Реакција за начинот на известување за првата операција за промена на пол во Македонија

Реакција за начинот на известување за првата операција за промена на пол во Македонија

Во текот на изминатите неколку дена, македонските медиуми беа преплавени со веста за првата извршена операција за потврдување на родот во Македонија, во приватната клиничка болница „Аџибадем Систина”.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници” го поздравува интересот на медиумите за известување за оваа исклучително важна тема.

Сепак, мораме да ја изразиме нашата загриженост по однос на сензационализмот со кој оваа вест беше пренесена во голем број медиуми, како и овозможувањето на говор на омраза на социјалните мрежи и веб страниците на медиумите.

Имено, со години наназад Коалицијата СЗПМЗ и други граѓански организации укажуваат на сериозни прекршувања на правата на трансродовите лица, нивна секојдневна дискриминација, стигма и насилство, отсуството на соодветни медицински услуги потребни за целокупниот процес на потврдување на родот, како и за одбивањето на Фондот за здравствено осигурување да ги покрива потребните трошоци за операцијата за потврдување на родот за оние луѓе кои истата ја изведуваат или сакаат да ја изведат во странство (најчесто во Белград).  За жал, нити еден од овие суштински проблеми за животот на трансродовите лица до сега нема добиено толкава видливост во медиумите, за разлика од промотивната сензација во изминативе неколку дена.  Во овој контекст, загрижувачки е и фактот дека нити еден од медиумите нити се обидел да земе изјава или коментар од нас, како активисти кои со години се бориме за правата на транс луѓето и имаме директна комуникација со истите.

Наспроти ова, она што очигледно претставува најголем интерес и сензација за медиумите се медицинските и хируршки детали за трансформацијата на пенис во вагина, и инвазивните видео записи од самата операција.  Ваквата стратегија на претставување на искуството на промена пол и на трансродовите лица е ништо помалку од класична фетишизација и објективизација на телата на трансродовите лица, без никаква почит за нивниот телесен интегритет и лично достоинство. Нужно ни се наметнува прашањето, за кои други хируршки интервенции до сега медиумите во своите ударни вести прикажувале видео записи од самиот хируршки процес и сочни детали за спецификите и конкретните хируршки постапки? Со ваквиот пристап, животот, искуството, идентитетите и потребите на трансродовите луѓе беа сведени исклучиво на медицинска и хируршка генитална промена. Дополнително, ваквата медикализирачка фетишизација на трансродовите луѓе ги брише од вид многустраните искуства, нијансите, идентитетските разлики и различните потреби внатре во  транс заедница, сведувајќи ги сите трансродови луѓе на промената на полот. Впечатокот што го стекнуваме од медиумскиот приказ е дека медиумите повеќе ги интересира крвта на операционата маса, отколку крвта и раните на трансродовите тела предизвикани од општественото трансфобично насилство.

Посебно загрижувачки за нас е фактот дека дел од медиумите заборавија на својата обврска и должност да спречуваат дискриминација и говор на омраза, а кои беа застрашувачки многубројни на веб страните и профилите на медиумите на социјалните мрежи. Медиумите имаат обврска да го спречат и оневозможат објавувањето на говор на омраза и дискриминаторски содржини, наместо пасивно да учествуваат во ширењето на истата.

За крај, нагласуваме уште еднаш дека ја поздравуваме можноста трансродовите луѓе да извршат операција за потврдување на родот во Македонија. Но, она што е уште поважно е ваквите медицински услуги да бидат достапни во јавните здравствени установи, и истите да бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување како операции чиешто извршување претставува  сине ква нон за достоинствен живот на овие лица.

Ги повикуваме сите медиуми во иднина да ни се обратат за точни информации кои го рефлектираат искуството и потребите на траснродовите лица, а со цел да создадеме толерантно, инклузивно општество кое ги почитува правата и достоинството на сите свои граѓани.

 

Тимот на Коалицијата СЗПМЗ