Дали тестостеронот нè прави злобни?

Charles Ryan има клиника во Сан Франциско во која редовно ги ослободува мажите од нивниот тестостерон. Оваа “хемиска кастрација”, како што понекогаш е позната, не е казна, туку е чест третман за рак на простата. Тестостеронот не предизвикува болест (моментално третиот најсмртоносен рак во Велика Британија), но ја разгорува, па онколозите користат лекови за да ја намалат количината произведена од тестисите.

Ryan добро ги запознава своите пациенти со текот на годините, слушајќи ги нивните грижи и следејќи ги промените од опаѓањето на нивото на тестостерон. Бидејќи го вклучува т.н. “машки хормон”, терапијата предизвикува егзистенцијални предизвици за многу од оние што ги третира. Тие знаат дека секој ден, милиони луѓе – од бодибилдери и спортисти кои мамат, до жени во менопауза – ги зголемуваат природните нивоа на тестостерон со цел да го зголемат либидото, мускулната маса, самодовербата и енергијата. Тогаш, што се случува кога хормонот е потиснат? Може да го изгубат сексуалниот нагон? Нивната сила? Нивната волја да победуваат?

Стравот не е секогаш неоснован. Несаканите ефекти може да подразбираат и замор и зголемување на телесната тежина. Но, Ryan е сведок и на позитивни аспекти. Како професор по медицина и урологија на Универзитетот во Калифорнија, тој забележал дека студентите по медицина кои поминале низ неговата клиника во текот на 18-те години откако лекува рак на простата, постојано коментираат: “Д-р Ryan, Вашите пациенти се многу фини”. Тој им одговора низ шега: “Тоа е затоа што немаат тестостерон. Тие не можат да бидат злобни “.

Има ли вистина во тој одговор? Ryan знае дека неговите пациенти не биле отсекогаш љубезни. Пред да им биде одземен нивниот тестостерон, тие можеби биле пристојни и вешти во муабетење, но не биле ниту најмалку заинтересирани за другите луѓе. Тој ја претпоставил следната хипотеза: како што се намалува нивото на тестостерон кај мажите, така нивниот капацитет за емпатија ќе се зголеми. Во неговата нова книга The Virility Paradox, тој тврди дека “фактот дека намалувањето на тестостеронот кај овие мажи кои стареат може да доведе до зголемена емпатија, зголемен емоционален инпут во врските и намалување на агресијата би можело да значи дека сето ова има и светла страна”.

Ryan започна да ги мери “коефициентите на емпатија“ кај пациентите, користејќи анкета развиена за проучување на аутизмот. Прерано е да се објават детални резултати, вели тој, но “гледаме зголемување на емпатијата кај многу пациенти кои се третираат”.

Тој, исто така, се нурна во литературата за тестостерон, обидувајќи се да разбере што точно им се случува. И покрај неговиот обид, тој сепак наишол на многу малку убедливи докази за многуте тврдења околу тестостеронот, како што е поврзаноста помеѓу нивото на хормонот и преземањето на ризик или сексуалното насилство. “Постои многу двосмисленост во науката”, вели тој. Многу од овие студии биле спроведени на разочарувачки мал број луѓе.

Ryan е еден од неколкуте истражувачи кои го испитуваат прифатеното знаење за тестостеронот. Тоа често се користи како изговор за патријархалното општество, низ аргументи од типот на: жените, со нивните пониски нивоа на тестостерон, еволуирале за да бидат негувателки и да работат во домаќинството, додека мажите се програмирани да ризикуваат, да се натпреваруваат и да оплодат што е можно повеќе жени со сперма со цел да се одржи иднината на видот. Но, како што истакнува Ryan, “очигледно, однесувањето и когнитивноста се извонредно комплексни и не се сведуваат на една молекула”.

Психологот Cordelia Fine уверливо го гради случајот дека нашата култура, а не нашите хормони, најмногу влијае врз родовото однесување. Како што пишува во Testosterone Rex (добитник на наградата за научна книга на Royal Society за 2017 година), тестостеронот е именуван како виновникот за финансиската криза во 2007-08, но истражувањата покажуваат дека иако жените имаат пониски нивоа од мажите, тие може да имаат повисок апетит за ризик – дури и кога станува збор за финансиски одлуки. Таа откри слични стории кога станува збор за еволутивната потреба за повеќе сексуални партнери (повеќе бебиња се прават ако жените спијат наоколу, исто така) и конкуренцијата за статус.

Храброста на Fine во предизвикувањето на научното статус кво може да се смета за класично однесување под дејство на тестостерон. Таа има муда, може да се каже. Таа тврди дека многу типични женски однесувања, како што е одлуката да се има деца, се полни со ризик, само што не се смета на женскиот ризик кога станува збор за митологијата на тестостеронот.

Иако Ryan и’ приоѓа на темата од друг агол, двата автора нагласуваат колку малку истражување постои за тестостеронот кај жените. А сепак, знаеме дека е од витално значење за нив (на пример, оралната контрацепција ги намалува нивоата на тестостерон, што може да доведе до ниско расположение и либидо). Тоа, исто така, може да влијае на сексуалната ориентација, пишува Ryan, со студии кои покажуваат дека “само-опишаните лезбејки најверојатно имаат [индикации за] повисоки нивоа на фетален тестостерон отколку жените кои се идентификуваат како хетеросексуалки”.

Недостатокот на истражувања не ја спречи жестоката дебата за улогата на тестостеронот во женскиот спорт, при што високите нивоа се сметаат за неправедна предност. Атлетичарката Caster Semenya, која освои златен медал во 800 метри за жени на Олимпијадата во 2016 година, има екстремно високи нивоа на природен тестостерон за жена. Таа мораше да го докаже својот пол и медицински да го потисне хормонот пред да се натпреварува (иако оваа одлука во моментов е суспендирана). Во меѓувреме, во 2016 година, Меѓународниот олимписки комитет пресуди дека трансродовите жени може да се натпреваруваат без операција, под услов нивните нивоа на тестостерон да не бидат повисоки од оние на цисродовите жени.

Не дека нивоата на тестостерон се конзистентни кај некого. Тие постојано растат и паѓаат, во согласност со сезоната, здравјето, партнерскиот и родителски статус, возраста, времето од денот (повисоки наутро) и емоционалните одговори. Кога еден човек ќе чуе жена што плаче, неговиот тестостерон се спушта. Кога едно лице се грижи за своето дете, окситоцин – хормонот на “поврзување” или “љубов” се зголемува, додека тестостеронот паѓа. Ако се забележи закана за статусот или територијата, тестостеронот повторно се зголемува. Ситуациите, па дури и културата, се оние кои го регулираат хормонот. Тестостеронот, и кај мажите и кај жените, исто така функционира низ системот на “постојана глад“: кога победувате, имате скок на тестостеронот, кој покрај тоа што прави да се чувствувате доминантни и уверени, ја зголемува чувствителноста кон хормонот – охрабрувајќи дополнителна самодоверба и желба за победа.

Друга опасност при проучувањето на тестостеронот е дека постојат три значајни мерки за тоа колку е силна неговата моќ во вас. Можете да ги проверите нивоата во крвотокот, но веќе знаеме како тие варираат. Втората мерка е бројот и сензитивноста на андрогените рецептори, кои значително варираат од личност до личност. (Тестостеронот е еден од трите хормони познати како андрогени, а рецепторите се она што им овозможува да делуваат на клетките во нашите тела.) Трета мерка е количината на тестостерон на кој сме изложени во матката, од кој најголемиот дел се произведува од самиот фетус. Оваа изложеност е потешко да се измери, иако разликата помеѓу должината на показалецот и “венчалниот прст“ често се користи како маркер. Според оваа теорија, колку е помала разликата, толку е поголема изложеноста на плодот.

Оваа сложена мрежа, вели Ryan, значи дека реакциите на терапијата за хормонална супресија “се многу варијабилни, базирани на вродената биологија на индивидуата. Имам пациенти кај кои намалувањето на тестостеронот не резултира со несакани ефекти. Всушност, тие велат: “Се чувствувам подобро. Мојот мозок е помалку заматен со нападни мисли за секс и слично. ‘”

Во еден експеримент со огледална слика, писателката Ann Mallen неодамна изјави дека случајно нанесувала тестостеронска крема на нејзината кожа секој ден во текот на еден месец поради забуна во аптеката. Таа напиша за Washington Post дека нејзиниот сексуален апетит постанал постојана дистракција, како и нејзините нови напади на “ирационален гнев”. Таа заклучи дека “под високиот лелек на нашите полови хормони, ние не сме ниту мажи ниту жени“.

Бидејќи жените повеќе реагираат од мажите на дополнителниот тестостерон, тие се користеа во една од клучните студии за тоа како тестостеронот во суштина го отстранува товарот на емпатијата од моралните одлуки. Познат е како “експериментот со трамвај”. Замислете трамвај кој забрзано се движи по шините кон пет несвесни работници. Има лост кој би го пренасочил трамвајот на друга шина, но има еден човек што работи на таа шина. “Треба да убиете некого за да спасите петмина други”, вели Ryan, и мора брзо да дејствувате.

Истражувачите на Универзитетот во Утрехт на некои од субјектите им дале доза тестостерон ноќта пред да ги соочат со дилемата. “Бројот на испитанички кои би убиле со цел да ги спасат луѓето и нивната сигурност во извршувањето на делото се зголеми”, вели Ryan. “Двосмислените искази беа значително намалени.”

Со ова не се вели дека емпатичните луѓе не можат да донесуваат тешки одлуки. Хормоните се мал дел од сложената когнитивна слика. Aaron, успешен адвокат, кој бил третиран од Ryan, бил умешен во потиснувањето на неговата емпатија за да добие случај. Но, со оглед на тоа што неговиот тестостерон почнал да се намалува, тој се загрижил и почнал да го прашува Ryan за неговото семејство. На еднен термин тој прашал дали “станувањето емоционален” е несакан ефект од неговиот третман, откако тој заплакал на крајот од посетата на неговата постара мајка. “Како и многу други пациенти”, пишува Ryan, “Aaron гледа на овие настани со изненадување. Хормоналната терапија не беше толку лоша како што тој очекуваше, и признава дека всушност ги цени некои од ефектите што ги има врз него.”

Сепак, овој резултат го загрижува Ryan. “Големиот случај оди на суд, а Aaron е главниот адвокат. Дали нивото на тестостерон на 10% од нормалното ќе влијае врз неговата работа? “, пишува тој. Одговорот е не: Aaron не го изгуби убиствениот инстинкт во судницата.

Добивате впечаток дека Ryan намалувањето на тестостерон го гледа како сила за социјално добро. Земете го за пример неговиот пациент Marcus, осумдесетгодишник кој сѐ уште е посветен тркач. Кога неговиот ризик од рак бил доволно низок, тој ја прекинал терапијата за сузбивање на хормони и почнал да зема дополнителен тестостерон за да ги изедначи неговите ефекти. “Тој доаѓаше и зборуваше за неговиот полумаратон, кревањето тегови, неговата помлада девојка”, вели Ryan. “Тој никогаш не зборуваше за никого освен за себе”. На крајот, тој мораше да се откаже од суплементите, бидејќи неговите маркери за рак повторно се зголемија. “Тој исчезна повеќе од една година, па се врати и сега се грижи за својата ќерка, ги собира своите внуци и е добар дедо. Мислам дека е погрешно мажите кои стареат да мислат дека треба да имаат високи нивоа на тестостерон, бидејќи на тој начин ја плаќаат цената во однос на нивните врски. Постануваат повеќе самоцентрични, немаат емпатија “.

Но, повторно, тоа е комплицирано и зависи од индивидуата. “Многу мажи, како што стареат, се чувствуваат слаби и ја губат мускулната маса, ја губат самодовербата, па затоа не велам дека никогаш не треба да користиме дополнителен тестостерон”.

Се проценува дека еден од 10 мажи на возраст над 40 години во Велика Британија имаат ниско ниво на тестостерон, што во голема мера е поврзано со дебелината. “Масните ткива создадат вишок на естроген”, вели Ryan, што води кон намалување на тестостеронот. Вештачкото зголемување на вториот би можело да им помогне да ја изгубат тежината, но сите други придобивки, предупредува Ryan, може да бидат минливи. “Една студија објавена во New England Journal of Medicine … откри дека додека нивните субјекти под дејство на дополнителен тестостерон се чувствувале добро на почетокот и нивните либида се покачиле, немало долгорочни корисни ефекти”.

И, се разбира, тие можат да го загрозат нивниот капацитет за емпатички односи. Но, постојат немедицински начини за зголемување на емпатијата. Во Testosterone Rex, Fine наведува 10-годишна студија во САД насочена кон момчињата со висок ризик да се однесуваат антисоцијално подоцна во својот живот. Некои од нив биле тренирани да ја подобрат емоционалната еластичност, односи и образовни перформанси, додека нивните родители биле обучени да управуваат со однесувањето на нивните деца. Целта била да им се овозможи на момчињата “поспокојно и помалку бучно да реагираат на провокација”. Години подоцна, кога учесниците биле на средината на 20-тите години, околу 70 намерно биле провоцирани од некој што им крадел поени во игра. Не само што групата на која и’ бил даден тренинг како момчиња имала помала веројатност да се одмазди; нивните нивоа на тестостерон се зголемиле помалку.

Друг начин, според Ryan, е зголемената грижа за деца. Нивото на тестостерон е 33% пониско кај татковците на новороденчиња отколку кај мажите кои не се татковци, оставајќи простор за 25% повеќе окситоцин. Овој хормон, вели Ryan, ги поттикнува мажите да поминуваат повеќе време со своите деца и да реагираат побрзо на нивните потреби. Тоа им овозможува на татковците да играат поблиску со своите деца и да бидат помалку потресени ако плачат. (Еден од пациентите на Ryan за прв пат почнал да си игра на подот со своите внуци за време на терапијата со хормонална супресија.) Романтичната љубов, пријателство и сопственоста на миленичиња го отвораат патот за окситоцин (дури и окситоцинот кај кучињата се зголемува кога гледаат во очите на своите сопственици). “Помалку тестостерон, повеќе окситоцин, повеќе сврзување”, вели Ryan. Тоа е уште еден, веројатно поисполнувачки систем на “постојана глад“.

Извор



Основачи

  • http://www.hops.org.mk/
  • http://www.hera.org.mk/
  • http://www.egal.org.mk/
  • http://starsexwork.org/?lang=en
  • http://www.izborsr.com/

Донатори

  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество
  • Фондација отворено општество - Македонија
  • Sexual Health and Rights & Public Health Program

Тримесечник


Доколку сакате да го добивате нашиот тримесечник, внесете ја вашата адреса тука

Top