Соопштение по Протест против намалување на буџетот за ХИВ за 2017

Соопштение по Протест против намалување на буџетот за ХИВ за 2017

Скопје, 06.10.2016

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ

Ние, граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и рано откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во Република Македонија, уште еднаш јавно бараме од пратениците, Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство да го коригираат скратениот буџет за заштита на населението од ХИВ – во согласност со препораките на експертите. Тоа ќе спречи појава на епидемија на ХИВ и ќе го заштити здравјето на сите граѓани.

Во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот на Република Македонија, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство. Наместо тоа, предлог-Буџетот на Република Македонија за 2017 година предвидува само 27 милиони денари, износ кој не е доволен да ги покрие ниту потребите за животоспасувачка терапија за една година. Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година. За првите 6 месеци од 2017 година Република Македонија сѐ уште се надева дека Глобалниот фонд за ХИВ и туберкулоза ќе одобри да се искористат заштедените средства од грантот за да се покријат превентивните програми.

Уште позагрижувачки е што во оваа т.н. превентивна програма воопшто нема да останат средства за превенција. Тоа ќе значи зголемен број на нови инфекции и зголемен број на смртни случаи од ХИВ поради задоцнето откривање. Исто така, на долг рок ќе се зголемат трошоците за лекување поради долги хоспитализации и скапи терапии, кои со помош на превентивните програми може да се избегнат.

Доколку не се обезбедат средства за да се одржат програмите за превенција ќе се затворат сите теренски и стационарни сервиси за ХИВ за групите под најголем ризик од ХИВ кои функционираат во повеќе од 14 градови ширум земјата. Најмалку 15.000 припадници на ранливи категории на граѓани, како и нивните семејства, ќе останат без пристап до бесплатни средства за превенција и брзи скрининг тестови за рано откривање на ХИВ. На тој начин инфекцијата ќе се шири побрзо, а тоа може да се одрази не само на овие групи, туку и на пошироката популација, особено младите.

Анализата на експертите од Светската банка направена во 2015 година во соработка со Министерството за здравство ги потврди овие прогнози:

– Доколку се одржи досегашното ниво на финансирање за ХИВ и оптимално се распредели на програмите за превенција помеѓу групите изложени на најголем ризик и зголемување на бројот на лица кои ќе бидат на терапија, може да се спречат дополнителни 860 нови случаи на ХИВ до 2030 година и дури 290 смртни случаи.

Во изминатите 13 години Глобалниот фонд даваше значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ. Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ-инфекција, Република Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународната организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство се обврза да го преземе финансирањето на националната програма за ХИВ по завршувањето на грантовите. Покрај тоа, Министерството за здравство јавно се обврза дека ќе ги одржи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија на 11 декември 2015 година.

Повеќе информации: Андреј Сених, извршен директор на Здружение „Заедно посилни“ Скопје (070 / 344 693)

— — — — — —

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ ја сочинуваат 16 граѓански организации од 9 града низ Република Македонија, од кои најголемиот дел се директно вклучени во спроведувањето на активностите за превенција на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во следните градови со нивните околни населени места: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Штип, Велес и Куманово.

Платформата за ХИВ ја сочинуваат здруженијата: ХЕРА, ХОПС, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, ЕГАЛ, Доверба, СТАР-СТАР, Црвен крст на РМ, Опција – Охрид, Зона – Кавадарци, Центар за унапредување на јавен живот – Тетово, ХЕЛП – Гостивар, Младински Клуб – Штип, Избор – Струмица, ПУЛС – Куманово, Интер етник проект – Гостивар, Виа Вита – Битола.

hiv-protest-01

hiv-protest-02

hristijan-jankuloski-andrej-senih