Дискриминација во колумна објавена на порталот „Тетова Сот“

Дискриминација во колумна објавена на порталот „Тетова Сот“

 

 

 

 

 

соопштение до медиуми  15.11.2017

По поднесена претставка до Комисијата за заштита од дискриминација од страна на Коалицијата СЗПМЗ, на иницијатива на Коалицијата СЗПМЗ и ЛГБТ Јунајтед – Тетово во врска со дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата во колумната „Хомосексуалноста како одвратна и перверзна дегенерација“ од авторот Саваш Велиу, објавена на порталот Тетова Сот, Комисијата донесе позитивно мислење и утврди вознемирување и дискриминација врз основа на сексуална ориентација во горенаведениот текст.

Во спорниот текст, авторот и порталот се служат со вознемирувачки говор и говор на омраза. Конкретно, авторот тврди дека Хомосексуализмот преставува сексуална девијација, односно еден физиогенски недостаток со психо ментално пореметување, што е во спротивност со самата природа. Хомосексуализмот – ЛГБТ се смета од професионалците како штетен за луѓето, бидејќи тоа се базира врз едно погрешно верување дека си лезбејка, хомосексуален, бисексуален или транссексуален. Ова води кон зголемување на проблемите со менталното здравје за средината на ЛГБТ поради неговата стигматизација. До неодамна хомосексуалното се сметаше како ментална болест. Дури со одржување на здравствената Конференција одржана во Америка 1973 год, лекарите го отстранија хомосексуализмот од листата на нервни болести. Од тогаш перверзните хомосексуалци се сметаат како нормални луѓе!“. Самиот автор е свесен за фактот (и истиот го потенцира) дека уште во 1973 година Американската асоцијација на психијатри ја трга хомосексуалноста од листата на ментални болести. Покрај тоа, Светската Здравствена Организација во 1992 ја исфрли хомосексуалноста од Меѓународната класификација на болести и здравствени проблеми. Поради ова, неиздржани и неточни се ваквите ставови дека „хомосексуализмот“ се смета од професионалците како штетен за луѓето и дека претставува сексуална девијација и пореметување.

Во своето постапување, Комисијата  утврди поттикнување на дискриминација и вознемирување по основ на сексуална ориентација во спорната вест. Комисијата во овој случај не разгледува дали кај порталот постои некаква намера да дискриминира или да врши вознемирување и се осврнува на тоа дека вознемирување ќе постои и во случај да не постои намера, доколку последиците се такви да го повредуваат достоинството на групата како целина. Исто така, Комисијата смета дека не е потребно да постои конкретно лице на кое му се повредени правата за да постои вознемирување кога се погодува групата како целина. Вреди да се напомене дека за истиот овој текст, позитивно се има произнесено и Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, која утврдила дека постои прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија во овој текст.

Коалицијата СЗПМЗ и ЛГБТ Јунајтед – Тетово го поздравуваат ова Мислење на Комисијата. Се надеваме дека во иднина Комисијата на овој начин ќе се произнесува и за други случаи и дека ваквото одлучување ќе стане практика секогаш кога постои дискриминација врз основа на сексуална ориентација, со што ќе се промовира почитување и унапредување на човековите права, наместо нивно загрозување.

Претставката е дел од процесот за елиминирање на дискриминација во медиумите, поддржан од УСАИД проектот за инклузија на ЛГБТИ луѓето.

 

Лице за контакт:

Драгана Дрндаревска

078 200 675