Квир еманципацијата на почетокот на Советскиот Сојуз

Превод: Јулија Мицова

Почетоците на периодот кој го бележи Советскиот Сојуз, покрај моќта на работниците и граѓанската војна е обележан и со целосна трансформација на општествениот живот. Голем дел од движењата против опресијата во 1960тите години ги имаат своите зачетоци во првите години од развојот на Советскиот Сојуз. Во текстов, Ира Ролдугина приложува опширно писмо испратено од геј маж, потпишан само со иницијалите НБ, до доктор ценет од страна на советските власти, а кој добивал писма од ширум Русија. Писмото го содржи неговото лично сведоштво за сексуалните политики на почетоците на Советска Русија. Текстот е поделен во два дела, првиот е приложен во контекстот, а вториот во писмото на НБ.

 

Минато и контекст

Не постои закон, ниту конвенција што ќе нè убеди дека нашите постапки се криминални и ненормални.

 

Никогаш нема целосно да се дознае за севкупниот обем на репресиите во СССР, ниту пак ќе се разберат нивните механизми се додека и понатаму бројни документи остануваат недостапни за историчарите, а често и за роднините на засегнатите. Дел од документите и понатаму се под клуч во архивите на Федералната служба за безбедност, расфрлани насекаде низ Русија. Во 2014 година, статусот на строга доверливост на поголем број документи поврзани со активностите на советските безбедносни агенции беше продолжен за уште 30 години, во согласност со одлуката на меѓуресорната комисија за заштита на државни тајни. Сепак, и покрај недостигот на податоци, историчарите постигнаа виден напредок во анализите на советската репресија и процените за бројот на жртвите.

Во 1934 година, во советските криминални кодекси беше објавен текст за „содомија“ (оригиналниот термин бил „мужеложство“), зачуван во статутите во 1993 година. За разлика од осудените врз основа на фамозниот „политички“ член 58, осудените според членот 121 од Криминалниот кодекс на Руската Советска Федеративна Социјалистичка Република (најголемата република во СССР) не се препознаени како жртви на политичката репресија од страна на државата или општеството во пост-советска Русија. Тоа значи дека сé уште знаеме многу малку за животот на геј луѓето во СССР и опресивните форми со кои се соочувале. Советската статистика, преземена од списокот на строго доверливи документи објавени во 1990тите години, посочуваат дека во просек меѓу 1.000 и 1.500 мажи во Советскиот Сојуз биле осудувани на основа на овој закон годишно. Потешко е да се пресмета точно уште колку лица биле уценувани и присилени да соработуваат со безбедносните агенции.

Многу помалку се знае за лезбејките. Законот не важел за нив; наместо тоа, репресијата кон нив зазела форма на патологизација. Релевантната медицинска документација била уништувана по одреден период или била класификувана како строго доверлива. Ѕидот на тишина помогнал властите во современа Русија да изградат реторика на „традиционални семејни вредности“ и да усвојат закони „против пропагирање на хомосексуалност“. Преживеаните од затворите во логорите и болниците во Советската ера сè уште одбиваат да проговорат отворено за искуството, и тоа со добра причина.

Меѓу ректите исклучоци може да се вброи мемоарот напишан од археологот Лео Клајн, „Светот наопаку“ (The World Turned Upside Down), напишан под псевдонимот Владим Самоилов, употребуван од Клајн во неговите не-академски дела. Познатиот советски и руски археолог и историчар објаснува дека конфликтот со администрацијата во Универзитетот во Ленинград при крајот на 1970тите години бил причина за судски процес против него на основа на член 121. Како резултат, бил лишен од академската титула, по што неговата репутација била уништена. Наведениот пример посочува колку лесно и ефикасно бил применлив текстот за „содомија“ за решавање на спорови со противниците. Клајн детално го опишува затворскиот систем, и позицијата на геј мажите во истиот. Мали биле шансите дека геј маж може да излезе жив од затворот, ако ништо друго секако се стекнувал со сериозна повреда. Самиот Клајн бил заштитен од статусот на припадник на „интелигенцијата“, па приказната ја раскажува од аспект на сведок а не на учесник.

„Традиционалноста“ на сексуалноста во советската и руската реалност е тропа што постојано се повторува. Дополнително е зајакната со стигмата околу хомосексуалноста, што ги спречува луѓето да се борат за сопствените права или да зборуваат во прво лице. Сепак, постојат и поинакви приказни.

Репресиите зачнати со развојот на болшевичката моќ, засилени со големиот терор од 1930тите години, прикриле бројни револуционерни општествените процеси кои за малку избегнале политичка дефиниција. Таков феномен е родовата еманципација, со влијание врз сите геј луѓе во целата земја. Болшевиците го анулираат законот за „содомија“ во 1917 година, со одлука опширно разгледувана и развивана за време на царска Русија. Важна улога одиграле и други дополнителни процеси: зголемената мобилност на популацијата, секуларизацијата, се поголемата писменост, и изменетата природа на патријархалното семејство. Левичарските идеи, присутни во општеството од крајот на 19 век, придонесоа поопипливо сфаќање на апстрактните концепти за правдата, во врска со специфични околности на конкретни лица. Исто така, слабеењето на цензурата по револуционерните настани во 1905 година го отворија патот за бројни преводи на популарна европска медицинска литература. Во таа литература, геј луѓето често биле патологизирани, но барем опишувани и анализирани со научни термини наместо со термини на религиозна моралност. Познатото дело на австрискиот психијатар Крафт-Ебинг (1840–1902), преведено на руски неколку пати, содржи настани раскажани од прва рака. Откако беше објавено првото австриско издание, во кое Крафт-Ебинг вклучува описи на клинички случаи од сопствената медицинска пракса, читателите почнале да му пишуваат со желба да ги споделат сопствените погледи и искуства. Со текот на времето, по бројни изданија, делото еволуира во збирка на приказни раскажани од самите геј луѓе. Рускиот превод на книгата помогнал еманципацијата на геј луѓето да стане повидлива и во руските извори. Русите исто така почнале да пишуваат писма.

Слична збирка на писма е сочувана во архивата на Владимир Бекхтерев (1857-1927), издадена од мене. Бекхтерев бил психијатар, невролог, психолог и основач на Психо-невролошкиот институт. Почнува да работи со геј луѓе за време на царска Русија, со примена на методи на хипноза. За време на советскиот период станува влијателен и баран. Со финансиска поддршка од страна на новата власт, тој постојано патува во големите руски градови каде врши предавања и презентации. Писма испратени до докторот од сите делови на Русија сé уште постојат. Неговите одговори не се зачувани затоа што докторот немал секретар. Бекхтерев самиот ја вршел сопствената кореспонденција, а според интензитетот и тонот на писмата што ги добивал, се стекнал со довербата на публиката и бил почитуван. Покрај вообичаените барања за лекување на цел спектар од нервни и други болести, архивата вклучува писма со сосем поинаков фокус: каде лица, кои чувствуваат привлечност кон припадници од истиот пол, не бараат од него да ги излечи, туку водат еден вид на дијалог со експертот. Воопшто не е случајно што писмата често наликуваат на кореспонденција меѓу Крафт-Ебинг и неговите читатели. За да ја сфатиме оваа нивна постапка, потребно е накратко да објасниме кои всушност биле тие луѓе.

Неопходно е да се истакне дека писмата се напишани од луѓе кои припаѓаат на иста социјална група. Потекнуваат од пониските социјални класи, со мал степен на образование (барем во поглед на систематско образование) и припаѓаат приближно на истата генерација. Тоа се луѓе родени при крајот на 19 век, израснати со раширената левичарска реторика во руското општество, кои ги искусиле новите можности создадени со промената на режимот во 1917 година.

На пример, Татјана Мирошникова, поранешна селанка на студии на Институтот за народно образование во Екатеринослав (сега Днепр) кон средината на 1920тите години му пишува на Бекхтерев:

Што се однесува до жените, ги сакав и сè уште ги сакам како што ниеден маж не може да ги сака. Служев во Црвената армија, се грижев за девојки како што за нив би се грижел секој маж. Привлечноста понекогаш беше толку силна, и сè уште е, што доколку ме изневереа страдав од силна љубомора. Заради тоа и бев во затвот. Чувствата на привлечност не можам да ги опишам со зборови. Сега сум студент на Работничкиот Факултет во Днепропетровск на Институтот за народно образование. Овде живеам веќе три години, имам девојка, со која живеам повеќе од две години, и ја сакам толку многу што, во знак на нашето пријателство, таа го зеде моето презиме. 

 

Писмо испратено од жител на Ростов, потпишан единствено со иницијалите Л.Г. почнува со извинување, „Почитуван читателу, барам прошка за грешките во изборот на зборови и интерпункцијата, како што се точките и запирките, а кои се резултат на моето лошо образование. Имам 35 години, и сум педераст […] или како вие би ме нарекле хомосексуалец.“ Со прости зборови и испрекинати реченици, грешки во синтаксата и интерпункцијата, овие луѓе, кои не се познавале взаемно, пишуваат детални описи за околности кои само пред дваесетина години биле поимани како грев, изречени во вид на исповед. Овој тип и слични докази пронајдени во архивата несомнено потврдуваат дека, покрај големата општествена катаклизма и политичките промени се одвивал уште еден, многу помалку видлив настан. Во новата, рационална и секуларна Русија, еманципацијата на луѓето за кои привлечноста кон припадници од сопствениот пол била составен дел од нивниот идентитет претставувало уште едно револуционерно постигнување, луѓе кои, буквално во рамките на една декада, откако биле забележени и проценети од страна на властите, биле отсечени со таргетирани репресии и воведување на закон за „содомија“.   

Во меѓувреме, во архивата на Бекхтерев во очи паѓа едно писмо испратено од Одеса. За разлика од другите, писмото е напишано на машина за пишување, и е прилично подолго. Авторот не се потпишува со целосното име, туку ги дава само иницијалите НП. За сопствениот живот раскажува во форма на памфлет напишан во одбрана на сопствените права, притоа откривајќи бројни интимни детали. Веднаш се истакнува елегантниот стил на пишување, нетипичен за останатите писма. НП истакнува дека е роден во Сибир во големо селско семејство но дека вложил голем труд за да се стекне со образование и детално го анализирал сопствениот живот. Очигледно е дека вложил и многу време при составувањето на писмото, внимателно поделено на подглавја со наслови: „Достигнувањата во нашиот заеднички живот“, „Како револуцијата влијаеше на нашиот сексуален живот“, „Дали претставуваме опасност за општеството“.

Писмо од НП до д-р Бекхтерев

Почитуван професоре,

Во вашето предавање открив многу реални одлики на животот во нашето општество. Поточно, голем дел од напишаното во писмото од Ростов е прецизно претставено. Сепак, не можам во целост да се согласам со Вашето мислење дека сексуалната привлечност сосема зависи од воспитувањето, иако, секако, тоа е возможно до одреден степен. Спротивно на вашето уверување, ќе наведам неколку примери од сопствениот живот, и од животите на луѓе слични мене. Израснав во селско семејство во Сибир. Имам двајца браќа и две сестри. Браќата и сестрите се нормални луѓе. Но сепак, и покрај материјалните услови – нема смисла да зборуваме за начин на воспитување бидејќи бевме селани – од петоројцата, од најраното детство, веќе почувствував поинакви чувства и желби во однос на сексуалните односи. Од мали нозе бев феминизиран. Сакав да чистам соби, да шијам, да си играм со кукли и да се облекувам во женска облека, со женски додатоци за коса. Подоцна самиот си правев перики и носев женски накит. Носев корсет, а во детството се дружев единствено со девојчиња. Избегнував да си играм со момчиња затоа што беа груби. Никогаш не започнував тепачки, не користев погани зборови, не поднесував цигари и алкохол. Внимавав секогаш да бидам чист, да ја одржувам собата чиста, не носев валкана долна облека и сакав цвеќиња. Со други зборови, не пројавив „нормални“ карактеристики на маж, како што е на пример грубост, пијанчење, простотилак и слично. Го критикував начинот на кој мажите се однесуваат со жените, кога овие ќе си земеа за право преголема слобода, кога инсистираа жените да бидат чесни и верни, или кога дури најрасипаните мажи бараа невина девојка за жена. Тоа вистински ме измачуваше. За мене блуден маж е полош од проститутка, бидејќи проститутките потребата ги натерала да го изберат тој пат, додека блудните мажи што ги посетуваат проститутките го прават тоа само за задоволување на сексуалната желба. Кога веќе почнав да созревам, открив дека повеќе ме привлекува сопствениот пол“. 

 

НП спомнува левичарските убедувања, од голема важност за него, и опишува како го сретнал партнерот со кој живеел веќе 17 години во периодот кога го напишал писмото до Бекхтерев. Не го наведува името на партнерот.

 „Секако, животот во провинциските гратчиња е невозможен за нас, благодарение на патријархалната природа, и клаустрофобичната униформност на жителите. Токму затоа е подобро да се живее во поголем град, каде може полесно да се сокрие нашата наклонетост, бидејќи во големите градови дури и соседите не знаат што правиш или кој си. Во 1907 година бев во театар и добив можност да разговарам со млад војник кој седеше веднаш до мене. Во текот на разговорот сфативме дека имаме слични политички погледи, односно дека обајцата ја поддржуваме левицата. Веднаш станавме блиски пријатели. Од театарот ме испрати пешки до дома. Ноќта ја поминавме заедно. Од тогаш сме интимни […] Освен сличностите во политичките убедувања, откривме многу заеднички карактеристики. Беше внимателен, како и самиот јас; не пушеше ниту пиеше, како што и јас не пушев ниту пиев; беше скромен, нешто што нè зближи повеќе, и не беше воопшто екстравагантен. Во заклучок, тоа ја направи нашата поврзаност поголема. По година и половина, веќе живеевме заедно во едно домаќинство. Помеѓу нас немаше никакви сомнежи и недоверба. Не водевме посебни сметки. Заработените пари, поточно парите што јас ги заработував бидејќи тој служеше војска од каде добиваше само 8 рубљи месечно, ги делевме. Тогаш потпишавме брачен договор, бидејќи мислевме дека тоа ќе помогне да воспоставиме уште поблизок однос еден со друг. Така, живееме заедно веќе 17 години без кавги и расправии.  

 

Во самиот текст, авторот нуди објаснување за префинетоста на стилот на пишување како и длабинска анализа нетипична за некој со селанско потекло. НП пишува дека, иако до 21 година бил неписмен, постигнал голем интелектуален напредок благодарение на партнерот, кој бил академски настроен.

„Кога се сретнавме, обајцата, особено јас, бевме речиси неписмени, но мојот пријател беше упорен во учењето. Стануваше среде ноќ за да учи. Неговата амбициозност влијаеше позитивно и на мене, па јас исто така почнав да учам. Во текот на година и половина учев за руската историја, рускиот јазик, математика –  алгебра, историја на литературата, а почнав да ги изучувам и природните науки. Редовно го читав локалниот весник и Петроградскиот финансиски весник. На кратко, научив да уживам во читателските и академски стремежи. Секако, начинот на живот беше огромна предност што се однесува до мојот развој. До мојата 21 година бев сосема неписмен, но по две години заеднички живот моето познавање прилично се зголеми. По отслужувањето на воениот рок одлучивме да се преселиме во Москва за да ги довршиме студиите. Животот во Москва придонесе кон уште поголем развој на моето образование. Градот нудеше голем избор на неделни и вечерни училишта. По четири години живот во Москва се стекнав со диплома од основно училиште и одлучив да продолжам со студиите“.

 

Авторот понатаму изнесува зачудувачки детали. Пред почетокот на Првата светска војна, НП со партнерот тргнуваат за Германија, каде имаат намера да го продолжат образованието. Патувањето во странска земја, за личност што потекнува од пониска социјална класа, а кој не мигрира во потрага по вработување или други професионални потреби, за тој период претставува исклучителен настан. Впечатоците од земјата, споделени со Бекхтерев, преовладуваат со философски призвук и потсетуваат на граѓанско новинарство, што ги прави уште поисклучителни.

„Веќе првиот ден, на 1ви август според новиот календар, бевме уапсени под обвинение за шпионство и поминавме три дена во самица. Сепак, периодот поминат во изолација не помина залудно. Ги прочитавме сите книги од затворската библиотека и научивме многу. Начинот на живот на германскиот народ ми остави голем впечаток. Многу нешта ме привлекоа. Таму ја пронајдов уредноста и чистота. Совесност и уредниот живот. Открив што се може да се постигне доколку се ползува секој момент, односно доколку не се губи време. Додека патував по Елба ме счудоневиди редот што преовладува таму. Секоја педа земјоделско земјиште беше обработувана. Сето тоа постигнато со рацете на човекот. Таму ја воочив поделеноста меѓу нашата татковина и Германија. Ме зачуди фактот што поранешните водачи на нашата земја, повеќето од кои со германско потекло, не посветиле никакво внимание на сопствената земја. Во тој период сексуалниот живот меѓу нас двајца замре како резултат на здодевноста. Во 1918 година бевме испратени во Петроград. Се придружив на Црвената армија пред да пристигнеме во Русија.

НП посветува особено внимание на концептот за „социјална моралност“ во писмото, и на ситуацијата во која би се нашла жена во брак со геј маж. Воопшто гледано, реториката на НП е исклучителна, особено за личност со неговото потекло, иако сепак се чини доста неверојатна за човек од било кој статус во тој период.

 „Познато е дека таквите нешта се прават без согласност од жените, па во тој случај секој од нас би можел да биде казнат, доколку постои волја за тоа, или обвинет за силување,  бидејќи ниту една жена нема да ги рашири нозете по своја волја, па мажот е принуден да прибегне кон физичко насилство“.

 

Во реченицава, авторот искажува идеја која подоцна, појасно формулирана, ќе стане една од главните премиси на радикалната феминистичка критика половина век подоцна, во САД во 1960тите години: идејата дека тишината во врска со патријархатот и машката доминација е репресивна дури и доколку не постои физичко насилство. Во денешно време НП би биле наречен феминист, и веројатно со право.

Најдраматичниот момент во писмото на НП е зачувано за крај. Во првиот дел од писмото се добива  впечаток дека никогаш не бил женет, веројатно со намера да постигне поголем ефект. Но подоцна ја предава приказната за бракот со жена. Неговите зборови се прилично современи, дури и сто години подоцна.

„Кога имав 19 години се оженив, за жена. Тогаш мислев дека не може цел живот да се продолжи како беќар. И што се случи. Сопругата ме сакаше. Мислев дека со време ќе се навикнам не нејзе. Имавме сексуални односи, но тоа го правев без никаква страст, речиси како обврска. Не сакав да ја навредам, и се обидов да ѝ понудам дел од тоа што ѝ требаше, но сепак се чувствував одвратно и лажно. Подоцна целиот процес ми стана сосема одбивен. Сопругата почна да забележува. Почна со воздишки и прекори. Дадов сè од себе да ја уверам дека сум човек со кого таа би можела да живее. Никогаш не ја спречив да излегува со други мажи, па нејзините неверства дури и ме радуваа, мислејќи дека на тој начин ќе успеам да се откачам од нејзе. На крајот, не можев повеќе да издржам со лагите. Сакав да останеме пријатели, но не и во брак, што беше невозможно. Не можеше да ме разбере, а ниту пак јас. Признав дека е во право. Но кој е виновникот… Секако бракот беше резултат на самите општествени околности. Дури тогаш сфатив какво злосторство имав сторено. Беа уништени два живота, особено тој на жената. Каде ќе оди сега? Беше ставена во невозможна ситуација. Сепак, во царска Русија разводот беше тежок, а жена без маж, можете да замислите што значеше тоа…“     

 

Писмото содржи дополнителни детали: за геј заедницата во градови како што е Одеса, каде НП живеел кога го испратил писмото; за прогонот на геј мажите дури и по укинувањето на законот за „содомија“, според законот за „перверзија над малолетници“; за уцените од страна на бандите во градовите; за природата на сексуалноста во целина, и за интимните врски со оние што НП ги нарекува „нормални“. Но главната цел во писмото на НП, очигледно, е одбраната на неговите права. Сака да му укаже на познатиот доктор на неправдините и арбитрарниот прогон на геј луѓето во новата советска Русија, со надеж дека можеби Бекхтерев ќе проговори на своите предавања за овие аспекти на животот на луѓето кои советските власти не ги сметаа за криминалци de jure.

„Кои се достигнувањата на културата со која толку се фалиме? Односот на властите кон нас, чии закони би требало да се засноваат на наука и логика, е сосем неправеден. Се боревме за моќта на Советите, од првиот ден на нашето постоење, и сега кога конечно живееме во мир се чини дека ги немаме истите права како сите други. Што треба да се направи? Зарем таквиот став ќе трае вечно, зарем здравиот разум нема да ги надмине застарените средновековни предрасуди“?

 

Завршните зборови во писмото на НП се зборовите на Харви Милк, познатиот американски ЛГБТ активист кој се бореше за правата на геј заедницата во 1960тите години, организираше протести против полициските рации и напади на геј баровите, и бараше декриминализација на хомосексуалноста.

„Никој не е присилен да живее како нас, и доколку започнеме врска, со взаемен договор меѓу обајцата партнери, и тоа нам ни изгледа нормално, не постојат конвенции што ќе нè убедат дека нашите постапки се криминални и ненормални. Законите се напишани од луѓе и се подложни на промени, и веруваме дека ќе дојде денот кога наште права ќе бидат конечно признаени – а тоа е граѓанското право на живот во заедница.“

 

Реториката користена во писмото, мислите и идеите искажани од авторот, и неверојатните детали на неговата биографија водат до заклучок дека овој анонимен текст е барем накитен, ако не е сосема измислен. Употребата на машина за пишување ги поддржува сомнежите. Би можело да се тврди дека е накитен доколку документот навистина е напишан од авторот во наведениот период, иако одредени факти се искривени или измислени, и доколку авторот имал поинаква општествена позиција од таа опишана во текстот. Исто така, и покрај бројните факти претставени од НП во писмото, истите не можат да се проверат или пак да се потврди авторството. Пообразована личност веројатно би напишала такво писмо, доколку имал познавања за Бекхтерев и неговиот интерес за геј мажите, со цел да создаде литературен наратив. Сепак, точна идентификација на авторот е невозможна.

Во Ленинград, осум години по претпоставената дата на составување на писмото (во 1925 година), голем број геј мажи биле тајно притворани од страна на политичката секција број 4 на тајната полиција ОГПУ (претходникот на КГБ). Стотици мажи биле уапсени и обвинети врз основа на некоја од точките на член 58 („противреволуционерни“ активности) од Кривичниот законик. По неколку месеци, заменикот на раководителот на ОГПУ, Генрик Јагода испраќа извештај до Сталин во кој го информира дека е откриено „општество на педерасти“, и во 1934 година се носи нов член 154 во Кривичниот закони на РСФСР и другите републики (во 1960 год., со воведот на новиот Кривичен законик, истиот се стекнува со број 121). Документите поврзани со овој случај, конкретно врз основа на противреволуционерни активности, се зачувани во архивата на тајната полиција. Пребарувајќи низ старите страници со лош квалитет (количеството на хартија во тој период било ограничено) на бројните тужби, и прелистувајќи ги пожолтените писма, прочитав дека на првата средба со иследникот, чиновникот/возачот/фризерот/барменот упорно тврди дека навистина е геј, но дека никогаш не се противел на советската власт. Изјавите од овој тип се многу кратки, со заклучок дека не е изнудено признание од личноста. Во прилог следи транскрипција на второто испрашување на истата личност, еден месец по првото. Сликата радикално се менува. Обвинетиот се нарекува „педераст“, одеднаш го поддржува фашизмот и крвнички се противи на советската власт, особено на колективните фами. Второто испрашување содржи опширни детали и имиња.

До документите дојдов откако го прочитав писмото на НП. Вниманието ми го привлече извештај во кој се преточени донекаде познати факти, но во овој случај се откриваат датите и местата.

„Од 1910 до 1914 година, живеев во Москва, работев на машина за пишување и посетував вечерно училиште (општа насока). Од 1914 до 1918 престојував во Германија, каде заминав во потрага по работа како и да го изучувам германскиот јазик… Во Германија заминав со граѓанинот Степан Антонович Минин. Во јануари 1919 година, доброволно ѝ се придружив на Црвената армија, и работев како член на оперативниот сектор во главниот штаб на Првата украинска дивизија… Степан Антонович Минин, со кого живеев 26 години, од 1907 година“.’

Како потписник на изјавата стои Ника Полиаков – НП.

Полиаков е роден во 1885 година, во село во регионот Иркутск. Откако ја напуштил Одеса, заедно со партнерот живеат во Ленинград во 1933 година на иста адреса – Ул. Рубинстајн, куќа бр. 15 („Куќата Толстој“), стан 561. Во септември 1933 година биле притворени од тајната полиција. Со ова се потврдува дека НП е всушност Ника Полиаков, по што се отфрла претпоставката дека писмото до Бекхтерев е лажно. Не е познато што се случило понатаму со Полиаков и Минин, откако на Специјален состанок на Колегиумот на ОГПУ се осудени на три години во логор. Случајот содржи извештај во кој се открива дека Минин е ослободен по одреден период во логорот Соловки, но не постои сличен документ за Полиаков. Возможно е дека не ги преживеал суровите услови на притворот во Беломорскиот-Балтички логор, каде уапсените во истиот групен случај ги отслужувале казните.

Писмото на Ника Полиаков претставува највпечатлив тестамент за почетоците на советската квир еманципација, чија меморија е искоренета како резултат на репресиите и присилната тишина за истополовата љубов. За разлика од историјата на женското движење за независност кое доби различни форми на институционална поддршка, квир луѓето на почетоците на Советскиот Сојуз и понатаму остануваат на дното на агендата на граѓанските здруженија. Ова делумно се должи на нивната невидливост во нормативните и законски извори, и нивното отсуство од „величествениот наратив“ на руската историја. Сепак, по прославувањето на стогодишнината на Руската револуција, реториката на оваа општествена група е исклучително современа: потребата да бидеш она што си сè уште не е очигледна. А сепак, еден глас од 1920тите артикулира аргументи релевантни и денес, притоа нудејќи опис на познати примери на опресија. Со тоа нуди еден сосема поинаков стандард за одбрана на граѓанските права и повторно го отвора прашањето „дали е возможно да се биде квир во Русија“. Сега кога историјата треба да се испише.

Писмото на Ника Полиаков, и историјата на раната советска квир агенда во 1920тите години исто така придонесува за нови материјали и увид во дебатата за концептот на „модерноста“. Често критикуван концепт, но сепак користен во неколку дела од современата историја. Неодамна во посебно издание на списанието Novoe literaturnoe obozrenie („Нова литературна критика“) се пишува како водечките историчари вклучени во дебатата за модерноста и својствените концепти всушност на крај ги презентираат сопствените интелектуални конструкции. Што е тоа што го прави општеството или личноста современа или модерна? Кои карактеристики или квалитети се откриваат при овој процес? Како и кога идејата за напредокот настапи во секојдневниот живот и како истата е реализирана во пракса? Дали модерна царска Русија при крајот едноставно била советска, или во раната советска фаза постои и сталинистичка фаза? Апсурдноста на прашањата станува јасна со значајната – и ретко проблематизирана – дистанца меѓу теориите за концептот за модерноста од една страна, и емпириските изучувања, од друга. Според мене, Ника Полиаков и историјата на општествената група на која припаѓа, сфатена низ призмата на модерноста, ќе ни помогне да ја надминеме таа дихотомија. На тој начин истовремено ги поткопуваме универзалистичките претензии на концептот, и се демонстрира како истиот се менува според времето и местото. Неговата реторика е критички настроена кон идејата за моќта како екстерна за човекот („луѓето ги пишуваат законите“), и ја објаснува неговата форма на постоење, форма со векови таргетирана како грешна, исфрлена на маргините од јавната сфера. Барањето за законитост, и сочувството со тие што искусиле слична еманципација, свеста за нивното спојување во мали заедници во градови ширум земјата – сето тоа навестува на модерност, на прогрес, во кој историчарите воопшто не наѕирнале. [1] Се чини неопходно да се додаде поинаков концепт за „модерноста“ кон веќе постоечките (Никаков, Споделен, Алтернативен или Заплеткан): Збиена Модерност.

[1] Делото на Дин Хили „Хомосексуалната желба во Русија за време на Револуцијата“ (Homosexual Desire in Revolutionary Russia) (2001) е единствената пионерска студија во оваа област, но сепак е насочена повеќе кон анализа на академската дискусија за хомосексуалноста, отколку кон субјективноста, само затоа што Хили користел поинакви извори.

Може ќе ве интересира



Основачи

  • http://www.hops.org.mk/
  • http://www.hera.org.mk/
  • http://www.egal.org.mk/
  • http://starsexwork.org/?lang=en
  • http://www.izborsr.com/

Донатори

  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество - Македонија
  • Sexual Health and Rights & Public Health Program

Тримесечник


Доколку сакате да го добивате нашиот тримесечник, внесете ја вашата адреса тука

Top