Мала победа за сексуалните работници и човековите права

Мала победа за сексуалните работници и човековите права

За жал, мораме да констатираме дека медиумите и денес ја пропуштија
можноста да застанат во одбраната и промоцијата на човековите права,
посебно на оние граѓани/ки кои се најранливи и секојдневно изложени на
насилство, стигма и дискриминација. За жал, медиумите денес не се
исправија пред предизвикот на доблеста, професионалноста и општествената
одговорност, особено земајќи го предвид фактот дека во 2008, кога
тогашната министерка со полициските службеници под нејзино раководство
брутално ги прекршија правата и достоинството на сексуалните работнички,
медиумите беа рамноправни соучесници во ова прекршување. Почетокот на
борбата во 2008 на сексуалните работнички не беше само против репресивен и
насилен државно-полициски апарат апарат, туку и против непрфесионалното,
морализаторско и сензационалистичко медиумско известување кои го прочисти
патот заполициското насилство.

Денешното непојавување на конференцијата за медиуми на нити еден од
медиумите со национална конфесија, како провладините, така и критичките
медиуми, не само што ја потврдува потребата од радикални медиумски
реформи, туку ни укажа и дека медиумите, свесно или не, можат да бидат
подеднакво учесници во неправедната поделба на луѓето и нивните страдања
на помалку и повеќе вредни.

Во пресрет на 3 март -меѓународен ден на сексуалните работници, ве информираме дека сексуалните работници во Македонија по втор пат добиваат заштита од првостепениот суд против незаконско постапување на полицијата и кривичниот суд.

Вo ноември 2008 година во вечените часови, полицијата спроведе полициска акција наречена „Сузбивање на улична проституција”, во која акција беа лишени од слобода 32 лица од кои 23 сексуални работнички. Полицијата противзаконито ги задржа сексуалните работници повеќе од 20 часа во нехумани и деградирачки услови, додека другите приведени беа пуштени на слобода само неколку часа по приведувањето. Сексуалните работници ја поминаа критичната ноќ во просторија од неколку квадратни метри без пристап до храна, вода и можност за одржување на санитарна хигиена. Дел од нив беа оставени без медицинска помош за надминување на апстиненцијален синдром како резултат на зависноста од дрога и без изложени на непотребна болка и страдање. Утредента, сите без образложение беа однесени на тестирање и беа тестирани за ХИВ, Хепатитис Ц и други сексуално преносливи инфекции без информирана согласност од страна на сексуалните работници.

Линк до видеото „ Треба да знаеш за мене“.

Како што беше кажано претходно, во таа акција на сексуалните работници им беа повредени правата, поради што четиринаесет (14) сексуални работнички за првпат во Македонија се охрабрија да побараат судска заштита согласно закон и поднесоа тужба до Основниот суд Скопје 2 Скопје, против тужените РМ-МВР и Основниот суд Скопје 1 Скопје. Со оваа тужба 14-те сексуални работнички од граѓанскиот суд побараа утврдување на повреда на нивните лични права поточно правото на приватен и семеен живот, правото на слобода и безбедност и поврда на правото на физички и психички интегритет односно забраната за мачење, нечовечко и деградирачко постапување и казнување, согласно Уставот на РМ, материјалните закони (ЗОО) и Европската Конвенција за човекови права и слободи и правичен надомест на нематеријална штета.

По седум години од првобитното поведување на  оваа постапка, во повторена постапка, Основниот суд Скопје 2 Скопје, повторно делумно го усвои тужбеното барање на сексуалните работнички и повторно утврди дека на 20 и 21 Ноември првотужениот РМ-МВР при спроведување на полициската акција ”Сузбивање на уличната проституција”  ги прекршил одредбите на Европската Конвенција за човекови права, повредувајќи ги погоренаведените права на сексуалните работнички. Првостепениот суд утврди дека првотужениот РМ-МВР ги прекршил овие права бидејќи без издржано и  со докази поткрепено основано сомневање ги уапсиле тужителките, при апсењето не им биле кажани на разбирлив јазик причините поради кои се приведуваат и лишуваат од слобода, не им било овозможено медицинска заштита, биле претресувани во присуство на мажи,  држени повеќе од 20 часа во нечовечки услови, а подоцна снимките биле објавени јавно и достапни за медиумите, биле присилени на тестирање и не им било кажано дека постои судска наредба за тестирање. Со истата пресуда, судот утврди дека Основен суд Скопје 1 Скопје, ги повредил овие права така што наместо да им овозможи заштита на правата на тужителките, издал судска наредба за тестирање на крв само на барање на првотужениот без никакви докази со кои ќе се потврди дека постои основано сомневање и без притоа да ги распраша тужителките и останатите приведени, иако истите во тој момент биле лесно достапни.

Поради тоа судот им досуди правичен надомест на нематеријална штета за претрпена физичка и душевна болка поради утврдената повреда на нивните погоренаведени права.

– Иако пресудата не е правосилна, сметаме дека истата е значајна за правната пракса во Македонија и за зајакнување на сексуалните работници во заштитата на нивните права. За првпат во Република Македонија една маргиналзиирана група како што се сексуалните работници кои континуирано и секојдневно се изложени на насилство, се охрабрува да побара судска заштита на своите права пред националните судови,

– Со оваа пресуда граѓанскиот суд ПОТВРДИ дека основните човекови права важат за сите граѓани поддеднакво и истите мораат да се почитуваат од страна на надлежните органи и институции. Сексуалните работнички имаат еднакави права како и останатите граѓани во државата и дека секое непочитување на загарантираните човекови права предизвикува правни последици спрема прекршителите на истите, во конкретниот случај МВР и Основниот суд Скопје 1 Скопје,

– Со оваа пресуда првостепениот суд директно како извор на правото ја применува Европската Конвенција за човекови права и слободи,

– Се надеваме дека повисокиот суд ќе ја потврди ваквата пресуда и ќе придонесе кон подобрување на заштита на правата на маргинализираните заедници во Македонија.

– Исто така се надеваме дека во иднина МВР нема да спроведува вакви акции со кои се наштетува и на веќе постоечките програми за превенција на ХИВ, Хепатис Ц и други сексуално преносливи инфекции кои ги спроведуваат Министерството за здравство на РМ и граѓанските здруженија.

 

преземено од: ХОПС