Димитров: Другоста – како клучен елемент на слободата

Димитров: Другоста – како клучен елемент на слободата

Во рамки на дискусијата „Стеснување на просторот за граѓанско дејствување“, што се одржа во вторникот во организација на фондацијата „Хајнрих Бел“ – Канцеларија во Сараево и ЦИВИЛ-Центар за слобода, програмскиот координатор на Коалиција ‘Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’ изјави:

„Кога би ја претворил мојата презентација во текст би ја нарекол ‘Како сите станавме педери’, или како допрва треба да станеме сите ‘педери’… Нужност од другоста, како клучен елемент за преосмислување и критика на секоја власт која има потенција да стане тоталитарна, насилна и исклучувачка. Другоста – како нужност за замислување на слободата, можност да бидете нешто друго од тоа што сте. Во суштина, тоа е вистинската карактеристика на борбата за еднаквост и за еманципација на сексуалните и родови малцинства“.

„Сакам да укажам на слепилото што владееше, вклучувајќи го и граѓанското општество и пошироко помеѓу граѓаните, еден подолг период, додека монструозното, тоталитарното лице на власта на Никола Груевски, дојде до израз уште во моментите пред да стапат на власт. Тогаш, никој не ги сфаќаше сериозно, јасните тенденции за протофашистичка и тоталитарна власт. Во 2006 година, во предизборната кампања, Антонио Милошевски тврдеше дека од здрава ќе станеме болна, дегенерирана нација, и во неполна година од нивното доаѓање на власт, ги презедоа првите нетранспарентни иницијативи за промена на законите. Прв пример за тоа беше Законот за семејство, во којшто ја редефинираа интимната, односно, партнерската заедница“, рече Димитров.

„Денес, сите што ќе се борат за своите и за правата на граѓаните, се карактеризираат како предавници на нацијата, сите се закана за безбедноста на државата, сите се опасност, сите кои ‘клеветат’ на западните сили… Да ве потсетам, ние ‘педерите’ ги доживувавме уште одамна, кога голем број од граѓаните не беа свесни што ги очекува, всушност, пред да се освестат – дека сите станавме ‘педери’!“, смета Димитров.

„Секоја акција за стеснување на граѓанското општество, мора да биде пресретнато од широк, колективен и солидарен отпор! Секое кукање и лелекање потоа, може да биде предоцна!“ беше дециден Димитров.