Промоција на стрипот FUN HOME од Алисон Бехдел

Промоција на стрипот FUN HOME од Алисон Бехдел

Во едицијата за стрип ЛИФТ излезе нов наслов: стрипот FUN HOME од Алисон Бехдел. Промоцијата на графичкиот роман ќе се случи во среда, на 27 декември во 20 часот; промотори се Грација Атанасовска, Славчо Димитров и Никола Гелевски, а модератор Мања Величковска.

Во продолжение ви ги пренесуваме основните информации за FUN HOME, но и посебен подарок: БЕСПЛАТНО можете да ги прочитате првите 22 страници од стрипот!

Графичкиов роман ги обработува темите на сексуалната ориентација, родовите улоги, самоубиството, емоционалната злоупотреба, дисфункционалниот семеен живот, како и улогата на книжевноста во разбирањето на себе и на своето семејство.

 

Брус Бехдел бил дистанциран и изискателен човек, професор по книжевност и наследник на приватен погребален завод, кој семејството го нарекува FUN HOME, куќа на забавата. Откако Алисон на колеџ ќе се декларира како лезбејка таа ќе открие дека и татко и бил хомосексуалец. Неколку недели по откривањето на тајната тој ќе биде мртов, оставајќи и ја на ќерка си мистеријата на сопствената смрт.

АЛИСОН БЕХДЕЛ овде ги оцртува оптоварувачките односи со својот покоен татко. Од проживеаното таа создала дело со особена суптилност и снага, проткаено со жив хумор, со богати книжевни алузии и со редици брилијантни детали.
Книгава е ставена на неколку листи на најдобрите книги во 2000-ите години и е предмет на бројни академски текстови во областите Биографски, Културни, Родови студии; на универзитетите често се проучува како многу успешен модел за секвенцијалната или стрип уметност.

Стрипов е особено привлечен за љубителите на книжевноста. Мошне е рафиниран, со многу умни и духовити референци кон античките митови (Икар и Дедал, Сизиф, Одисеј…) и кон високата книжевност (Џојс, Ками, Пруст, Вајлд, Колет…). Истовремено постојат и многу референци на популарната култура (филмови, серии, цртани…) и на историскиот контекст (Никсон итн.).

 

Многу ми е важно луѓето да можат да ги читаат сликите на ист начин како што го читаат текстот. Не ми се допаѓаат слики кои немаат информации во себе. Сакам слики што бараат да ги прочитате, да ги дешифрирате, за кои е потребно време, слики во кои може да се изгубите. Инаку, што е поентата?

Алисон Бехдел

Извор