Поддршка за 200-те работници/чки од текстилната фабрика Веибо Груп кои останаа на улица

Поддршка за 200-те работници/чки од текстилната фабрика Веибо Груп кои останаа на улица

Коалицијата Маргини ја изразува својата поддршка за 200-те работници/чки кои беа вработени во фабриката за текстил Веибо Груп.

Во последните неколку дена, се одржуваат протести и блокади на патишта од страна на текстилните работници од фабриката Веибо Груп. Тие веќе две недели протестираат пред вратите на фабриката и блокираат патишта барајќи си ги своите три неисплатени плати, придонеси за пензиско и здравствено осигурување и неплатени прекувремени работни часови. Имено, според сознанијата на здружението Гласен текстилец од Штип, во оваа компанија се прекршувале основни човекови и работнички права уште пред година и пол како отпуштања на бремени жени, мобинг, неплатена прекувремена работа, договори од еден месец кои јасно им даваа до знаење на работниците дека тоа е дисциплински ефект за никој да не се побуни дека им се прекршувани нивните  основни човекови и работнички права.

Од средината на јануари биле пуштени на колективен одмор и било најавено дека останатите  работници ќе продолжат со работа од 1ви февруари. Меѓутоа, тоа не се случи, напротив на 31.01 работниците добија информација од раководните лица дека фабриката се затвара, а менаџментот нема финансии за да им исплати плати и придонеси за ноември и декември 2017та и јануари 2018та година, иако според работниците фабриката редовно извезувала и добро работела.

Неправдата која ги затекна работниците им нуди неколу разврски. Првата е по правните патишта која може да биде во форма на приватна тужба, ставање на фирмата под стечај, ликвидација или времена мерка со цел да се пломбира и попише целата фабрика. Било која од овие мерки да се оствари, треба да помине време коешто веројатно постепено ќе го намалува заедништвото, солидарноста и отпорот, за тоа крајно да резултира со резигнација и откажување.

Другата разврска е онаа која што работниците од Веибо во последниот период ја најавуваат, а тоа е вистинско превземање на работата во свои раце без да се чека на институциите или „конструктивност“ од самите лице кои ги оставиле самите работници без леб.

„Во ваква ситуација каде ни се одземени сите наши права, ние нема да мируваме. Канџа нека се обрати во медиум или до нас, а не да не оставаат на улица, на милост и немилост. Ниту раководството, ниту пак надлежните институции не се одзваа, па затоа, ќе го продолжиме штрајкот. Ќе одиме и кон по радикални чекори, како блокади на магистрални патишта, заземање на фабриката или слично“ – истакна Вирџини Јовановски, поранешен работник во „Веибо Груп“.