Софискиот ЛГБТ Марш на гордоста треба да ни ја претстави Толерантна Бугарија

Софискиот ЛГБТ Марш на гордоста треба да ни ја претстави Толерантна Бугарија

Participants march in the 2014 Sofia Pride parade in Bulgaria’s capital.

од Kyle Knight

Маршот на гордоста закажан за 10ти јуни во Софија, главниот град на Бугарија е шанса за земјата да покаже различност и толеранција. Властите можат да започнат на тој начин што ќе истапат напред да ги заштитат демонстрантите од групата која ги повикува контра-демонстрантите да “ја исчистат Софија од ѓубре” за време на настанот викендов.

Групата наречена Национален отпор, која се залага да ја заштити Бугарија од “странски идеологии” како што е парламентарната демократија, моралната пропаст вклучувајќи ја и “силната пропаганда за содомија,” и “паразитството на малцинствата,” најавува контра-протест на истата локација каде треба да се одржи и Sofia Pride во сабота. Во видео пораката која го промовира настанот, лидерот на Национален отпор – Благовец Асенов ги повикува луѓето да понесат “метли и лопати со дрвени рачки” со цел да “ја исчистат Софија од ѓубре”. На протестот против бегалци во Софија на 1ви мај, Асенов ги опиша имигрантите како “паразити на општеството.”

Демонстрантите на Sofia Pride и во минатото се соочуваа со насилство и говор на омраза, и минимална заштита од полицијата. Во 2011 година, контра-демонстрантите нападнаа и повредија пет демонстранти. Според извештајот на Amnesty International, полицијата на местото на настанот најпрво се распрашувала дали жртвите го испровоцирале нападот, а потоа тврдела дека жртвите веројатно биле нападнати бидејќи “биле облечени шарено.” Во 2012 година, Отец Евгени Јанакиев од Бугарската Православна Црква ги охрабруваше набљудувачите да фрлаат со камења кон демонстрантите додека Светиот Синод, највисоката власт во црквата, го потврди своето противење за “неморални манифестации” како што е парадата на гордоста. Во следните години, лидерите на националистичките политички партии и црквата зборуваа јавно против Sofia Pride, но организаторите не попуштија.

Оваа година, Градоначалничката на Софија Јорданка Фандакова треба јавно да ја потврди обврската на властите да ги штитат демонстрантите пред настанот во сабота. Таа би требало и да укаже кон домашниот закон: Законот за заштита од дискриминација на Бугарија од 2004 година забранува секаква директна или индиректна дискриминација по повеќе основи – вклучително и сексуална ориентација. Би можела да укаже и на обврските на Бугарија за човекови права како членка на Европската Конвенција за човекови права или нејзиното членство во Европската Унија и Повелбата за фундаментални права на ЕУ, кои забрануваат дискриминација и го заштитуваат правото на собир.

Јасно е дека Фандакова има обврска да застане зад ЛГБТ заедницата на Бугарија и организаторите на Sofia Pride изјавија дека ќе продолжат со своите планови да го одржат настанот. Прашањето е: дали градоначалничката ќе ја најде потребната храброст да застане до нив?

Извор