Развиен е биосензор кој може да открие ХИВ една недела по заразувањето

Развиен е биосензор кој може да открие ХИВ една недела по заразувањето

Тим од Шпанскиот национален совет за истражување (CSIC) има развиено биосензор кој може да детектира тип 1 ХИВ во текот на првата недела по инфекцијата. Во експериментите, изведени на човечки серум, биосензорот го детектирал р24 антигенот, протеин присутен во ХИВ-1 вирусот. Оваа нова технологија, патентирана од страна на CSIC, го детектира протеинот во концентрации 100.000 пати пониски отколку во тековните техники.

Дополнително, вкупното време за тестирање е 4 часа и 45 минути, што значи клиничките резултати може да се добијат истиот ден. Истражувањето е објавено во списанието PLoS ONE.

Биосензорот комбинира микромеханички силиконски структури со златни наночестички, помогнати од p24-специфични антитела. На крајот од имуноанализата, p24 се става во сендвич помеѓу златните наночестички и микромеханичките силиконски структури. Златните наночестички имаат оптички резонанци познати како плазмони. Тие се способни за многу ефикасно расфрлање на светлината и привлекоа голем интерес во областа на оптиката во текот на последната деценија. Микромеханичките структури се одлични механички сензори способни за откривање на интеракции дури и на интермолекуларни сили. Комбинацијата на овие две структури создава механички и оптички сигнали кои се засилуваат едни со други, создавајќи ја потребната сензитивност за откривање на p24.

Технологијата, патентирана од страна на CSIC, исто така, се применува и кон рано откривање на одредени видови на рак.

“Самиот чип, физичкиот дел, е идентичен и за ХИВ-тестовите и за тестовите за биомаркери за рак. Она што се менува е хемиската компонента – нанесениот раствор – така што тој реагира на она што го барате. Затоа и нашата основна работа е фокусирана на развој на апликации за оваа нова технологија “, вели истражувачот на CSIC, Хавиер Тамајо, кој работи во Институтот за Микроелектроника во Мадрид.

“Биосензорот користи структури кои се произведени со добро воспоставени микроелектронски технологии, така што, големо производсттво со ниски трошоци е возможно. Ова може да биде одличен избор за употреба во земјите во развој”, вели Тамајо.

Како функционираат биосензорите

Експериментот започнува со инкубирање еден милилитар човечки серум на сензорот, во времетраење од еден час на температура од 37 ° C за да се овозможи врзување на ХИВ-1 р24 антигените со заробените антитела на површината на сензорот. Понатаму, се прави ре-инкубација на 37 ° C, во времетраење од 15 минути, за заробените p24 протеини да бидат означени.

На крај, материјалот се исплакнува за да се отстранат сите неврзани честички. “Тестот трае вкупно 4 часа и 45 минути, што е навистина брзо. Всушност, за да се потврди дијагнозата, испитувањето може да се повтори и клиничките резултати може да се вратат истиот ден како медицинскиот преглед. Резултатите се статистички значајни и може да се прилагодат на медицински барања “, објаснува истражувачот на CSIC.

Системи за откривање на ХИВ

Акутната ХИВ инфекција се дефинира како времето од стекнување на вирусот до сероконверзија, односно на почетокот на забележливи антитела на ХИВ во крвта. Денес постојат два начини за откривање на ХИВ во крвта. Прво, инфекцијата може да биде дијагностицирана со откривање на вирусната РНК во крвта, со користење на тестови за амплификација на нуклеинска киселина (NAAT); Второ, со откривање на p24 протеинот со имунолошки анализи од четвртата генерација.

Првиот метод, врз основа на откривање на вирусната РНК во крвта, има граница на откривање од 20 до 35 копии на РНК на милилитар, односно концентрацијата обично се јавува две недели по ХИВ зараувањето. Во вториот метод, за време на имунолошките анализи од четвртата генерација, се постигнува праг на толеранција на откривање на p24 во 10 пикограми на милилитар. Ова се случува околу три до четири недели по инфекцијата.

“Оваа нова технологија е способна за откривање на p24 во концентрации до 100.000 пати пониски од претходната генерација на одобрени имуно-анализи и 100 пати пониски од методите за откривање на вирусна РНК во крвта. Ова ја намалува невидливата фаза по инфекцијата на само една недела” вели истражувачот на CSIC Присила Косака од Институтот за Микроелектроника во Мадрид.

Откривање на ХИВ во крвта

Периодот помеѓу инфекцијата и сероконверзијата е околу четири недели. Раното откривање на ХИВ е од суштинско значење за подобрување на здравјето на заразеното лице. Се случуваат прогресивни промени по стекнувањето на ХИВ, како што е неповратното намалување на ЦД4 лимфоцитите во стомакот , репликации во централниот нервен систем, како и утврдување на латентни ХИВ резервоари.

“Потенцијалот за ХИВ заразност во првата фаза на инфекција е многу повисок отколку во подоцнежните фази. Затоа, иницирањето на антиретровирусна терапија пред сероконверзијата ја подобрува имунолошката контрола и е поврзано со бенефиции во однос на бројот на ЦД4 клетки, намалување на системското воспаление, зачувување на когнитивните функции, како и намалување на латентниот резервоар. Логично, неговото откривање е од клучно значење за спречување на пренесување на ХИВ “, објаснува Косака.

Извор