ХЕРА: Да не се злоупотребува Меѓународниот ден на човекови права

ХЕРА: Да не се злоупотребува Меѓународниот ден на човекови права

Извор: http://www.radiomof.mk

 

Здружението на граѓани ХЕРА остро се спротивставува на изјавата на невладината организација Ревита во којашто се става акцент на “давање на приоритет на правото на живот на плодот, кој треба да се заштити како човечка личност“ објавена на Дојче Веле, на 10 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права.

 

 

Од ХЕРА смета дека обидите да се препознае и легализира правото на живот пред раѓањето, особено на Меѓународниот ден за човекови права, преставуваат груба манипулација којашто се заснова на идеолошка позадина и има единствена цел -ограничување на човековите права.  Тоа се правата признаени во светот и во Македонија, а се однесуваат на пристапот до услугите за планирање на родителството, односно фундаменталните права на жената на живот, здравје, еднаквост и телесен интегритет.

 

 

„Правото на живот пред раѓањето не е дефинирано ниту во еден меѓународен политички документ за заштита на човековите права, вклучително и во нејзината основа, односно Универзалната декларација за човекови права кој вели дека “сите човечки битија се раѓаат слободни и еднакви со достоинство и права“ со што најдиректно се имплицира дека човековите права се својствени само од моментот на раѓањето“, се вели во соопштението на ХЕРА.

 

 

„Какви било интервенции во моменталната законска регулатива за прекин на бременоста, во смисла на ограничување или целосно одземање на правото на абортус на жената, единствено ќе значи само поголем број на небезбедни абортуси во нашата земја и зголемена матернална смртност, спротивно на вредностите на една демократска земја и здравствените приоритети на Македонија за подобрување на здравствената заштита на жените и мајките во државата“, велат во ХЕРА.