравствени политики за да се обезбеди подеднаков пристап до хормонални, хируршки и психолошки третмани за потврдување на родот. Беше побарана и промена на законите и политиките за да може да им се овозможи на транс лицата да имаат законско право да ги изедначат нивните лични документи со нивниот реален родов идентитет.