Говор на омраза, сензационализам и повреда на правото на заштита на лични податоци на сексуалните работници од страна на Канал 5 телевизија

Говор на омраза, сензационализам и повреда на правото на заштита на лични податоци на сексуалните работници од страна на Канал 5 телевизија

Соопштение за медиуми

Комисијата за жалби, при Советот за етика на медиумите на Македонија, донесе одлука со која жалбата против Канал 5 телевизија за емисијата на „Во центар со Васко Ефтов: проституцијата во Македонија“ ја прогласи за основана. Жалбата беше поднесена од страна на Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР.

Канал 5 телевизија со објавување на емисијата „Во Центар со Васко Ефтов: проституцијата во Македонија“ од 07.12.2015 година, прекршила повеќе членови од Кодексот на новинарите на Република Македонија.

Во емисијата, авторот крајно стигматизирачки и еднострано известува за сексуалната работа, непочитувајќи го достоинството, личниот живот и личните податоци на сексуалните работници, генерализира и се исмејува на оваа маргинализирана заедница. Притоа, авторот лажно се претставува со цел да изнуди лични податоци кои неовластено ги објавува при што ја загрозува безбедноста на сексуалните работници.

Во својата одлука Комисијата за желби утврдува дека „авторот се обидува да создаде содржина која ќе наметне дебата во јавноста за општествена појава, но тоа го прави вон новинарските професионални стандарди со генерализации, при што честопати индивидуалните размислувања ги камуфлира како факти, наместа се исмева кон социјално-ранлива група и не води сметка за заштита на податоците на снимените личности.“ Со објавувањето на емисијата се повредени членот 7, 10, 11 и 13 од Кодексот на новинарите на Р.М. со кои се предвидува заштита на личните податоци, обврска за заштита на поединци и групи од неправда и дискриминација, забрана на говор на омраза, навредување и исмејување и обврска да се прави разлика помеѓу вредносен суд на новинарот и факти.

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, ХОПС- Опции за здрав живот Скопје и Стар-Стар ја поздравуваат одлуката на Комисијата за желби и ја повикуваат  Канал 5 телевизија да ја почитува одлуката и јавно да ја објави.  Истовремено ги повикуваат и другите медиуми истата да ја имаат предвид кога известуваат за маргинализираните групи како сексуалните работници.

Целосниот текст на одлуката е достапен на следниот линк http://semm.mk/attachments/odluka1.pdf