Fatima Al Qadiri за ризикот од создавање на арапска квир денс музика

Fatima Al Qadiri за ризикот од создавање на арапска квир денс музика

Photo by Dom Smith

На половина од нашиот неодамнешен Skype разговор, Fatima Al Qadiri ми кажа дека не сака да навлегува предлабоко во темите кои стојат зад нејзиниот нов ЕП со пет песни, Shaneera. Со жешките арапски call-and-response рефрени, распослани на кривулести мелодии и пештерски тапани кои минуваат низ Блискиот Исток и Западот, изданието на Hyperdub е можеби најклубската музика на Al Qadiri досега. Но, како и со остатокот од работата на продуцентката порасната во Кувајт, со седиште во Берлин, прифаќањето на културниот контекст во голема мера го збогатува искуството на слушање.

Проблемот со оваа плоча, вели таа, е дека е невозможно да и’ се објасни квир културата на Заливот на западната публика без да се сопнете од фактот дека нијансите ќе бидат изгубени во преводот. “Најмалку сакам да им ја објаснувам оваа плоча на стрејт луѓето – нив не ги засега”, вели таа. “Не сакам да зборувам во име на квир Заливот. Мислам дека не е фер некој да ја преземе таа улога “.

Неизбежната загуба на значењето преку границите е тема на која Al Qadiri често се навраќа. Нејзиниот фасцинантен деби ЛП од 2014 година Asiatisch , според неа е “за замислената Кина креирана преку западен филтер – како рап и грајм продуцентите земале кинески теми, им дале моќ и ги реинтерпретирале во нивната музика”. Насловот на Shaneera исто така ја навестува кружната природа на овие размени, а доаѓа од арапскиот сленг што еден од пријателите на Al Qadiri не можел да го изговори, а подоцна и бил усвоен во неговата погрешно изговорена форма од страна на нејзините квир пријатели во Кувајт. Терминот се однесува на злобната кралица која му пркоси на родот, лик кој Al Qadiri го отелотворува како нејзиното злобно алтер его, речиси непрепознатлива со дрег шминка, на омотот од ЕП-то.

И покрај нејзината воздржаност, Al Qadiri прави осврт на некои од текстовите на Shaneera и објаснува зошто тие ќе изнервираат некои луѓе.

 

Pitchfork: Што значи насловот на ЕП-то и што значи за тебе?

Fatima Al-Qadiri: Shanee’a е арапски збор, и како многу арапски зборови, има слоевитост во значењето: подмолна, злобна, одвратна, водечка, погана. Пред неколку години, го подучувавме галеристот на GCC, Stephan Sastrawidjaja, како да изговори “shanee’a”, а тој упорно велеше “shaneera”. Значењето е исто, но станува збор за погрешен изговор. Многу ни’ се допадна и почнавме да го користиме.

Што е она што те привлече кон овој термин како доминантна тема на албумот? Слично ли е значењето на shaneera со она што “queen” значи во геј сленгот овде?

Не баш – тука конкретно станува збор за злобна кралица. Фасцинирана сум од злобните кралици. Тие се многу примамливи и одбивни во исто време и ми се допаѓа таа дихотомија. Исто така, сакав да го разјаснам фактот дека таа е лик – привремена состојба или дело – а не личност.

Кога излегува на површина твоето shaneera алтер его?

Излегува кога некој ја закача (се смее). Ја чувам скриена; таа дефинитивно не е јавна личност. Но, ако навистина тролате на мојот Твитер-фид, ќе видите мали траги од моето shaneera однесување.

Отпрвин мислев дека на омотот на албумот гледам дрег кралица – но тоа си ти! Интересно е како хипер-женскиот изглед тешко се разликува од дрегот, што често е субверзија на женственоста. Имаше ли намера да ја истражиш оваа двосмисленост?

Уште од кога бев тинејџерка во Персискиот Залив ја истражувам родовата перформативност. Не сум родов антрополог, но имам чувство дека постои екстремна бинарност меѓу женственоста и мажественоста во Заливот. Од рана возраст, знаев дека не сакам да бидам дел од тоа. Родот е огромна сива област, а проблемот со дефинираните улоги е дека тие ги покриваат недефинираните.

Омотот е инспириран од застарените слики на поп-дивите во арапскиот свет. Ако некогаш сте виделе омоти на албуми на арапски женски поп-ѕвезди, изгледаат како на дизајнерот да му биле исплатени пет долари за да ги направи, а екстремната женскост на нив е восхитувачка. Речиси сум сигурна дека никогаш повеќе нема да бидам на омотот на моите плочи, но сметав дека одговара бидејќи се истакнува дека секој може да биде shaneera. Вашата мачка може да биде shaneera. Со ова ЕП сакав да ги нагласам прашањата: Што е дрег? Што е женственост? Кој е злобна кралица? Одговорот е: сите.

Која е разликата на родовата перформативност на Заливот од онаа на Западот?

Постојат многу зборови за машките улоги и можеби два за женските [на арапски]. Овие зборови не постојат во англискиот јазик, па веќе имате голем семантички јаз, а и многу се губи во преводот. [Од друга страна], “квир” се’ уште е англиски збор, и не постои арапски еквивалент, во небинарна смисла.

Кога сме кај јазикот, арапските вокали имаат голема улога на ова ЕП. Користеше ли семплови?

Не. Текстовите ги преземавме од дрег и комични скечови, но ги преснимивме. На пример, “Is2aleeha” е од легендарното YouTube видео на најпознатата дрег кралица на арапскиот свет, Bassem Feghali, која е во улога на една многу позната египетска телевизиска водителка. Моите пријатели се опседнати со скечот, но квалитетот на звукот беше ужасен, па мојата соработничка Bobo Secret го пресними текстот. Излезе дури и  подобро, бидејќи Bobo Secret има неверојатен глас.

Како материјал користеше и разговори од Grindr.

Најголемиот дел од стиховите во “Alkahaf” – што значи “Пештерата” – како и оние во насловната песна се земени од Grindr разговори. На пример, единствениот англиски стих на албумот е “masc only”, рутински услов во квир културата што значи “само мажествени”.

Lama3an, една од вокалистките, вели “masc only” па Bobo Secret и’ одговара: “Зошто?” Таа се фрустрира од мажественото тело како хегемоничен тип на квир тело.

Вокалите звучат моќно и драматично, особено со ехо-ефектот. Изледа си сакала да се осигураш дека луѓето ќе ги разберат.

Дефинитивно сакав да бидат разбрани. Да речеме дека сите зборови се многу непристојни – тоа е драмата на злобната кралица. Суштината на овој запис е тоа што го направив за и со моите пријатели во Кувајт. Возбудена сум да го слушнат арапските говорници, и, се разбира, се радувам што сите други ќе го извозат како кога слушаат нешто слично на кудуро [посебен стил на анголската денс музика, типично испеан на португалски] – не го разбирате текстот, но сепак уживате. Не сакам да давам изјави што ја задоволуваат западната перспектива, бидејќи се губи во превод.

Соопштението за медиуми, мелодиите ги нарекува “Арабески” – што точно значи тоа?

Има голема разлика помеѓу арапските и западните скали. Едната користи четврт-тонски систем, а другата не. Значи, за да можам да компонирам вистински арапски мелодии ми треба арапска тастатура, а јас немам. Па така, морав да компонирам арабескни мелодии.

Каква атмосфера се обидуваше да издејствуваш?

Сакав да создадам клубска, забавна атмосфера. Ова е весела плоча, но истовремено ти вели и “Еби се!”, што е во духот на злобната кралица shaneera. Користев комбинација на тапани од Заливот и Западот. Најтежок дел беше миксањето, бидејќи тапаните од Заливот имаат многу голем одглас – го проголтуваат целиот микс. Беше кошмар да се најдат аудио инженери кои знаат како да ги миксаат.

Според кои критериуми се водеше во процесот на одбирање на вокалистите?

О, боже, мислев дека никогаш нема да ја завршам плочава. Навистина е проблематично да изговорите “whore house”. На англиски, никому не му е гајле. Но да го изговорите на арапски – тоа е табу тема. Слетав во Кувајт минатиот ноември и бев поканета на забава истиот ден, и таму ги запознав сите соработници. Сите освен еден човек [вклучен во ЕП-то] имаа псевдоними, па затоа толку и можам да кажам за нив.

Откако ги најдов вокалистите, големото прашање беше: каде да снимам? Атмосферата во студијата во Кувајт е супер-машка, и нема ништо полошо од тоа да се појавите таму и да снимате педерска музика. Но, на истата забава се запознав и со мултимедијалниот уметник Zahed Sultan, кој е пријател со речиси сите вокалисти и има студио во неговиот стан. Тоа беше олеснителна околност, бидејќи снимавме во безбеден простор каде можевме да бидеме раат.

Мора да била ептен добра забава.

Имаше 30-тина луѓе на забавата, а пет од нив беа клучни за оваа плоча. Да не беа овие околности, немаше ни да ја направам плочава. Ќе беше претешко. Ја снимив плочава за забава, но ќе навреди некои досадни стрејт луѓе, кои се мнозинство во арапскиот свет.

Извор