Трансродовото искуство: идентитети, тела, насилство и социјализација

Преземи
Ова истражување е прво од ваков тип кај нас и пошироко во регионот, на што сме посебно горди. Целта на ова истражување е да овозможи увид и знаење за искуството на трансродовите луѓе низ неколкукратна перспектива, како и да му даде глас на истото. Одовде, од една страна, предмет на нашето истражување се главните обележја, теми и пресвртни точки на трансродовото искуство на формирање на идентитетот, како родовиот, така и сексуалниот, земајќи ги притоа предвид комплексните социјални динамики и интерсубјективни релации во кои, преку кои и наспроти кои се формира трансродовиот идентитет. Од друга страна, истражувањето цели да им даде глас и да ги земе предвид наративите и приказните на трансродовите лица преку анализа и претставување на клучните проблеми и потреби што ги идентификуваат тие, а врз основа на специфичноста на нивното искуство.

Трето, истражувањето се стреми да ги претстави и да ги препознае/признае трансродовите искуства на формирање релации на интимност, социјални светови и пријателства и мрежи на поддршка преку кои трансродовите лица преживуваат и ги потврдуваат своите идентитети во високотрансфобичната социополитичка и културна средина. Конечно, истражувањето имаше цел да ги стави во преден план погледите, чувствата и потребите за активистичка мобилизација на транслицата, како и влијанието на активистичкото дејствување врз трансродовата идентитетска формација.

Овој текст ни ја дава можноста заеднички да научиме, без предрасуди и готови претпоставки, нешто повеќе за искуствата на трансродовите луѓе, нивните идентитетски траектории, телесни проекти, социјализација, искуства на насилство и борба, како и нивните потреби и приоритети.

Истражувањето беше дел од проектот на УСАИД за инклузија на ЛГБТИ луѓето, во партнерство со Коалицијата Маргини, ЛГБТИ центарот за поддршка, и ЛГБТ Јунајтед Тетово.
Промоцијата на истражувањето е поддржано од Фондацијата отворено општество Македонија.

Славчо Димитров – главен истражувач