Проглас за женски права и родова еднаквост

Помина точно една година од првиот марш за женските права. Оваа година беше ролекостер кога станува збор за глобалното и локалното феминистичко движење. Повторно стоиме заедно во нашиот „Жена Парк“ и прашуваме „Дали, навистина, е среќен 8ми март?“

Факт: При крај на 2017 година започна глобалното феминистичко движење #metoo со цел да го обелодени сексуалното насилство и вознемирување кон жените, особено во работната средина. Движењето стана глобално, броејќи милиони жени кои ги споделија своите искуства, и отвори дебата на темата и во Македонија.

Факт: „Сама си го барала“ е сè уште доминантен наратив кога станува збор за сексуално вознемирување и насилство!

Факт: Македонската кампања #сегакажувам инспирирана и поттикната од горенаведеното движење започна во јануари 2018 година. Целта на кампањата е да се говори јавно за насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го негува токсичното машко однесување. Илјадници жени јавно проговорија за сексуалното насилство и вознемирување кое во голем дел го доживеале во училиште, во средно, на факултет и работа, од страна на нивни професори и претпоставени.

Факт: Сведоштвата од движењето „сега кажувам“ во јавниот дискурс беа осудувани како „недоволно насилни“, „неважечки бидејќи нема имиња и презимиња на насилниците“, „повик за внимание“ и загрозувачки за партнерските релации и флертот, имено „мажите веќе не ќе знаеле како да им пристапуваат на жените“?!

Факт: Феминизмот не е пуританистички! Напротив, мизогинијата е таа која ги кастрира жените, и не само во фигуративна смисла. На 200 милиони жени во светот превентивно им се сече клиторисот, лишувајќи ги засекогаш од потенцијално сексуално задоволство.

Факт: Локални избори 2017та година: од 208 кандидати за градоначалници само 12 се жени. Повторувам, само 12 се жени. Тоа се помалку од 6%!

Факт: За тие во последниот ред што дофрлаат дека тоа не е родова дискриминација, туку немањето квалитетен женски кадар или пак ги оправдуваат партиските одлуки со мантрата дека електоратот сé уште не сака да гласа за жени, прочитајте нешто за системска дискриминација. Проверете ја сопствената привилегија, размислете за шансите кои ви биле дадени во животот и потоа зборувајте за праведна распределба на јавни позиции!

Факт: Стапката на малолетнички бракови низ земјата е во пораст. Во одредени делови на земјата на девојчињата не им се нудат можности да растат и да се развиваат, туку само да бидат машини за репродукција од првиот момент кога нивните тела се способни за тоа.

Факт: Македонија има втора највисока стапка на смртност кај новороденчињата во Европа! Стапката на доенечка смртност кај Ромите во некои години е двојно поголема од националниот просек.

Факт: Сите податоци укажуваат дека најголем процент од починатите бебиња се предвремено родени. Носителите на одлуки не смеат да ги обвинат мајките за енормно големата смртност на доенчиња поради несоодветната грижа за своето здравје додека се бремени.

Факт: За предвременото породување е виновен загрижувачки нискиот стандард на живот. Виновно е енормното загадување на воздухот, водата и прехранбените продукти. Виновна е државата која не обезбедува соодветна здравствена поддршка на бремените жени, во која има само 137 матични гинеколози т.е еден гинеколог на приближно 7 илјади жени осигуренички.Одговорни се лекарите и болниците кои се наоѓаат во трета фаза на распаѓање! Знаете кој не е виновен? Не се виновни жените, кои решиле да родат дете во земја која ги обвинува нив за системските грешки!

Факт: Славењето на успешните жени на лидерски позиции кои се исклучоци, без ниту едно прашање за социјалната историја на можностите за успех, идеолошките импликации на успехот, и конечно ревиктимизацијата и бришењето на секојдневните борби и светови на „неуспешните“ жени, само го потврдуваат правилото.

Факт: Правилото е следно: само 33,8% од работоспособните жени се вработени. Иако се пообразовани најчесто се на подредени позиции. Мнозинство жени во земјава сè уште работат на најлошо платените места во текстилната, чевларската и кожарската индустрија, како касиерки во маркети, како чистачки без никакво осигурување, безбедност и заштита на женските работнички права.

Факт: Маргинализираните жени како лезбејките, бисексуалките, трансродовите жени, сексуалните работници, Ромките, жените со попреченост, се соочуваат со насилство, социјално исклучување и масовно прекршување на нивните права. Наместо солидарност, емпатија и заштита од насилство, сексуалните работнички и трансродовите жени добиваат морализирање, стигматизирање и насилство дури и од страна на полицијата.

Факт: Во ноември 2017 година три национални радио станици објавија кампања за „преманципираните кучки“ наменета за жени кои трчајќи по пикирани кариери ја загубиле својата женственост. „Еманципирани жени со доминантни фрустрации, освестете се, станавте мажи“, се вели во кампањата!

Факт: Не постои нешто како ПРЕеманципација, исто како што не може да постои премногу слобода или премногу правда!

Факт: Денес го славиме 8-ми март, Меѓународниот ден на еманципацијата на жената! Го славиме нејзиниот влез во јавната сфера преку учество во политика, пазар на труд и образовни процеси. Ја славиме нејзината слобода и уште поважно: вековна борба за слобода! Денес ги славиме сите успешни жени и жени борки: жените работнички, жените кои одат километри пешки на гинеколог, жените кои преживеале насилство и за тоа проговориле јавно, веднаш или после 10 години, или воопшто не проговориле! Ги славиме тие што родиле и тие што абортирале. Ги славиме жените кои сакаат да бидат со мажи, со жени, и со мажи и со жени, или сами. Ги славиме трансродовите жени.

Го славиме правото на избор, бараме родово сензитивни политики и негуваме феминистичка култура која во суштина е еманципаторска за сите. Денес, стоиме во паркот на жената борка да покажеме солидарност кон сите жени и да потсетиме дека феминистичката борба е борба за еднаквост и демократија. Вековниот процес на еманципација сè уште трае, а доколку „пред фактите и боговите молчат“ тогаш овие факти илустрираат дека и во 2018 сé уште се соочуваме со шовинизам, мизогинија и негирање на женските права. Борбата продолжува! Среќен 8-ми март!

 

*Прочитан на Марш за женски права, 08.03.2018 година, Жена Парк, Скопје

*Минорни разлики во изведбата се возможни.



Основачи

  • http://www.hops.org.mk/
  • http://www.hera.org.mk/
  • http://www.egal.org.mk/
  • http://starsexwork.org/?lang=en
  • http://www.izborsr.com/

Донатори

  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество - Македонија
  • Sexual Health and Rights & Public Health Program

Тримесечник


Доколку сакате да го добивате нашиот тримесечник, внесете ја вашата адреса тука

Top