Промовирана Декларација за известување за ЛГБТИ во медиумите | Коалиција МАРГИНИ

Промовирана Декларација за известување за ЛГБТИ во медиумите

Денес, во Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми беше промовирана Декларација за етичко и професионално известување за теми поврзани со ЛГБТИ во медиумите.

20.03.2018

Декларацијата е иницијатива на Коалицијата Маргини заедно со Советот за етика во медиумите, Здружението на новинари на Македонија, и Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми. Со промоцијата на оваа Декларација иницијаторите ги изразија заедничките заложби и напори да се спречи дискриминаторскиот и дерогирачки говор кон ЛГБТИ во медиумите, и да се поттикне заложба кај медиумите за промовирање на сексуалната и родовата различност, и заштитата на правата на ЛГБТИ.

Збор на промоцијата зедоа директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски, Марина Тунева од Советот за етика во медиумите, Дениз Сулејман од Здружението на новинари, и Славчо Димитров од Коалицијата Маргини.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиуми ги нагласи досегашната соработка на Агенцијата со здруженијата на граѓани што ги застапуваат правата на ЛГБТИ, како и активностите на Агенцијата за мониторинг и спречување на дискриминаторскиот говор и говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Трајчевски во своето обраќање посочи дека Агенцијата спровела ново истражување во кое се мерат и анализираат и ставовите на медиумската публика кон теми поврзани со ЛГБТИ во медиумите. Марина Тунева од Советот за етика во медиумите ја нагласи важноста од саморегулација во медиумите, како и нивната клучна улога во промоцијата и заштитата на правата на ЛГБТИ луѓето. Врз основа на досегашната пракса и разгледуваните претставки и иницијативи на Советот, Тунева ги посочи и главните карактеристики на медиумското известување за теми поврзани со ЛГБТИ. Сулејман од Здружението на новинари ги потсети медиумите на одредбите и вредностите кои ги промовира Кодексот на новинари на Македонија, и потсети на заложбите и предлозите на Здружението за вклучување на сексуалната ориентација како забранет основ за дискриминација во новиот Закон за медиуми.

Иницијаторите на Декларацијата ги повикаа уште еднаш сите медиуми кои до сега не ја потпишале Декларацијата, да го сторат истото, и со тоа да ги потврдат нивните заложби за, како и да испратат јасна порака до граѓаните дека ги осудуваат дискриминацијата и говорот на омраза кон ЛГБТ луѓето, и ја препознаваат својата улога во застапувањето и промоцијата на човековите права.

Оваа иницијатива е дел од Проект на УСАИД за инклузија на ЛГБТИ заедницата, реализиран во партнерство помеѓу Коалицијата Маргини, ЛГБТИ центарот за поддршка, и ЛГБТ Јунајтед Тетово.

Декларацијата е достапна за преземање во целост на [македонски јазик], на [албански јазик] и на [англиски јазик]

 


Може ќе ве интересира



Основачи

  • http://www.hops.org.mk/
  • http://www.hera.org.mk/
  • http://www.egal.org.mk/
  • http://starsexwork.org/?lang=en
  • http://www.izborsr.com/

Донатори

  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество - Македонија
  • Sexual Health and Rights & Public Health Program

Тримесечник


Доколку сакате да го добивате нашиот тримесечник, внесете ја вашата адреса тука

Top