Месец на гордоста 2017: aктивизам, квир капитализам и десничарска квир токенизација

Месец на гордоста 2017: aктивизам, квир капитализам и десничарска квир токенизација

Од: Elena Gagovska

[Слика 1 Skopje Pride Weekend лого. Credit: Игор Делов и Бисера Крцковска]

Прв пат отидов на македонски Прајд настан во јуни 2016та година кога имав можност да ја гледам афро-американката, интерсекс, родово квир изведувачка, уметница и воедно прекрасна личност Ваџинал Дејвис. Таа проектираше дел од нејзините експериментални филмови и одржа една од најзабавните Q&A сесии што кога било сум ги видела. Андерс Стефановски, еден од моите најдобри и најквир другари, и јас тогаш бевме дел од прославата на Прајд додека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште беше на власт, терајќи ги своите токсично хетеронормативни политики. Лани немаше преголемо учество на Прајд викендот, а присутните во најголем дел беа квир. Годинава, со тоа што Андерс сѐ уште полагаше испити во Холандија, а и доаѓањето на СДСМ на власт само неколку недели пред овогодинешниот скопскиот Викенд на гордоста, настанот ми предизвика сосема различно чувство.

 

Имајќи предвид дека Прајд настани, како и ЛГБТИ центарот и неофицијалниот геј бар „Дамар“ биле нападнати од страна на маскирани хомофоби во минатото, не беше воопшто чудно што пред да излезам од дома моите родители ме прашаа дали овогодинешниот настан ќе биде безбеден. Не само што беше безбедно, туку луѓето беа во одлично расположение. „Луѓето почнаа да се oпуштаат откако падна ВМРО,“ искоментира другар ми Игор. Кога стигнав кај „Станица 26“ дури тешко ми беше да го најдам Игор веднаш поради големата толпа од стрејт и квир луѓе кои чекаа да влезат. Темата на овогодинешниот скопски Викенд на гордоста беше „Транс-формации“ — наслов кој сугерираше повеќе конотации. Една трансформација, се разбира, беше од политичка природа, односно промената на власта во Македонија, што дефинитивно придонесе кон оптимистичката атмосфера на овогодинешниот Прајд викенд. За прв пат во историјата на Македонија, скопскиот Викенд на гордоста беше отворен од страна на новоназначениот министер за култура, Роберт Алаѓозовски. Г-динот Алаѓозовски, чиј физички изглед е надвор од македонските норми, рече „Јас сум дел од вас,“ и зборуваше за подготвеноста на новата влада во правец на подобрувањето на состојбата на македонската ЛГБТ заедница. Несомнено бевме сведоци на историски момент.

[Слика 2: Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, канаѓанската уметница Cassilis и активистот Славчо Димитров на отварањето на Скопскиот Викенд на Гордоста. Жарко Чулиќ/Skopje Pride Weekend/www.queer.mk]

Сепак, целиот овој напредок не го надомести отсуството на мојот најдобар другар — знам, малку е себично од мене. Кога го прашав какво значење има овој конкретен Прајд настан за него, Андерс објасни: „Скопскиот Прајд е многу посубверзивен и порадикален од Прајд настаните на Западот. Кај нас, не е голем ‘забавен настан’ каде што луѓето само маршираат по улица и прават забави, каде што претежно може да се сретнат луѓе кои  припаѓаат на општествено прифатлива слика за тоа како изгледаат ЛГБТ луѓето. Не би го употребил терминот ‘queerness’ бидејќи не сметам дека тие заслужуваат толку ‘радикална’ етикета. Наместо тоа, скопскиот Прајд има разновидни настани кои прикажуваат различни искуства, перспективи, тела и идентитети, не само најбилдани бели геј мажи или слични конвенционални изгледи и луѓе.“ Со присутноста на говорници и изведувачи од разновидни заднини, кои често изведуваат акти во форма на перформанс арт, фотографија и други медиуми, Прајд во нашата прилично конзервативна држава е инклузивен за многу идентитети без да се конформира кон еден вид на нехетеросексуалност. На пример, на перформансот од 23ти јуни на француските уметници Hélène Bee и Victor Marzouk со наслов „Метарод“, еден од изведувачите носеше реквизит што изгледаше како пенис од околу 30 центиметри, додека другиот на глас ги читаше апсурдните сексуални закони на светот кој тие го создаваа на сцена, сатиризирајќи ги постоечките непишани сексуални/родови правила на нашето глобално хетеронормативно општество. Еден закон, на пример, гласеше дека сексуални односи би можеле да се случат само со претходно потпишан договор. Секако, оваа претстава не се обидува дa задоволи поконзервативни публики кои би преферирале наративи на моногамни геј парови како Камерон и Мичел од серијата „Современо семејство“. Наместо тоа, оваа претства комплетно ги одбива хетеронормативните вредности како такви и бара простор за постоење на повеќе од еден вид на квир.

За разлика од претставата на Bee и Marzouk, лицата и телата кои се најзастапени и најекспонирани на Прајд се често оние кои веќе ги исполнуваат хетеронормативните стандарди за убавина, правејќи ја нехетеросексуалноста полесно сварлива за стрејт мнозинството. Бидејќи скопскиот Викенд на гордоста не се обидува да угоди на статус-квото, може да се каже дека директно влече инспирација од корените на Прајд и движењето за ЛГБТ права. Кој има познавање од квир историјата, би знаел дека движењето за геј права почнало со Stonewall бунтовите од 1969та година. Анти-геј законите во САД биле толку екстремни во 60-тите што политичката клима наложувала појава на радикално општествено движење. На пример, „покана за хомосексуални односи била нелегална во Њујорк, и ималo закон кој ѝ дозволувал на полицијата да апси луѓе кои носеле помалку од три полово-соодветни парчиња облека“. Геј баровите како Stonewall Inn во Greenwich Village (Њујорк) биле меѓу малкуте места каде што квир луѓето можеле да бидат безбедни. На 28ми јуни 1969тата година почнале бунтови кои траеле шест дена како резултат на полицискиот напад врз Stonewall Inn и апсењето на 13 луѓе кои биле обвинети за непочитување на државниот закон за носење полово-соодветна облека. Meѓу првите луѓе кои почнале да се спротивставуваат на полицијата биле две трансродови жени: афро-американката Marsha P. Johnson и порториканката/венецуелката Sylvia Rivera. Овој факт е често забораван, или во случајот на ‘whitewashed’ филмот „Stonewall“ (2015) oвие важни жени се заменети со русокос, бел геј маж од страна на режисерот Robert Emmerich. Првиот Прајд бил бунт и се залагал за драстична промена на статус-квото, не за наоѓање мал простор во нормативноста каде што би можела да се смести ЛГБТ популацијата. Прајд бил за бескомпромисен „queerness“ на ЛГБТИ луѓето кoи се спротиставиле на цис-сексистичкото, расистичкото, хетеронормативното полициско насислство поддржано од страна на десничарски политики.

[Слика 3: Трансродовата активистка Sylvia Rivera. Credit: Kay Tobin Lahusen/AARP]

Stonewall бунтовите, како и многуте видови активизам кои дошле по нив, имаат помогнато многу за ЛГБТ заедницата да добие посилна поддршка во некои делови од светот. Обединетите Нации (ОН) ги декларираа геј правата како човекови права во 2016та година, некои држави признаваат транс* луѓе и трансродови идентитети и 25 држави го легализираа истополовиот брак. Многу луѓе се само-идентификуваат како поддржувачи на квир заедницата, и секако, ова е нешто за што треба да се радуваме и што треба да го славиме. Поддршката на ЛГБТ правата се има зголемено со толкав интензитет што сега многу компании и корпорации сметаат дека би имале повеќе придобивки ако за време на јуни се обојат во виножито и ја поддржуваат квир заедницата, отколку да ѝ се спротивставуваат. Е сега, ова е нешто што треба да нѐ загрижува.

 

Искрено, мојата прва реакција на привремената Facebook функција Rainbow Pride react-от беше еден вид возбуда и дефинитивно прекумерно користење. Дури му пишав и на Андерс да постира нешто геј за да можам да ја искористам функцијата; исто така беше супер забавно да се користи на ВМРО постови. Сепак имав проблем со тоа како новата функција беше воведена од страна на Facebook. Не беше веднаш дотапна за сите: за да ја добиете функцијата, требаше да ја лајкнете LGBTQ@Facebook страната за нејзиното овозможување. Се разбира, ова не е тешко. Проблемот е во тоа што Facebook направи многу искалкулиран бизнис потег со оваа функција. Со овој потег Facebook ја задоволи квир заедницата без да ги налути своите покозервативни и десничарски корисници кои не би сакале да ја добијат функцијата. Наместо да заземат бескомпромисен про-ЛГБТ став, Facebook профитираше на популарноста на Прајд во одредени кориснички бази без да ги загуби своите десничарски корисници. Ова не е активизам, ова е квир капитализам.

[Слика 4: Skittles прајд кампања. Credit: The Lad Bible.]

Друга компанија која профитираше од Прајд е Skittles. Веќе втора година по ред Skittles се откажува од своето вообичаено шарено пакување, заменувајќи го со комплетно бела амбалажа, тврдејќи дека „за време на Прајд, само едно виножито е важно“. За да докажат колку стварно ја поддржуваат квир заедницата, Skittles изјавија дека ќе донираат по 2 пени од секое продадено пакување на Tesco’s LGBT+ добротворните иницијативи. Ако ова го гледаме само површно, изгледа безопасно, дури можеби и корисно. Но, ова е навреда за тоа што Прајд би требало да биде. Ако Skittles навистина сакале да ѝ помогнат на квир заедницата, требало да се откажат од поголемиот дел или целиот профит од оваа кампања. Наместо тоа, Skittles одлучија да го искористат Прајд како маркетинг алатка за да продаваат повеќе бонбони и за да го зголемат нивниот корпоративен профит под фасадата на отвореност и добротворни цели. Изгледа дека „queerness“ им е важен на Skittles сѐ додека може од него да се ќари, a ЛГБТ луѓето очигледно вредат само 2 пени по пакување.

 

Овој вид квир токенизација може да доведе до многу поподмолни последици од зголемување на корпоративниот профит. Ваквото искористување на ЛГБТ заедницата може да биде злоупотребено за да се оправдаат угнетувачки десничарски режими маскирани со плиток либерализам. На 15ти јуни, поранешниот десничарски српски премиер и сегашен српски Претседател, Александар Вучиќ ја назначи Ана Брнабиќ за нова премиерка на Србија. Брнабиќ, која претходно беше министерка за јавна администрација и локална самоуправа, стана првата србинка и првата отворено геј лидерка на Балканска држава. Сама по себе, оваа вест е возбудлива. Секако, тоа е и поентата на таков политички потег. Но Брнабиќ беше поставена, не избрана. Претседателот Вучиќ не само што бил бивш поддржувач на југословенскиот/српскиот диктатор Слободан Милошевиќ — политичар кој раководел со авторитарен режим во Србија и бил обвинет за воени злосторства, вклучувајќи и геноцид. Како претседател на Српската Прогресивна Партија (која е прогресивна само по името), Вучиќ има користено националистичка реторика, многу веројатно бил учесник во креирање на изборна измама и ги има контролирано медиумите до степен на кој тоа предизвика протести во повеќе српски градови оваа пролет. „Проблемот со [назначувањето на Брнабиќ] е што тоа ќе ја маскира реалната слика за состојбата на граѓанските и човековите права во Србија“ изјави за The Guardian Бобан Стојановиќ, политиколог од Белградскиот Универзитет.

[Слика 5: Новата српска премиерка Ана Брнабиќ. Credit: Alexa Stankovic/AFP/Getty Images]

Со други зборови, овој потег на српската влада е класичен „pinkwashing“. Pinkwashing е термин кој се користи за да се објасни феноменот каде одреден политички или корпоративен ентитет се промовира како пријателски настроен кон ЛГБТ заедницата за да замаскира други негативни аспекти од истиот ентитет. Освен тоа што не постои законодавство што препознава истополови врски, општото јавно мислење за ЛГБТ заедницата е многу проблематично и загрижувачко. Според The Guardian „65% [од српската популација] верува дека хомосексуалноста е болест, а 78% сметаат дека хомосексуалноста не би требало да се искажува во јавност“. Со толку висока стапка на хомофобија, Србија ни под разно не би можела да биде држава во која би се носеле прогресивни про-ЛГБТ закони, не па во која би можела да избере геј премиерка. За жал, овие мислења биле претворени во насилни дела во минатото: Белградската Парада на гордоста често била предмет на хомофобично и трансфобично насилство. Но за време на владеењето на Вучиќ, имало антагонизација и на други малцинства, особено албанците — владата на Вучиќ испрати воз во Косово украсен со православни икони и реченицата „Косово е Србија“ напишана на 21 јазик, зголемувајќи ги тензиите помеѓу двете држави. Дали Брнабиќ ќе се докаже како способна премиерка е скоро нерелевантно. Јас, лично, крајно се сомневам дека таа може да биде добар лидер се додека Вучиќ сѐ уште има политичка функција т.е. тој би ја имал вистинската моќ, а таа би била само марионета. Најважно е да се напомене дека назначувањето на Брнабиќ не е ништо повеќе од обичен „pinkwashing“, дизајниран да го одвлече вниманието на пошироката европска и интернационална јавност од српската длабоко корумпирана, угнетувачка и авторитарна влада.

 

Овој Месец на гордоста, како и секој друг месец, важно е да ги препознаеме чекорите кои се веќе преземени кон постигнување на поголема еднаквост и да ги славиме различните сексуалности, тела, родови и идентитети. Но, овие достигнувања нe смееме да ги гледаме на некритички начин. Мораме да се сетиме за што сме се бореле и за што треба да продолжиме да се бориме ако сакаме да се постигне некаков реален напредок во однос на човековите права и вистинско прифаќање на ЛГБТ заедницата во денешното општество. Првиот Прајд почнал со цигла, не со Facebook Pride React. Првиот Прајд бил за препознавање на различните идентитети, не корпоративни профити обоени во боите на виножитото. Првиот Прајд се борел против полициска бруталност, а не за да може лезбејка да биде дел од режим кој поттикнува насилство против малцинства. Движење кое е почнато со нешто толку субверзивно како што биле Stonewall бунтовите мора да продолжи да биде фокусирано на радикални политики, вистинска инклузија и бескомпромисна квир различност.

Извор