ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА КОАЛИЦИЈАТА СЗПМЗ [2016]

ГОДИШЕН ИЗВЕШТАЈ НА КОАЛИЦИЈАТА СЗПМЗ [2016]

 

Во текот на 2016 година, Коалицијата СЗПМЗ и партнерските организации продолжија да бележат поединечни повреди на правата на ЛГБТИ, сексуалните работници, корисниците на дроги и на луѓето што живеат со ХИВ. Повредите, повторно, најчесто доаѓаат од страна на полицијата и од здравствените работници, додека, пак, жртвите што ретко се мотивираат да преземат дејства за заштита на нивните права многу ретко ја добиваат. Во ваква ситуација, сторителите на насилства врз ЛГБТИ-лица и сексуални работници не се санкционираат и дополнително се мотивирани да продолжат, со што директно се загрозува животот и здравјето на маргинализираните заедници.

Во однос на политиките за ХИВ, она што, за жал, ја обележа 2016 година беше кратењето на буџетот за ХИВ и тоа за 2017 година, кога беше најавено заминувањето на Глобалниот фонд од Македонија, како најголем донатор на програмата за ХИВ. И покрај обврските што ги презеде Владата за обезбедување финансиска одржливост на активностите од програмата за ХИВ (превенција и третман) по заминувањето на Глобалниот фонд, наместо зголемување на буџетот, тој беше скратен за 59% од неопходниот буџет за следната година согласно процената. Граѓанските организации што спроведуваат активности за превенција од ХИВ ги искористија сите механизми што им беа на располагање за да спречат донесување буџет за ХИВ што ќе значи прекинување на финансирањето на превенцијата од ХИВ и ограничени средства за третман, меѓутоа, сепак, Министерството за здравство и Владата на Република Македонија одлучија да не ги почитуваат обврските што ги презеле. Доколку не се промени ваквото неодговорно и арбитрарно однесување на институциите при донесување исклучително важни одлуки за животот и здравјето на граѓаните, тоа може да доведе до пораст на бројот на ХИВ-инфекции и, притоа, непостоење соодветни сервиси за откривање на случаите, ниту, пак, соодветни средства за третман.

Во текот на 2016 година беа донесени и промени на Законот за контрола на дроги и психотропни супстанции со цел да се легализира конопот за медицинска употреба. Измените беа донесени на нетранспарентен начин, без можност за вклучување на пошироката јавност, ниту, пак, на граѓанскиот сектор и експертите од областа. Па така, наместо закон што ќе овозможи достапен и квалитетен коноп и производи од коноп за медицинска употреба за сите пациенти на кои им се потребни, со законските решенија само се фаворизираат финансиски моќните правни лица на кои им се овозможува контрола на пазарот со овој лек и не се дозволува граѓаните што имаат потреба сами да го подготвуваат овој лек. Како последица од измените на законот, цените на повеќето видови масла од коноп што излегоа на пазарот се превисоки, така што граѓаните што имаат потреба од овој лек ќе бидат принудени и натаму да го набавуваат на црниот пазар.

Во однос на заштитата на правата на сексуалните работници, 2016 година беше обележана со арбитрарна пресуда на Апелациониот суд Скопје, кој ја укина првостепената пресуда на Основниот суд Скопје II Скопје, со која делумно го усвои тужбеното барање на сексуалните работнички, жртви на акцијата „Улична проституција“, и ги задолжи МВР и Основниот суд Скопје I Скопје да ја надоместат настанатата нематеријална штета, сторена при повреда на правата преку понижувачко однесување од страна на МВР употреба на присила за да дадат крв за анализа и приведување со цел да се направи обид за да се обезбедат докази за постоење кривично дело. Од образложението на пресудата јасно е дека Апелациониот суд Скопје не успеал да утврди повреда на правата на сексуалните работници, дури и онаму каде што повредите се очигледни (понижувачко однесување, присилно тестирање за ХИВ и за ХЦВ, приведување со цел да се обезбедат докази за евентуално сторено кривично дело, осудување поради апстрактно пренесување заразни болести, без притоа да постои оштетен, издавање податоци за здравствената состојба на сексуалните работници). Поминаа девет години од акцијата „Улична проституција“, а сексуалните работници сè уште не можат да добијат соодветна заштита и казнување на прекршителите на нивните права.

Што се однесува до унапредувањето на правата на ЛГБТИ- луѓето, како најголем напредок може да се смета донесувањето Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2016–2020 што ги содржи сексуалната ориентација и родовиот идентитет, за разлика од Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој сè уште не ги содржи овие основи на дискриминација. На локално ниво, општините Куманово, Струмица и Штип усвоија одлуки за формирање локални координативни тела за заштита од дискриминација, вклучително и дискриминација кон ЛГБТ. Она што остана непроменето е неказнувањето на сторителите на хомофобично и трансфобично насилство (напади на ЛГБТИ-активисти, нападот на „Дамар“ и нападите на ЛГБТИ Центарот за поддршка). Во текот на 2016 година се зголеми медиумското оцрнување ЛГБТИ-активисти и ширењето хомофобичен и трансфобичен говор на омраза, за што сè уште немаме ефикасни механизми за заштита.

Интегралниот извештај можете да го проследите тука.