Проекција на филмот XXY и дискусија

Проекција на филмот XXY и дискусија

Коалиција СЕКСУАЛНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПРАВА НА МАРГИНАЛИЗИРАНИ ЗАЕДНИЦИ во
ГЕМ клубот  на 03. 05. 2011 со почеток во 19:30 часот Ве поканува на

Проекција на филмот XXY и
Дискусија на тема: Проблеми со полот/родот
Воведничар: Јасна Котеска
Фасилитатор: Жарко Трајаноски

Како приказна за својот прв филм XXY Аргентинската режисерка Lucía Puenzo го одбира краткиот расказ на својот сопруг Sergio Bizzio во кој се зборува за влезот во адолесценцијата на едно интерсексуално дете. 15-годишната Алекс, родена со хромозоми од двата пола, се соочува со проблеми со родот додека експериментира со својата сексуалност и сексуални однесувања. Алекс е на возраст на која сака да направи избор во врска со родот, но нејзиното семејство, како и пријателот кој е хирург имаат различни идеи и мислења. Сексуалното експериментирање со Алваро (синот на хирургот) отвора преспектива на рефлексија помеѓу двајцата во однос на нивните сексуални улоги.

Филмот ги прикажува превирањата со кои се соочува Алекс, наспроти расказот кој е фокусиран на клиничките детали до тој степен што го прави гледачот многу повеќе љубопитен отколку емпатичен. Кога тројцата хулигани ја напаѓаат на плажа, воајеризмот на гледачот е во соучесништво со целите на напаѓачите.

Филмот XXY успешно ги отвора темите на поврзаноста на родот и сексуалноста на начин на кој се одбиваат брзи и едноставни одговори на познатото прашање: Машко е или женско?

По филмот следува дискусија на тема „Проблеми со полот/родот“ на која воведничар ќе биде Јасна Котеска, а фасилитатор Жарко Трајаноски.

Јасна Котеска е професорка по книжевност, теоретска психоанализа и родови студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.  Магистрирала Родови студии на Централниот Европски Универзитет во Будимпешта, а докторирала на Kнижевност и родови студии на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Била предавач на школата за род и политика на Институтот Евро Балкан, како и уредник на списанијата Блесок и Идентитети. Работи во областа на теоретската психоанализа (Фројд, Лакан, Кристева, Жижек и др), книжевна теорија и родови студии. Нејзиниот интерес е сосредоточен на различни теми како интимност, санитаризација, феминизам и слично. Исто така повремено пишува колумни во дневните и неделните весници како Дневник, Глобус, Форум и други.
 

Жарко Трајаноски е магистер по човекови права. Неговата магистерсика теза е од областа на сексуалноста и човековите права. Долги години работи како активист за човекови права на маргинализираните заедници. Бил уредник на списанието Идентитети и предавач на школата за род и политика на Институтот Евро Балкан. Во моментов работи како консултант во Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.