Дискриминаторска содржина во учебникот „Општество“ за 4то одделение

Дискриминаторска содржина во учебникот „Општество“ за 4то одделение

Мрежа за заштита од дискриминација: Дискриминаторска содржина во учебникот „Општество“ за 4то одделение

uchebnik

 

Мрежата за заштита од дискриминација  смета дека учебникот „Општество“ за 4то одделение содржи дискриминаторски текстови врз основа на брачен и семеен статус, но и врз основа на религија.

Веќе многу родители реагираа дека вежбата во учебникот со која се бара од учениците/чките да залепат фотографија од свадбата на родителите, и уште повеќе да кажат дали истите склучиле брак во црква или во матично е крајно вознемирувачка, исклучувачка и стигматизирачка кон сите оние деца и родители кои живеат во нетрадиционални семејства. Ваквата вежба и текст значат дискриминација за децата кои живеат во еднородителски семејства, кои можат да настанат преку развод на брачните другари, смрт на родителот/ите, деца кои живеат во семејства со други роднини, па дури и кон родителите кои живеат во вонбрачна заедница или родителите кои склучиле граѓански брак, но не направиле свадба. Понатаму, освен вежбата и останатиот дел од учебникот во делот каде се учи за бракот и семејството, има содржини кои ги исклучуваат и стигматизираат нетрадиционалните семејства. Со ваквата содржина во учебниците освен што се дискриминираат и стигматизираат цели групи на деца и родители и негативно се влијае врз развојот на децата од неконвенционалните семејства, исто така се оневозможува пристапот до точни и релевантни информации на секој ученик/чка преку градење на исклучувачка слика за  тоа што значи „нормално“ семејство, оневозможувајќи да се осознаат различностите и градејќи негативни стереотипи кај учениците уште од 4то одделение.

Како Мрежа за заштита од дискриминација, се повикуваме на антидискриминациските одредби во Законот за основно образование, Законот за заштита и спречување од дискриминација кој изречно ја забранува дискриминацијата врз основа на семејна и брачна состојба, како и на Законот за семејство кој изречно ја забранува дискриминацијата на децата родени во и надвор од брак. Исто така апелираме до надлежните институции како Државен просветен инспекторат, Биро за развој на образование, Министерство за образование и наука, Народен правобранител и Комисија за заштита од дискриминација, да преземат чекори во нивна надлежност за отстранување на ваквата содржина и замена на истата со соодветна содржина која ќе ги претстави сите типови на семејства и заедници, и со тоа ќе ги исполни целите на образованието и ќе ги почитува законите на Република Македонија. Доколку надлежните институции не постапат по службена должност, Мрежата за заштита од дискриминација ќе поднесе претставки со цел отстранување на дискриминаторската содржина.

19.10.16

Лице за контакт: Драгана Дрндаревска 078200675

Мрежата за заштита од дискриминација има за цел да развива стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните и меѓународните судови. Развојот на домашната практика е поттикната преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на дискриминација. Мрежата беше воспоставена во декември 2010 од страна на следните организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС – Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Ромска Oрганизација за Mултикултурна Aфирмација РОМА С.О.С. – Прилеп; Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуалнапопреченост – ПОРАКА