Fever Ray – за задоволството, патријархатот и политичката револуција

Fever Ray – за задоволството, патријархатот и политичката револуција

Превод: Јулија Мицова

По штотуку издадениот Plunge, првиот албум по осум години, Карин Дреијер отворено говори за квир осознавањето, мајчинството и радостите што со себе ги носи Тиндер

 

Средбата со Карин Дрејер, ака Fever Ray, ака, едната половина од сега непостоечките Knife, ве остава збунети. Како прво, немам претстава како изгледа; таа и брат ѝ Олоф секогаш носеа маски во периодот кога го рекалибрираа електронскиот поп со бендот Knife, додека нејзиниот изглед за истоимениот деби албум од 2009 година, Fever Ray – изолиран циклус на песни кој вознемирува, а ја обработува осаменоста од новото мајчинство – претставуваше расфрлани бои за лице, еден куп сув мраз и огромни шапки налик на мртви животни. Во меѓувреме, во 2010 година, Дреијер настапи на доделувањето на наградата за најдобар танцов уметник во Шведска со простетична маска на лицето која наликуваше како да ѝ се топи кожата. Нејзиниот лик можеби се наоѓа на обвивката на ненадејниот нов албум насловен Plunge –  растрештен трактат за квир животот промовиран при крајот на минатиот месец со два клипа снимани во BDSM ноќен клуб сместен во подрум – но сепак цртите на лицето повторно ѝ се сокриени со зборовите „Fever” и „Ray” издлабени на кожата како декорација на торта. И така, кога се сретнавме пред метро станицата во трендовскиот дел на Содермалм, еден од 14те острови во Стокхолм, се чувствував како кога Дороти ја повлече завесата за да открие дека Волшебникот од Оз е обичен човек.

Дреијер, младолика 42-годишна личност, е облечена како за типичен ноемвриски ден во Шведска (носи два капута, а дебелите црни панталони се пикнати во огромни волнени чорапи). Ги соблекувам тенките ракавици без прсти, и тенкиот пролетен англиски капут, но таа вели дека го замолила менаџерот да побара од нејзиното лице за јавноста да ми најде ракавици („Ти треба волна или кожа“, додава). Муабетиме за времето („Прилично е топло за ова време во годината“, вели расположено, иако мене врвовите на прстите веќе ми се помодрени), за потоа дискусијата да премине на станбената криза во Стокхолм; за тоа колку не го сака Лондон („како да не можам да избегам од таму“); за 1994 година кога била на Ридинг фестивалот за да ги гледа Hole; и како го надминува зимскиот мрак во Шведска (постојано вежба Бикрам јога).

Сепак, најмногу изненадува нејзината отвореност – за интимни теми како што е сексуалноста и семејниот живот. Knife не често даваа интервју, а ретките разговори беа реско вршени преку Скајп. Разговорот за приватниот живот на Дреијер не беше дозволен во почетоците на Fever Ray. Сепак, денес, поминавме три часа заедно, првата половина во живописна прошетка околу западниот брег на островот, покрај поранешното музичко студио и близу нејзината куќа, додека во втората половина седнавме во едно ќоше во (за среќа) топол бар близу Лилјехолмен. Животот на оваа музичарка значајно се промени по дебито на албумот Fever Ray во 2009 година, албум создаван во рамките на нејзиното нуклеарно семејство – Дреијер со двете деца и сопругот кој е компјутерски инженер. Во албумот се говори за прекинатите врски, но исто така и за новите. Нејзините фанови забележаа дека таа веќе не го користи презимето Андерсон. „Да, се разведов. Живеев долго време во брак со еден човек, но во последните пет години не живеам повеќе со него“, вели таа. За централното дело во Plunge, This Country, песна со жесток електронски звук во чиј рефрен оди „Државава го отежнува ебењето“, Дреијер пее „уништи го нуклеарното“, референца за придржувањето кон 2,4 деца од страна на општеството. „Во албумот се пее за слободата, и за љубопитноста. Во денешно време знам дека може да се создаде семејство кое не е нуклеарно, но тогаш не знаев. Живеев како феминистка пред да родам деца и бев шокирана од односот на општеството кон мајките. Во суштина се очекува да си ги отсечеш рацете и нозете и да седиш дома по цел ден“.

Додека инспирацијата за последниот албум на Knife од 2013 година, експерименталниот и 80-минутниот Shaking the Habitual, потекнуваше од интересот на дуото за феминистичката и квир теоријата, Дреијер вели дека Plunge е помалку мотивиран од квир теоријата. „Овој пат учев преку работата“, се смее. „Имам профил на Тиндер. Во последната година влегов во неколку врски преку апликации“. А како ја дефинира нејзината сексуалност сега, ја прашувам. „Дефинитивно сум квир, но прилично родово флуентна, мислам“. Кога е на Тиндер, чиј профил врти на десно? „За тие што се дефинираат како жени“, вели со насмевка на лицето.

Објаснува дека како квир личност се развила со текот на годините. Родена во Гетебург, вели дека додека растела таму немало геј луѓе и дека градот, иако левичарски определен, е „многу сексистички настроен и хомофобичен“. Во 1994 година, со четири пријатели, мажи, го основа гитарскиот бенд Honey Is Cool, но заради нејзиното присуство бендот го означуваат како женски. „Сакавме да настапиме на еден прилично значаен фестивал во Шведска, но добивме одговор дека нема слободно место во списокот на женски бендови. Тоа беше екстремна ситуација“. Во 1998 година, решава да се пресели во Стокхолм и го основа  Knife со брат ѝ Олоф, но овој пат намерно ја изоставаат гитарската музика од новиот бенд. „Во Гетеборг постоеше мислење дека бендовите без гитари се геј. Мојата сексуалност се разви откако го напуштив тој град. Дознав дека постојат и други можности“. Во една песна од новиот албум – A Part of Us – се опишува безбедниот кожурец што го нуди квир просторот, особено во ноќните клубови. „Но се зборува и за разликата како е да се биде внатре а потоа надвор“, вели таа, посочувајќи на стихот „привлекуваме погрешно внимание овде“. „Постојано си го вардиш грбот. Дел од пријателките што изгледаат помажествено ги претепаа во Стокхолм затоа што не беа доволно женствени. Сепак, луѓето се чувствуваат безбедно овде. Не е како во Тунис или Иран, токму од таму потекнуваат повеќето мои пријатели. Таму постои смртна казна“.

Патријархалната опресија се провлекува и во стиховите што се однесуваат на обидите општеството да воспостави контрола над активностите на квир луѓето во спалната соба. „Ми се смачи кога луѓето велат: `Сега сте безбедни, еднакви, можете и да стапувате во брак`, но јас не сакам да се мажам, сакам да се ебам“! вели таа, тропајќи по масата. „Ебењето е присутно насекаде низ албумот – ебење, ебење, ебење цело време! – но мора да се истакне дека начинот на ебење поинаков од хетеросексуалниот секс е супер-стигматизиран. Моите деца не учат за не-хетеросексуалниот секс во училиште. Најмалото еднаш кога се врати од училиште ме праша: `Мамо, како имаат секс девојките? Пиче врз пиче?` На што јас одговорив: `Да, може и така`, и толку. Јасно ѝ беше. Човекот мора да знае како да го искуси задоволството.“

Полека се разжештува, не сум ја видел пожива. „До неодамна не постоеше детски збор за женскиот полов орган. Имаше збор за вагина но звучеше многу медицински. Јас кога бев дете не знаев како да зборувам за ова (посочува меѓу нозете).“ А сега постои? „Да, snippa! Но претходно не постоеше ваков збор. Во албумот се зборува за срамот, но и за срамот што произлегува од самото тоа што си жена“. Дреијер исто така говори за тоа како другите ја гледаат; дека кога ја среќаваат, луѓето очекуваат да ја видат измачкана со вештачка крв или, слично на видеата за Plunge, како замислено си игра со метален спекулум. „Знам дека кога ќе се сретнам со некого“, продолжува внимателно. „Ситуацијата е: `Дали ќе продолжат со илузијата или не? Ќе ја прифатат ли вашата фантазија“?

За Дреијер, Fever Ray претставува соло проект сокриен зад лик, или неколку ликови, во видеата или на сцена, кои имаат функција на одбранбен механизам. На прашањето зошто не издава соло материјал под сопственото име, таа одговара дека не може: „Сакам да одржам дистанца меѓу приватниот живот и работата“. (Подоцна во разговорот, не може да го сокрие задоволството дека ниту еден родител во училиштето не ја препознава.) Додека инспирацијата за албумот Fever Ray потекнува од реални искуства – особено здодевноста што ја донела новото мајчинство) има две ќерки на возраст од 10 и 14 години) – чувството на исклученост од надворешниот свет во албумот беше пренесено преку клаустрофобичниот соничен пејзаж и изливи на вокални ефекти со променливи тонови.

Сепак во Plunge музиката е поманична, стиховите повеќе се насочени кон нанадвор и се подиректни (главниот сингл To the Moon and Back завршува со „Сакам прстите да ти збрцам во пичка“), а вокалите се повисоки. Дури и насловот навестува нови почетоци и слобода. „Да, да се посветиш целосно“, вели со уста полна со чоколадна торта. „Да бидеш храбар и отворено да го сториш тоа. Сакам да си вратам дел од себеси“.

Откако излеговме од кафе барот зборуваме за To the Moon and Back. Се работи за „возбудата при излегување“. Во видеото може да се посведочи стариот лик на Fever Ray од првиот албум, но овде русата коса е заменета со избричена глава (всушност носи капа на скалпот). „Да, како тогаш кога Бритни Спирс си ја избричи главата“, вели таа за фамозниот чин на Спирс во 2007 година. „Ми се допаѓа идејата да си ја избричиш главата и да почнеш нов почеток“. За ликот на Дреијер во видеото, сепак, новиот почеток значи да биде врзана додека врз нејзе се уринира за време на прекрасна перверзна чајанка. „Се запрашав која е најфината игра што може да се одглуми“? вели и ја игнорира мојата вџашеност. „Во видеата има многу насилни игри со БДСМ, па посакав забавна улога. Си реков: „ајде да направиме чајанка, а јас да бидам маса“.

Потсетувам дека еден од ликовите уринира врз нејзе. „Се работи за фина чајанка“, продолжува таа. „Мислам дека сексот, менувањето на улоги и игрите не мора да се насилни, може да бидат и симпатични“. Интересно е тоа што ликот што уринира во видеото, истиот лик присутен во целата нејзина кампања, носи мускулест костим. Што претставува тоа? „Мислам дека се работи за личност која сака да биде сакана и да се вклопи“, вели таа. „Сакаат другите да ја забележат, и притоа да има убаво тело. Но сепак, се работи за костим, што е многу значајно; мек е.” На крајот муабетиме за опсесијата на најмалата ќерка со апликацијата за плејбек пеење Musical.ly („Се трудам да дознаам со кој е пријател на апликацијата во случај да не се лоши луѓе“); планови за пензионирање („Можеби ќе станам цвеќарка, или капетан на брод“); колку ми е жал што ќе ја испуштам промотивната забава за Plunge тој викенд. „Ќе биде во геј сауна“, вели весело. „Ќе има и магионичар“! Неизбежно, муабетот за структурите на моќта и женските тела нѐ доведе до Вајнстајн и Трамп. Се чини дека, во општеството во целина, говориме многу поотворено за огромната нерамнотежа во моќта, ѝ велам. „Да, се говори нашироко, но се прашувам каков ќе биде резултатот“, враќа таа. „(Вајнстајн) ќе си ги задржи парите, а парите се моќ. Мора да им се одземат парите; така ќе ја промениме моќта. Револуција“.

Кога ќе се случи тоа? „Можеби за 10 години“. Ја насетува мојата изненаденост и додава „Се случува. Потребно е само да се повлечеме и да почнеме од почеток“.

Извор