Дискриминација во најавата за МОТО Фестивалот

Дискриминација во најавата за МОТО Фестивалот

Денес, 17-ти јуни, во 11.00 часот во просториите на Клубот ГЕМ беше одржана прес конференција по повод вршењето и поттикнувањето на дискриминација и ширењето на говор на омраза забележано на најавниот материјал (постери и интернет страна) за 6-от поред интернационален МОТО Фестивал.

Збор на Конференцијата зедоа Славчо Димитров (Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници), Наташа Бошкова (Правен застапник за Коалицијата), Мирјана Најчевска (Центар за човекови права и разрешување на конфликти), Кочо Андоновски (Македонски Хелсиншки Комитет) и Жарко Трајаноски (Експерт за човекови права и демократија).

Учесниците на пресот нагласија дека ваквиот акт претставува репрезентативен пример на вршење на дискриминација, не само врз луѓето со нехетеросексуална ориентација, туку воопшто и врз други групи на луѓе, како и атеистите и анти-теистите. Имено, на постерот за фестивалот експлицитно напоменатио стои дека присуството на фестивалот е забрането за: Алкохол, Дрога, Оружје, Животни, 666 и Педераси. Со овој акт се прекршува како Уставот на РМ, така и серија други законски одредби, вклучително со новодонесениот Закон за недискриминација.

Најзагрижувачки е фактот дека веднаш под дискриминаторскиот текст, стојат логоата и на Златен даб и Град Скопје како главен спонзор на фестивалот. Откако Коалицијата за сексуални и здравствени права поднесе иницијатива до Народниот правобранител, од канцеларијата на истиот е поднесена иницијатива за преиспитување на постапката до Град Скопје. После разговори и со претставници на Градот Скопје, истите излегоа со соопштение до јавноста (http://www.skopje.gov.mk/ShowAnnouncements.aspx?ItemID=3442&mid=482&tabId=1&tabindex=0). Јавно се оградија и од Прилепскла пивара кои ја осудуваат дискриминацијата од секаков вид.

На прес конференцијата беше поздравена одлуката и соопштенијата како на Град Скоје, така и на Прилепска пивара. Сепак, побарано е од истите целосно да го повлечат своето лого од постерите и да го повлечат своето спонзорство на фестивалот и на тој начин да го спречат ширењето на дискриминацијата кое со овој постер продолжува и после нивните значајни Соопштенија. Ова е посебно очекувано од Град Скопје кој мора јасно, експлицитно и одлучно да застене во борба против дискриминацијата и во нејзиното спречување, односно превенирање.

На прес конференцијата беше упатен апел и до сите учесници на Фестивалот. Имено, со само учество на фестивалот истите ја подржуваат дискриминацијата и од овие прицини беше упатен јавен повик до сите нив одговорно да го повлечат своето учество и со тоа да застанат против дискриминацијата. Истиот апел беше упатен и до сите граѓани на РМ и градот Скопје, кои во овој момент треба да потврдат дека Скопје е град на солидарноста, а дека истите ги застапуваат принципите на еднаквост, недискриминација и човекови права подеднакво за сите.