Извештај за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација (2011 — 2018)

Комисијата за заштита од дискриминација претставува едно од клучните тела за еднаквост, што врз основа на донесениот Закон за спречување и заштита од дискриминација во 2011 година се воспостави како дел од институционалната рамка за заштита и спречување дискриминација. Комисијата секоја година, од 2011 година наваму, подготвува годишни извештаи што даваат преглед на нејзиното функционирање и имплементирање на Законот за спречување и заштита од дискриминација. И покрај потребата за објективно анализирање на функционирањето на Комисијата во еден подолг временски период, сепак ваков вид извештај не беше подготвен, па оттука и не постоеја ниту индикации за тоа дали, во кој временски период и во која мера Комисијата воопшто го унапредила своето постапување.

Особено загрижува фактот што во текот на изминативе години, превенцијата и заштитата од дискриминација не претставуваа приоритет за Владата на Република Северна Македонија, туку ова прашање единствено се гледаше и беше водено од идејата за исполнување на политичките критериуми за пристапување кон ЕУ. Во голем дел тоа може да се потврди со неалоцирањето финансии за ефикасно реализирање на мандатот на Комисијата за заштита од дискриминација и со обезбедувањето на техничка и финансиска помош единствено од страна на меѓународните организации.

Токму поради ваквиот политички контекст, а со цел унапредување и заштита на правата на сите граѓани и заштита од дискриминација, Мрежата за заштита за дискриминација од 2010 година во континуитет ги следи состојбите со заштитата од дискриминацијата, со фокус на имплементацијата на ЗСЗД, како и
функционирањето на КЗД. Имајќи предвид дека досега не е подготвен сеопфатен извештај за функционирањето на КЗД, Мрежата за заштита од дискриминација го прифати предизвикот да подготви извештај во кој ќе биде анализирано постапувањето на КЗД во временскиот период од нејзиното формирање до денес, вклучувајќи го постапувањето на членовите на Комисијата во два мандатa, и тоа од 2011 до 2016 година и од 2016 до 2019 година.

Целта на извештајот е да се оцени функционалноста на постојните правни и институционални механизми за заштита од дискриминација, со фокус на имплементацијата на постојниот Закон за спречување и заштита од
дискриминација (lex specialis) и функционалноста на Комисијата за заштита од 10 дискриминација. Анализата е дел од заедничката акција на Мрежата за заштита од дискриминација за следење на процесот на усогласување на националното законодавство во европското во делот на антидискриминацијата. Со оглед на
тоа што во изминатиот период беше одложено донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, анализата содржи податоци за законската и институционалната рамка и примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација од 2010 година. Подготвениот извештај дава преглед
на севкупното досегашно работење на КЗД, ги идентификува позитивните и негативните аспекти во имплементацијата на ЗСЗД, а воедно тој претставува и основа за компарација на понатамошното работење на новата Комисија во остварувањето на нејзиниот нов пропишан мандат.

Извештајот е составен од три одделни целини, при што првата се однесува на постојната правна и институционална поставеност на механизмите за заштита и спречување дискриминација. Втората целина е фокусирана на анализирање на сите надлежности на КЗД, како и анализа на нејзиното постапување по
поднесените претставки во секоја од поединечните години со илустрирање на најеклатантните предмети за заштита од дискриминација. Третата целина дава осврт на личните ставови и искуства на членовите на Комисијата во однос на состојбите со дискриминацијата на почетокот на нивниот мандат (поранешен/
сегашен), споредбено со денешната состојба, односно со завршувањето на нивниот мандат, но и на нивните искуства во однос на севкупното работење на комисијата, како и препораките за унапредување на нејзината понатамошна работа.

Добиените квантитативни и квалитативни податоци преточени во сумарни заклучоци во голема мера ќе придонесат кон идентификувањето препораки за посакуваните состојби и потреби за тоа како и на кој начин КЗД и идните членови на Комисијата би требале да одговорат на постојните и новите предизвици во
однос на превенцијата, спречувањето и заштитата од дискриминација. Анализата е подготвена во рамките на проектот „Учество на граѓанското општество во процесот на пристапување во ЕУ“, поддржан од Фондацијата
Отворено општество – Македонија.

ПРЕВЗЕМИ (македонски)

ПРЕВЗЕМИ (албански)