Протестен перформанс на Платформата за ХИВ [Соопштение]

Протестен перформанс на Платформата за ХИВ [Соопштение]

Соопштение за јавност по протестниот перформанс пред Министерството за здравство

Скопје, 18 октомври 2016 – Граѓанската платформа за ХИВ ги алармира граѓаните дека Министерот за здравство Никола Тодоров, како и пратениците, кои не го коригираа срамниот буџет за ХИВ, може да ги сметаат за директно одговорни за секој следен смртен случај од овој вирус.

hiv-protesten-performans-mz02-768x512

Наместо да ги зголеми средствата за заштита на населението од ХИВ на неопходните најмалку 65 милиони денари, Министерот Тодоров ги скрати на само 27 милиони денари. Тој не ги исполни обврските што ги имаше преземено дека Министерството за здравство од следната година ќе го преземе финансирањето на програмите за превенција на ХИВ. Со тоа нанесува огромна штета на нашите национални напори да го ставиме вирусот под контрола.

Со овој буџет луѓето што живеат со ХИВ се ставени во ризик да им прекине терапијата кон крајот на следната година, а целосно ги скратија и средствата за превенција. Над 15.000 граѓани, и нивни семејства, оставаат без пристап до бесплатни средства за заштита од ХИВ и за рано откривање на инфекцијата.

hiv-protesten-performans-mz-768x512

Оваа неодговорна одлука ќе има опасни последици врз здравјето на нацијата. Министерството за здравство добро знае дека епидемијата на ХИВ во Република Македонија ќе се зголеми ако не се продолжат програмите за превенција.

Самото Министерство за здравство со помош од Светската банка процени дека Република Македонија може да спречи најмалку 860 лица да се заразат до 2030 година доколку продолжат на соодветен начин програмите за превенција. Тоа е 4 пати повеќе од бројот на луѓе што во моментот се лекуваат од ХИВ на Клиниката за инфективни болести. Уште пострашно, Министерството за здравство со кратењето на средствата дозволува најмалку 290 луѓе во Македонија да умрат од СИДА до 2030 година, поради ширењето на инфекцијата и поради доцна дијагноза.

hiv-protesten-performans-mz03-768x512

Во 21. век, кога знаеме како се превенира ХИВ, и кога оваа инфекција може да се лекува, Тодоров дозволува наши граѓани и млади луѓе да умираат од СИДА! Светот на големо зборува за ставање крај на ХИВ-епидемијата до 2030 година. Во Африка епидемијата е веќе ставена под контрола и опаѓа бројот на нови инфекции, а ние во Македонија ќе имаме пораст на новите инфекции и луѓе ќе ни умираат од СИДА.

ХИВ е вирус кој може да се превенира и, ако навреме се открие, за него има терапија. Терапијата за ХИВ спречува болест, но спречува и вирусот да се пренесе. Граѓаните на Република Македонија имаат право на ефикасни и докажани програми за превенција и за рано откривање на ХИВ, како и право на квалитетно лекување. Ако се открие навреме и се лекува денес луѓето можат да продолжат да си го живеат животот нормално и здраво, па и да создадат семејство и да имаат здрави деца. Тоа нема да биде можно со скратениот буџет од страна на Тодоров, а аминуван од пратениците.

hiv-protesten-perfomans-sobranie-768x512

Не застануваме сѐ додека одговорните не го решат проблемот.

Извор