Нееднаква битка: привилегија, гени, пол и моќ

Нееднаква битка: привилегија, гени, пол и моќ

Кога имав осум години, за прв пат ја посетив Јужна Африка, татковината на татко ми. Никогаш нема да го заборавам моментот кога слетував во Јоханесбург, гледајќи надолу кон куќите во градот, кон стотиците тиркизни кривулести линии и точки. “Леле”, реков, возбудено, “сите имаат базен овде!”

Татко ми строго ме погледна. “Не сите”, рече тој. Беше 1987 година, а апартхејдот беше на последни маки.

Научив многу на тоа патување – за прв пат ја почуствував нееднаквоста, и тоа во најсуровата форма. Кон крајот на патувањето се запрашав за многу нешта за кои мислев дека веќе го имам одговорот. Мислев дека би било прекрасно да се има базен. Мислев дека сите почнуваат со еднакви услови за играње.

Во спортот, се разбира, премисата е таква. Раководните тела постојат за да се осигура дека спортистите пристигнуваат на стартната линија со фер шанса. Тие настојуваат да се спроведе фер игра со каталог на правила. А сепак, оваа улога на извршителот е сè попроблематична, особено во однос на жените и спортот. Во обидот да ги дефинираме границите на женственоста – нашата генетика, нашата облека, нашите најинтимни делови и искуства – жените се контролирани. Загрижувачки, правилата создадени да не’ заштитат, стануваат наши угнетувачи.

Приказната за јужноафриканската натпреврувачка во трчање Caster Semenya ги отелотворува овие тензии можеби повеќе од било кој друга. Повеќекратната светска и олимписка шампионка на 800 метри беше предмет на навреди, медицински инвазивни процедури и хистерија откако за првпат се натпреваруваше на меѓународната сцена. Таа, исто така, се смета за национален херој, икона, јужноафричка верзија на Серена Вилијамс.

Приказната на Semenya ги подели жените во спортот. Понекогаш е непријатно. Италијанската натпреварувачка во 800 метри, Elisa Cusma Piccione, сурово ја етикетираше како “маж”, откако на Semenya и’ беше дијагностициран хиперандрогенизам, медицинска состојба која се карактеризира со покачени нивоа на тестостерон. Една од националните тркачки на Велика Британија, Lynsey Sharp, го посочи присуството на Semenya во спортот како “неправедно”, додека светската рекордерка во маратон Paula Radcliffe изјави: “Кога зборуваме за тоа во смисла дека не очекуваме друг резултат од Caster Semenya освен да победи во 800м, тогаш тоа повеќе не е спорт. “Вознемирувачки, женските гласови на несогласување се убедливо бели. Спротивно на тоа, оние жени кои се најмногу погодени од спортскиот став за тоа што е женски спортист, се обоени жени од југот.

“Иронијата на спортистите од Велика Британија, која потроши 275 милиони фунти за подготовките за игрите во Рио, подигајќи фундаментални прашања за правичноста во трката против спортистка од земја која потроши помалку од 1.9 милиони фунти, некако е изгубена”, напиша јужноафриканската авторка и коментаторка Sisonke Msimang. Поентата на Msimang е важна. Богатството и инвестициите во меѓународниот спорт од страна на најбогатите земји во светот е слонот во собата. Пред Олимписките игри во Рио, се очекуваше само 30 земји да освојат 80 отсто од сите медали. John Hawksworth, главен економист на PwC, ладно забележа дека оваа спортска шема ја отсликува формата на глобалната економија: неколку велесили ги добиваат најголемите награди.

Бев на Светското првенство во Берлин во 2009 година, работев како дописничка за атлетика, кога сторијата за Semenya излезе првпат. Таа имаше само 18 години кога светот почна да известува за нејзините гениталии. Тоа беше најпредизвикувачката, најболна, непријатна приказна на која некогаш работев. Светските спортски медиуми го немаа јазикот за да се справат, и новинарите трапаво се служеа со опсег на терминологија од “хермафродит” до “интерсексуалка” до “хиперандрогенизам” и “DSD” (нарушувања во развојот на полот).

Девет години подоцна Semenya прими хормонален третман за да се исполнат барањата на International Association of Athletics Federations (IAAF), но и понатаму се гледа со сомнеж на неа. Во меѓувреме, арбитражниот суд за спорт (CAS) одлучи дека правилата на IAAF за хиперандрогенизам треба да се суспендираат, освен ако не можат да обезбедат убедливи докази за да покажат дека покачените нивоа на тестостерон даваат значителна предност за спортистите како Semenya. На крајот на краиштата, се’ уште се движиме несмасно низ ова прашање.

Хиперандрогенизмот, како што многумина оттогаш тврдат, е само една од многуте генетски варијации што одвојува еден атлетичар од друг. Eero Mäntyranta, финскиот скијач кој доминираше во 1960-тите, имаше природно висок број на црвени крвни клетки и хемоглобин; Usain Bolt е речиси 2 метри висок и во комбинација со молскавичната брзина на нозете, ја збриша конкуренцијата во три олимписки циклуси. Но никој не се пожали дека неговото присуство во натпреварот создало нееднакво поле за игра. Па тогаш зошто родот да биде потенциран за регулација?

Присуствував на една спортска конференција во 2016 година и ја слушав докторката по биоетката Dr Silvia Camporesi во разговор за овие прашања. Откако постои правилото за хиперандрогенизам, вели Camporesi, само обоените жени од југот се подложени на родово тестирање. “Зошто е тоа така?”, прашав.

“Постои пресек на расата и полот, а можеби и на медицинскиот империјализам [во пристапот на спортските тела]”, вели Camporesi. “Според оваа идеја полот е бинарен, и доколку жените не го исполнуваат овој услов, тие треба да подлегнат на хируршка интервенција или да земаат терапија за андрогено потиснување – додека таквото барање за мажите не постои. Во спортот постои идеја дека за да се обезбеди правичност во конкуренцијата, треба да ги потиснете маргиналците доколку жените имаат премногу добри резултати или се премногу блиску до машкиот ранг. Постојат различни генетски и биолошки варијации, плус тренинзи, ментален капацитет и други карактеристики кои еден атлетичар го прават шампион. Споредете ја Caster Semenya со Bolt – таа не е толку маргинална. Користењето на хиперандрогенизмот за да се дефинира праведноста е премногу тесно. Праведноста е многу поширок концепт “.

Katrina Karkazis, биоетичарка на Универзитетот Стенфорд, е еден од експертите кои сведочеа во случајот Dutee Chand – индиската спринтерка, чија правна постапка го убеди CAS да го суспендира законот за тестостерон на IAAF во 2015 година. Karkazis беше клучна за редефинирање на дебатата околу ова прашање, особено предизвикувајќи го она што таа го нарекува “тестостеронски мит”. Таа често се повикува на социо-културниот контекст. “IAAF мора да покаже дека женските спортисти со повисок вкупен Т [тестостерон] имаат разлика во перформансите што ги доближува кон предноста што машките спортисти обично ја имаат над женските атлетичари; не дека женските спортисти со повисок Т имаат конкурентна предност над своите врснички. Со други зборови, тоа мора да биде голема разлика во перформансите, која CAS ја стави во опсегот од 10-12%. Она што се откри во студијата не е нималку блиску до ова “.

Во медиумското известување за случаите Semenya и Chand, се дигна многу врева околу нивното рурално воспитување, како да има директна врска меѓу нивното родно место и нивната генетска шминка. Всушност, Camporesi вели дека нема научни докази кои укажуваат на тоа дека хиперандрогенизмот е повеќе распространет на глобалниот југ отколку што е во Велика Британија. “Тоа би било погрешно … скептична сум за секоја теорија која тврди дека ова зависи од расата. Може да се должи на различни причини. Може да дојде во блага форма како што е синдромот на полицистични јајници [кои засегаат една од пет жени во Велика Британија]. ”

Camporesi верува дека белите спортистки досега не биле вознемирувани, бидејќи тие најчесто не мора да се усогласат со “визуелните тригери”, родени од западните идеи за женственоста. “Мојата интуиција вели дека секако претставува притисок врз жените да се усогласат со одреден хетеронормативен стандард на женственост. Можеме да направиме некои екстраполации врз основа на табелата што беше вклучена во регулативите на IAAF за хиперандрогенизам. ”

Табелата за рангирање која Camporesi ја посочува е базирана на систем кој првично бил создаден од двајца лекари кои работеле во Англија во 1961 година. Во моментов, регулативата е суспендирана, но пред да се донесе ваквата одлука на CAS, овој систем беше дел од пристапот на IAAF за регулирање на женските натпревари.

Читањето на прилогот е како да се среќавате со нешто од друго време. Вознемирувачки е да се земе во предвид дека овој пристап се користел до 2015 година. Тој вклучува дел за хирзутизам (прекумерен раст на влакна) кој вклучува “листа за оценување”, која опфаќа 11 различни делови од телото, со придружни илустрации. Исто така, поддржува линија на прашања поврзани со отстранување на влакна на лицето – кои методи? колку често? – а вклучува и проценка на “мирис од пот”. Ова е мерење и категоризирање на женските тела на алармантен начин.

Кога приказната на Semenya првпат излезе, се сеќавам дека бев изненадена од сигурноста со која луѓето околу мене разговараа за нејзиниот род, врз основа на нејзиниот изглед. Ако Semenya беше бела, со долга коса и шминка, ќе го имаше ли истото ниво на негодување?

Ja прашav Sisonke Msimang за таа визуелна листа за проверка од IAAF, институција која ги гледа обоените жени низ нефлексибилната, бела, западна леќа. “Вистина е, јас седам тука разговарајќи со вас и имам кратка коса, речиси непостоечка, а тоа е многу честа појава за жените во Јужна Африка која не се чита како машка или буч”, вели Msimang . “И, се разбира, ако погледнете наназад историски, идејата за бела женственост отсекогаш била изградена vis-a-vis со црната женственост, па она што е убаво во белата жена, ако и црната жена има особини кои го отсликуваат тоа, тогаш и таа се смета за убава. Во спротивно таа се смета за грда “.

Белата женственост е стандардната женственост. “Црните жени секогаш ќе бидат на погрешната страна од тој спектар. А згора на се’ тоа е Caster, која има хиперандрогенизам, па нештата стануваат уште подраматични. Но, драмата е веќе вткаена во начинот на кој е поставена оваа категорија “.

Semenya стана јужноафриканската cause célèbre. “Луѓето се заинтересирани за приказната на Caster од секакви причини – род, идентитет и сето тоа – но мислам дека луѓето се интересираат за Јужна Африка како последна колонијална постава.” Msimang упатува на писателот и академик од Јужна Африка Njabulo Ndebele за заштитата од интернационалната белина. “Постои мислење дека Јужна Африка е поседувана од бели луѓе насекаде. Тие можат да се преселат таму, да се чувствуваат удобно. И имам чувство дека нешто се случува со ова прашање околу Caster Semenya, што е делумно во врска со Јужна Африка, сопственоста на Јужна Африка. Таа е навреда за сечиј сензибилитет, особено британскиот сензибилитет “.

 

Го споменав акцентот ставен на потеклото од “рурална заедница” на Semenya и Dutee Chand, како тоа да се случува само некаде надвор од колонијалната контрола, длабоко во “шумата”. Msimang се смее. “Тоа е точно. Тоа е, исто така една од причините зошто Јужноафриканците ја поддржуваат толку силно. Има поголема борба во врска со Caster Semenya. Сите ја сакаат Caster Semenya, повеќето патријархални, мизогини хомофоби ја сакаат Caster. Побарајте го хаштагот #castersemenya и ќе видите колку е универзално обожувана од Јужноафриканците “.

Msimang вели дека допрва треба да се појави вистинска основа на движењето кон залагање за еднаквост на жените во спортот. На пример, Banyana Banyana, женскиот фудбалски тим на Јужна Африка, не се платени да играат и покрај освојувањето на Купот на COSAFA во септември, и добиваат многу малку признанија. Оттаму, одобрението на Semenya доаѓа од универзалноста на доживеаното искуство.” Тоа е признание за неправедните начини на кои се гледа и зборува за Caster. Таа стои за нешто поголемо. Serena секогаш е хипермаскулизирана, враќајќи се на стереотипите што ги имавме многу години. Значи, кога црна жена постигнува одлични резултати, таа станува мотив за одреден вид на надминување. Луѓето можат да покажат дека дискриминацијата е реална со укажување на начинот на кој се третираат овие исклучителни фигури. Тоа е како, “Тие се толку неверојатни, а дури и тие се подложени на она што ние го доживуваме – па кои се шансите за нас?” И, се разбира, ние ќе навиваме за нив, бидејќи тие се нашиот амблем. ”

Нештата отидоа кон “лошо” не во генетиката на овие спортистки, туку во начинот на кој тие беа третирани од големите организации и покрај нивната посветеност на спортските вредности, фер игра и етика. На само 18 години, и тоа со одличен успех на националниот јуниорски шампионат, Chand вели дека е исцрпена од тестот за родова верификација. Според нејзиното сведочење, на барање на Атлетичката федерација на Индија (AFI), тинејџерката отпатувала 1,700 километри до Делхи за тест на крвта, за да и’ биде кажано дека нема кој да и’ го направи, па наместо тоа, ќе и’ направат ултразвук. Нејзините клиторис, вагина и усни биле прегледани, како и нејзините гради и срамни влакна. (AFI ја оспорува верзијата на Chand за овие настани.)

Потоа, AFI испрати загрижено писмо до Sports Authority of India предупредувајќи дека таквите случаи се “срам” за нивната меѓународна репутација. На Chand веднаш и’ беше забранетo да се натпреварува, освен ако не се согласи да се подложи на хормонска терапија. Таа одби.

Многумина се плашат од етичките импликации од принудувањето на спортистите да земаат лекарства или да се подложат на интервенции кога нема медицински причини да го сторат тоа. Katrina Karkazis, биоетичарката од Стенфорд, предупредува на зголемениот ризик од остеопороза по операциите, додека во Списанието за клиничка ендокринологија и метаболизам, Peter Sonksen, пензиониран професор по ендокринологија, забележува дека постапките за “феминизација” со осакатување на клиторисот и делумно отстранување на гонадот се “неетички”. Иако IAAF ги покрива трошоците за медицинските процедури, тие не плаќаат за нега на спортистките, вели тој, потенцијално влијаејќи негативно врз спортистките од југот, кои можеби немаат пристап до хормонски третман или здравствени проверки. Специјалниот известувач на Обединетите нации за здравство, Dainius Pūras, ги осуди клиторидектомите – таканаречен “феминизациски” третман што се спроведе на четири женски спортисти за време на Лондонските олимписки игри – како форма на осакатување на женските гениталии.

Како ги разбираме овие приказни во голема мера се должи на раскажувачите. Shireen Ahmed, канадска спортска новинарка, нагласува колку ние на западот зависиме од неколкумина за да раскажеме глобално значајни приказни. Како муслиманка, страствена за спортот и жртва на забраната за хиџаб, Ahmed ја напушти својата работа во социјалните служби за да стане спортска новинарка и да ја разниша хегемонијата. “Една од причините што влегов во ова е што навистина го мразам начинот на кој се напишани приказните за муслиманските жени во спортот”, објаснува таа. “Сите тие се напишани од бел маж. Има многу малку разбирање за геополитичкиот контекст, дека муслиманските жени не се монолит “.

На западот претпоставуваме дека ги имаме сите одговори, но Ahmed истакнува дека во Канада женската професионална хокеј лига не се плаќа, и покрај тоа што е национален спорт. Тие добиваат стипендија за храна и нивните патни трошоци, и тоа е тоа. “Бев шокирана кога го дознав ова. Сакаме да се претставиме како развиени земји, Велика Британија, Канада, Австралија. Но, борбата на жените во спортот е универзално иста, без разлика дали тоа се Matildas кои се борат за еднакви плати, данскиот женски тим, Lionesses од Англија”.

Таа ја споменува расправијата на Женското светско првенство во фудбал на ФИФА од 2015 година, кое се одигра на вештачка подлога во Канада, и покрај тоа што женските ѕвезди на фудбалот спроведоа правни дејства против ФИФА. “Па, Канада сега се кандидира за Машкото светско првенство во 2028 година и не се залага за вештачка подлога. Се залага за трева. Тоа е навистина смешно, бидејќи со жените беше: “Имаме зима до април, па нема начин на кој можеме да ја одржуваме тревата. Па, да, освен ако тоа не е за мажите.” Ahmed се смее очајно обидувајќи се да најде меѓународен женски спорт на телевизија во Канада. Кога се одржа Европскиот шампионат на жени во 2017 година, телевизиските мрежи емитуваа шампионат во “corn hole” – буквално фрлање на вреќи во дупки на дрвена табла – наместо женски фудбал. “Можеш ли да замислиш? За Европскиот шампионат на мажи, натпреварите ги имаше на секоја голема мрежа. Не можете да изградите публика ако не емитувате. Тоа е смешно.”

Со текот на годините, Ahmed ги следи различните случувања околу спортот и хиџабот – од укинувањето на забраната од страна на FIFA и FIVB Beach Volleyball, до тековните битки во женскиот бокс и одбојката.

Кога пишуваше за Олимпискиот одбојкарски натпревар во 2016 помеѓу Египет и Германија – грубо наречен “бурка наспроти бикини” – Ahmed го откри вознемирувачкиот диктат на женската опрема. “Не сфатив дека федерацијата за одбојка им додели женски бикини со врвки на долниот дел. Бев запрепастена. Ја започнав статијата мислејќи дека станува збор за контролира на муслиманките, но тоа беше контрола на она што сите жени ќе го носат. Имаше една жена од Холандија, која сакаше да носи заштитник за осип со кратки ракави. Таа мораше да добие посебна дозвола само за да носи маица, наместо бикини. Не постои истото ниво на контрола кај машките униформи “.

Светот на спортот е принуден да се спротивстави на третманот на жените. Женскиот фудбал на глобално ниво се бори со Нигерија во знак на протест поради неплатени плати, а Данска и Аргентина штрајкуваат поради еднакви плати и услови. Тоа не е само прашање на спортистите. Second Source, група на новинарки кои работат во Велика Британија, неодамна беше формирана, со меѓупартиска политичка поддршка, за справување со сексуалното вознемирување и злоупотреба во медиумите. Многу е потребно. Како што пишувам, новинарка ми испраќа слики од пораки што таа ги добила заради тоа што се осмелила да даде спортско мислење на социјалните медиуми; и’ велат да се самоубие и да се врати во кујната. Тоа е честа појава за многумина во нејзината улога.

“Навистина не е комплицирано да се осигура дека жените се вклучени, едноставно не е”, вели Ahmed. Но, за жал, идејата за еднакво поле за играње во спортот продолжува да ги изневерува жените; во 2018 година, треба да бидеме подобри. ”

Извор