Коноп – медицинска употреба и политичка злоупотреба

Коноп – медицинска употреба и политичка злоупотреба

Барања на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници – Скопје:

  1. Бараме да престанат злоупотребите на прашањата за медицинската употреба на конопот во политички цели
  2. Бараме да се донесе посебен закон за употреба на коноп за медицински и други цели кој ќе ги има предвид спецификите на растението и бројните студии за ефектите од употребата и кој ќе овозможи:

а) лесен пристап до евтини лекови (вклучително и масло од коноп);

б) можност за сопствено одгледување за оние пациенти што не се во состојба да ги купуваат лековите/препаратите или имаат желба сами да го подготвуваат сопствениот лек/препарат

в) достапност на конопот за медицинска употреба во различни форми (за пушење, за вапоризирање, во капсули, за јадење, во форма на масло од канабис)

г) измена на постојната дефиниција на масло од коноп („Масло од канабис/коноп“ е течен смолест екстракт добиен со екстрахирање на олеорезината од надземните делови (без семето) на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и има висока содржина на канабиноидни компоненти, особено на тетрахридроканабинол (ТХЦ)“) која не ги опфаќа маслата со висока концентрација на канабидиол и ниска концентрација на ТХЦ.

д) да не се изедначува одгледувањето и производство на коноп со одгледувањето и производство на афион и да се симнат постојните ограничувања кои обесхрабруваат одгледување и производство на коноп од физички лица и во домашни услови за сопствена употреба

ѓ) да не се ограничува препишувањето на лековите од коноп само во неколку специјалистички медицински гранки и само од страна на специјалисти вработени во јавното здравство (употребата на канабисот е лимитирана со препорака на специјалисти од четири специјалистички гранки од јавното здравство со што се ограничува пристапот на пациентите до канабисот)

е) да не се казнува личната употреба, односно поседувањето заради лична употреба (сега се предвидува казна затвор од 1-5 години за вработен кај правното лице кој ќе задржи, изнесе, пренесе семе, расад, лист од коноп наменето за лична употреба)

  1. Бараме да престане фаворизирањето на финансиски моќни правни лица кои го контролираат пазарот со лекови и производи од коноп

Во анализата на законските измени, ХОПС веќе предупреди дека законските измени за регулирање на медицинската употреба на конопот не и служат на планираната цел, туку напротив – фаворизираат финансиски моќни правни лица кои ќе го контролираат пазарот со овој лек. Високите финансиски трошоци за воспоставување на услови за сеење, одгледување и производство  на канабис, ќе влијаат на висината на цената на крајниот производ. Лекови со висока цена се непристапни за најголем дел на граѓаните со што се повредува правото на лекување. Строгите критериуми за потенцијалните одгледувачи ќе го поддржат опстојување на нелегалните пазари и производство на екстракти од канабис со неконтролиран квалитет.

4) Бараме да се променат досегашните негативни практики на органите за спроведување на законот кои казнуваат за поседување на коноп за лична употреба и употреба на коноп – казнена политика која негативно влијае на остварување на правото на лекување на корисниците на коноп.

Имено, многу корисници на коноп се казнуваат заради поседување или употреба на коноп за истите цели кои се наведуваат во упатството за употреба на постојното масло од коноп: за подобрување на имунолошкиот систем, за подобрување на општата здравствена состојба, против малигни заболувања, против гадење и повраќање како последица на хемотерапија, мултиплекс склероза, епилепсија, ХИВ, за зголемување на апетитот, за ублажување на состојби на болка и за позитивни ефекти при состојби на стрес, анксиозност, нервоза, депресија, за одржување на балансор на цревна флора.

 

Извадок од дефинициите во законските измени

„31. „Коноп“ се сите надземни свежи или суви делови на растението, освен семето од различни видови на растението канабис (cannabis sativa, cannabis indica и cannabis ruderalis).

  1. „Масло од конопово семе“ е масно масло, рафинирано или не рафинирано, добиено со ладно цедење или некој друг вид на екстракција од семки на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и во себе не содржи повеќе од 10 mg/kg на тетрахридроканабинол (ТХЦ), чија примарна примена е во козметички и хигиенски производи, лубриканти, бои или како храна.
  2. „Масло од канабис/коноп“ е течен смолест екстракт добиен со екстрахирање на олеорезината од надземните делови (без семето) на растенија што припаѓаат на различни видови од родот Cannabis и има висока содржина на канабиноидни компоненти, особено на тетрахридроканабинол (ТХЦ).“

 

што не соодветствува со упатството за пациенти за Каноил – Масло од коноп 5%  ЦБД 10 ml:

 

„КАНОИЛ 5% CBD маслото од коноп не содржи THC (9-delta tetrahydrocannabinol) и THCA (9-delta tetrahydrocannabinol acid) или ги содржи во незначителни количини под 0,2%.“

 

 

Извадок од предлог законот (причини за донесување на законот), со кои се демистифицира конопот како опасност, а се промовира како лек:

 

Разликите во составот на различни видови канабис може да предизвика различни ефекти кај луѓето. Концентрацијата и соодносот на овие два најбитни канабиноиди варира кај различни видови канабис. Ако се земе во предвид фактот дека CBD присутен во комбинација со THC ги подобрува позитивните ефекти на THC, а ги редуцира негативните (психотропните), станува јасно зошто природата мудро ги споила овие два фитоканабиноиди, да коегзистираат заедно во едно растение. Постои позитивен синергизам помеѓу CBD и психоактивна компонента THC, за која со сигурност се знае дека е причината за употребата на канабисот во медицински цели.

 

Безбедност

Канабисот, наречен „марихуана, коноп” е еден од најбезбедните лекови достапни денес. Во тек на илјадници години од човековата историја, нема востановено ниту еден смртен случај од употреба на канабисот. Никој досега не починал како директен резултат на консумирање канабис или концентрирано масло од канабис.

Литературни податоци потврдуваат дека скоро и да не постои летална доза на канабис. Смртоносна доза на THC кај луѓето се постигнува, со околу 680 килограми од канабис, консумиран во рок од 15 минути (приближно), а едновремено, студиите укажуваат на тоа дека ефективната доза на THC е најмалку 1000 пати пониска од проценетата смртоносна доза (терапевтски сооднос од 1000: 1).

 

Научниците веќе објавуваат дека CBD во комбинација со  THC е далеку попотентен инхибитор на канцер клетките кај разни видови рак. Посебно ефикасен е во спречување на метастази преку механизам на апоптоза на канцер клетките.

Секако, значајна предност е што препаратите на база на канабис може безбедно да се земаат заедно со останатата конвенционална терапија против канцер и всушност може да ги намали несаканите ефекти како гадење, повраќање, болка предизвикани од радиотерапија и/или хемотерапија.

 

Означувањето на производите ќе биде јасно регулирано, да не ги доведува во заблуда корисниците дека се работи за „лек кој лекува се“, да не наведува кон самолекување, ниту да сугерира замена на конвенционалната терапија која е медицински пропишана.