Реакција во однос на објавата на порталот Shkupipress.info

Реакција во однос на објавата на порталот Shkupipress.info

дата: 26.10.2017

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) најостро го осудува ширењето на дезинформации со цел да се поттикне омраза и нетрпеливост во јавноста. Ние како мрежа на организации кои работат за промоција и заштита на правата на ЛГБТИ луѓето демантираме дека  подготвуваме парада на гордоста во наредниот месец во Старата скопска чаршија.

На 22.10.2017 порталот Shkupipress.info повикувајќи се на свои извори објави информации дека пратеникот Бранко Маноиловски со поддршка од локалните власти подготвува одржување на Парада на гордоста во текот на месец ноември оваа година. Порталот тврди дека настанот се организира со помош на невладини организации кои се занимаваат со правата на маргинализирани групи и наведува дека најверојатно локацијата на настанот ќе биде Старата скопска чаршија.

Организациите од НМХТ во склоп на својата долгогодишна работа за промовирање и заштита на правата на ЛГБТИ луѓето, пет години наназад го организираат Викендот на гордоста како централен настан за промовирање на правата на ЛГБТИ заедницата и отворање на прашањата кои во нашето општество се држат под површината на јавниот дискурс. Невозможно е голем настан како Парада на гордоста да се подготвува без учество и знаење на организациите кои со години работат во областа. Членките на мрежата секогаш соодветно и благовремено ја известувале и ќе ја известуваат јавноста при организирањето на јавни настани.

Сметаме дека ваквите шпекулации се пласираат во јавноста со цел да се создадат чувства на нетрпеливост и омраза, а со тоа и да се предизвикаат вербални и физички насилства насочени кон ЛГБТИ заедницата и нејзините поддржувачи. Да не заборавиме дека просториите на ЛГБТИ Центарот за поддршка токму во Старата скопска чаршија во изминатите години беа мета на варварски напади кои до ден денес не се расчистени. Дел од тие напади беа директна последица токму на вакви дезинформации. Затоа сакаме да предупредиме за сериозноста и опасноста од ширењето дезинформации, но истовремено и да потсетиме на одговорноста на медиумите за совесно, објективно и точно информирање на јавноста.

Бараме од порталот Shkupipress.info веднаш да ја повлече веста на својата веб страница и да објави соодветно извинување кон јавноста заради погрешно информирање.

Истовремено ја известуваме јавноста дека за оваа објава на порталот Shkupipress.info, Националната мрежа против хомофобија и трансфобија ќе поднесе претставки до Советот за етика во медиумите и Комисијата за заштита од дискриминација.