Формирани два нови ограноци на СТАР-СТАР

Формирани два нови ограноци на СТАР-СТАР

СТАР-СТАР во периодот од Април-Мај, 2016 година, спроведе истражување за потребите и проблемите на сексуалните работници во два региони (северозападниот и југоистичниот) во Р. Македонија. Како цел на ова истражувањето беше постоењето на сервиси и нивното користење од страна на сексуалните работници од Гостивар и Струмица во делот на социјалната, правната и здравствената заштита, како и пристапот на полицијата.

Покрај основната цел на истражувањето, беа опфатени и други аспекти кои се од интерес за заедницата на сексуални работници, односно делот на доброволната сексуална работа, препознавањето на дискриминацијата, познавањето на основните човекови права и познавањата на правата за социјална заштита.

Сексуалните работници многу малку ги познаваат своите права, особено правото на еднаков третман во остварување на социјална, здравствена и правна заштита. Оттука, се пројави потреба од надоградување на постоечкиот пристап во однос на сервисите кои што им се нудат на сексуалните работници како и унапредување на знаењето на сексуалните работници, во однос на нивните основни човекови права и правата од социјална заштита.

Анализата на состојбата и потребите на сексуалните работници во Гостивар и Струмица поттикна да се роди нова идеја кај првото здружение на сексуалните работници на Балканот -СТАР, т.е да започне со формирање на два ограноци: СТАР – Запад и СТАР – Исток. Од мај 2017 започна со реализирање на овој нов проект и воспоставување на ограноци во Гостивар и Струмица.

Целта за реализирање на овој проект е да се изградат капацитетите на сексуалните работници во овие два града со цел да ги заштитат своите права и да ги добијат потребните услуги. Со цел зајакнување на локалните јадра предвидени се поголем број на активности меѓу кои и спроведување на месечни работилници и тренинзи.

Извор