Петиција против хомофобичниот Амандман 33

Петиција против хомофобичниот Амандман 33

Овде можете да ја потпишете петицијата изготвена од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, во која се повикува директно премиерот Никола Груевски да го сопре Амандманот 33 со кој уставно се дефинира брачната и вонбрачната заедница како заедница помеѓу еден маж и една жена.

 

– Дефинирајќи го заедништвото помеѓу еден маж и една жена како единствена форма на животна заедница која продуцира правно дејство (брачна заедница и регистрирана вонбрачна заедница и било кој друг регистриран облик на животно партнерство), се нарушуваат правото на семеен живот, принципот на еднаквост на сите граѓани, принципот на праведност, владеењето на правото, принципот на плуралност, граѓанинот како носител на суверенитетот, достоинството, индивидуалната автономија и секуларноста на државата – гарантирани со Уставот на РМ, а со тоа и правото на заштита од дискриминација, како и другите права со кои се гарантира еднаквиот третман на сите граѓани.

 

Европскиот преседан на уставно дефинирање на вонбрачната заедница како животна заедница исклучиво помеѓу еден маж и една жена, како и последиците кои ваквото дефинирање на бракот и вонбрачната заедница ќе го имаат врз правото на семеен живот се во колизија со ратификувани меѓународни документи кои се дел од националниот правен систем на РМ и кои имаат повисоко правно дејство од националното законодавство. Тука особено треба да се земат предвид член 8 од Европската конвенција за човекови права и Препораките на Советот на Европа кои се однесуваат на почитувањето на правото на приватност и семеен живот. На овој начин,
Законодавецот е во опасност да создаде длабока контрадикторност и практичен судир помеѓу уставните одредби и одредбите од ратификуваните меѓународни документи – е дел од реакцијата на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права, Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, Македонскиот центар за европско образование и ЛГБТИ центарот за поддршка.