Четири начини на кои културата на јавно прозивање ги изневерува транс жените (одовде и сите нас)

Четири начини на кои културата на јавно прозивање ги изневерува транс жените (одовде и сите нас)

Превод: Јулија Мицова

„Казните не ги затекнуваат само лошите луѓе. Им се случуваат на оние што не можат да ги запрат. Казните претставуваат прикриена болка, а не терање правда.“

 

Пред неколку недели, повторно се случи: една познаничка, транс жена беше јавно прозвана преку интернет.

 

Во обвинителниот пост, без многу објаснување, стоеше дека со нејзиниот говор и постапки на угнетувачки начин ја загрозила безбедноста на другите. Понатаму беше побарано постот да се сподели, да се рашири и да ѝ се забрани на оваа транс жена пристап до просторите, на интернет и во реалниот живот, кои ги користи заедницата, како и да ѝ се оневозможи домување или вработување во рамките на локалните квир неформални мрежи.

 

Како и повеќето транс жени што ги познавам и таа има мал приход и проблеми со менталното здравје, нема постојано работно место и се соочува со препреки во барањето дом.

 

Вознемирено гледав како постот се шири низ социјалните медиуми: во текот на денот се појави безброј пати на моите оналјн мрежи, без каква било дискусија. Самата жена не даде детален одговор.

 

Не знаев што да мислам или како да реагирам. Се обидов ситуацијата да ја продискутирам со заеднички познаници од заедницата на „социјалната правда“ но никој од нив не знаеше што да направи, ниту пак што да мисли.

 

Секако, „лошата репутација“ на оваа транс жена воопшто не придонесе– таа зазема премногу простор, има спорни ставови и е емоционално нестабилна во просторите на заедницата.

 

И додека чувството на болка и вознемиреност растеше во мене, од друга страна не сакав да глумам адвокат на ѓаволот и да се обидам да оправдам однесување кое угнетува други, нели? Не сакав да ја излудам личноста која била нападната или повредена од оваа жена со тоа што ќе ги негирам нивните искуства, нели?   

 

Сакав мојата заедница да се чувствува колку што може побезбедно и да не биде угнетувана, нели?

 

Ако тоа значи дека треба да се избрка оваа „проблематична“ транс жена, веројатно е разумна жртва, нели? Постои ли друга опција?

 

Страшно е да се каже ова, но понекогаш ми се чини дека активистичката култура која се бори за социјална правда создава повеќе проблеми отколку што се обидува да реши. Или можеби пак нашите решенија, создадени како реакција на опресивното општество, на крај завршуваат како слични опресивни системи почесто отколку што сакаме да признаеме.

 

Без разлика дали сакаме да признаеме или не, време е за тешките разговори за културата на јавно прозивање – јавното и агресивно конфронтирање со политички проблематичните лица од страна на активистите – и истовремената експлоатација на и неуспех да се заштитат повеќето маргинализирани и ранливи лица.

 

Во текот на мојот живот голем број на транс жени биле јавно прозвани и избркани од заедницата? И самата сум учествувала во истото напати. Секако, цел на оваа постапка не се само транс жените, но имам забележано дека почесто е насочена кон моите транс сестри (продолжете да читате за да дознаете зошто).

 

Да признаам, некогаш имам кошмари дека и мене ми се случува.

 

Следуваат четири начини на кои културата на јавно прозивање ги изневерува транс жените – и следствено сите нас.

 

  1. Транс жените немаат пристап до активистички јазик и образование

 

Феноменот во кој транс жените постојано се истиснати од „радикалните“ заедници и оние на социјална правда не е нешто ново, ниту пак прв пат за тоа се пишува овде.

 

Писателот и уметник Морган М Пејџ зборува за „Синдромот на лудите транс жени“, тенденцијата да се етикетираат транс жените кои се изразуваат на начини неприфатливи во активистичките кругови:

„Кои се овие „луди транс жени“? пишува Пејџ. Често тие се неверојатно искрени активисти кои ја немале привилегијата да научат за сите подробности на анти-опресивната практика на социјалната правда, предуслов за членство во квир заедницата. Често тие се етикетираат како „премногу емотивни“ или „премногу лути“ и без контрола.“

Дури од неодамна движењето за социјална правда отвори дискусија дека интензивниот фокус врз употребата на политички коректна терминологија, јазик и идеи во дискусии – наспроти конкретни промени во социјалните и економски пракси- може да биде елитистички и да дискриминира на основа на нечиј хендикеп (ableist).

Ова особено важи за транс жените и транс женствените луѓе, за кои остварувањето на основните потреби за преживување е далеку поприоритетно отколку да се научат вистинските академски теории или да се освежи знаењето да најновите онлајн трендови на социјална правда со цел да се стекнат со „активистички кредибилитет“.

За транс жените – особено оние постарите, сиромашните, хендикепираните и оние кои се соочуваат со расизам – пристапот до академско или социјално образование неопходно за да се биде „политички коректен“ и „социјално соодветен“ често е невозможен.

Така што јавното прозивање на транс жените затоа што користат „погрешни зборови“ често ја зацврстува опресивната, транс мизогинистичка динамика.

  1. Културата на јавно прозивање ги казнува транс жените заради нашите трауми

Како што транс жените имаат поограничен пристап до образование и можности, поверојатно е и дека сме повеќе изложени на насилство и траума. Односно, живееме во насилен свет – или барем повеќето од нас.

Културата на јавно прозивање сосема ја занемарува оваа реалност – дури и нѐ казнува заради истата.

Денес сум дел од средната класа, но до неодамна насилството беше секојдневно искуство за мене. Трпев физички и сексуални напади, психолошки манипулации и редовна експлоатација затоа што бев млада транс жена со поинаква боја на кожата.

Бев ранлива.

Мојот одговор за опстанок беше да станам борец. Ако некој се обиде да ме повреди, јас прва ќе го повредам. Ќе лажам и крадам за да го добијам тоа што ми треба. Научив да бидам гласна, да реагирам насилно и да не верувам никому.

Не ме сфаќајте погрешно: се работи за трауматска реакција. Не велам дека тоа е правилно, туку дека станав таква за да преживеам. Тоа сѐ уште ми е под кожа.

Слични реакции – инстинктот да се тепаш или да бегаш како резултат на минатото во кое некој те грабал, јавно плукал по тебе и те сметал за изрод – понекогаш ги забележувам и кај другите транс жени.

Во секојдневни разговори, кога стануваш вербално агресивен затоа што некој ти се испречил, кога зборуваш гласно и насилно за да бидеш слушнат, кога секогаш си подготвен за тепачка.

Во активистичката култура на јавно прозивање ова се нарекува „да се зазема премногу простор“, „да се користи машката привилегија“, да се биде манипулативен или да се однесуваш неприфатливо.

Нашата траума се толкува како причина да бидеме истерани од заедницата.

  1. Од транс жените се бара поголема одговорност отколку од другите

Во начинот на кој транс жените се дискриминирани од страна на културата на јавно прозивање се забележува подмолен двоен стандард.

Транс жените и женствените индивидуи често се обележани, поставувани на пиедестал од страна на активистичките заедници како примери за „совршени жртви на опресија“ – а потоа грубо и јавно симнувани заради нивните политички или социјални грешки.

Не дека транс жените не умеат да наштетат или пак дека не треба да одговараат за сопствените постапки – далеку од тоа. Сепак, имам забележано дека цис луѓето ретко се подложени на истиот степен на испитување или барање одговорност за истите грешки.

Проблемот лежи во тоа што културата на јавно прозивање повеќе претставува тактика за барање одговорност од транс жените: тоа е систем кој може да се злоупотреби против нас од страна на тие со поголема моќ и привилегија, кои имаат поголем пристап до активистички јазик и културни норми.

Транс феминизираниот писател и креатор на видео игри Порпентин Черити Хартскејп (Porpentine Charity Heartscape) пишува:

„Со години квир/транс/феминистичката сцена процесира прилив на транс жени/женствени индивидуи, често осиромашени, хендикепирани, и/или со трауматска позадина. Овие сцени ги злоупотребуваат, ги користат за бесплатен труд, и ги експлоатираат сексуално…

„Тој што се противи исчезнува на банален, здодевен, ужасен начин, толку типичен за транс луѓето, преку замка која може да се активира секој момент. Домот, заедницата, репутацијата – ја нема.

 

Хартскејп разоткрива култура на еднократна употреба, активистичка култура која одбира транс жени и женствени индивидуи и ги користи за политичка видливост, нашите тела и нашите дела – а потоа нѐ отфрла кога ќе почнеме да правиме бељи и повеќе не сме корисни.

  1. Социјалната смрт е вистинска смрт за транс жените

Во самата срж на проблемот со културата на јавното прозивање која се применува врз транс жените е дека буквално има моќ да нѐ убие.

Многу активисти почетници првин учат за оваа култура на факултет или на интернет. Во двата случаи, последиците изгледаат минимални. Сепак, што лошо може да му се случи на богат факултетлија прозван заради некоја мизогинистичка изјава на час по Родови студии, или на онлајн трол на кој му е забрането да коментира?

Јавното прозивање за многу цисродови активисти претставува понижување или пак губење на пријатели; понекогаш повлекува срам или исклучување од социјални настани. Ова може да биде болно, но не е опасно по живот.

Транс жените буквално се одржуваат во живот преку социјалните мрежи. Имаме пристап до засолниште, грижа, работа, па дури и храна преку ширењето на одредени информации од уста на уста. Законот или социјалните институции не нѐ заштитуваат, во повеќето случаи. Ние не можеме едноставно да се прибереме и да почнеме од почеток.

За нас, социјалната смрт е вистинска смрт.

***

Еве во што е работата: ако културата на јавно прозивање ги разочарува транс жените, тогаш нѐ разочарува сите нас. Затоа повеќе не верувам во истата.

Систем на одговорност кој ги маргинализира најранливите не може да биде инструмент на правда.

Од друга страна ниту мислам дека отфрлањето на јавното прозивање и прогонувањето на транс жените значи дека транс жените не можат или не треба да бидат одговорни кога неизбежно правиме зло или угнетуваме – сепак сме луѓе.

А да се биде човек значи да се греши, да се тажи, да се зацелува.

Притоа, клучниот збор овде е зацелува.

Доколку сакаме да изградиме силно движење за социјална правда, потребно е да изградиме стратегии за барање одговорност со кои се препознава и потврдува животот на транс жените, и другите маргинализирани луѓе – движење кое го зема во предвид контекстот на траумата и ограничениот пристап до образование и грижа.

Неопходно е да се заштитиме од начините на кои социјалната правда, законската и неформалната, може да се искористи за манипулација и експлоатација на ранливите индивидуи – и потребно е да ги преиспитаме системите кои ги третираат транс луѓето како лица за еднократна употреба.

Неопходно е да се центрираме и цениме еден со друг – секоја личност која ќе го измисли „движењето“, без разлика на нејзиниот идентитет – да се согледаме како скапоцени, свети, грешни, но неопходни. Мора да веруваме дека можеме да создадеме правда која трансформира наместо да казнува затоа што немаме друг избор.

Навистина немаме друг избор.

Кај Ченг Том е соработник-писател за Секојдневен феминизам (Everyday Feminism). Таа е транс жена, со потекло од Кина, писател, поет и уметник кој се занимава со перформанси и живее во Монтреал. Има завршено магистерски студии по клиничка социјална работа, и работи кон создавање на пристапна, политички свесна здравствена грижа за менталното здравје на маргинализираната младина во нејзината заедница. Повеќе за неа можете да дознаете на нејзината веб страница и на Академијата за чудовишта (Monster Academy)

Извор