Реакција по повод објавен текст во “Вест“

Реакција по повод објавен текст во “Вест“

До: Уредничка редакција на дневниот весник “Вест“

Почитувани,
Во четвртокот, 10.06.2010, во вашиот дневен весник е објавена статија со наслов “На курвите им падна цената: Економската криза во Македониајa го погоди и најстариот занает“, кој истовремено е објавен и на насловната страна на весникот.

Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници остро реагира на објавениот текст, односно објавениот наслов кој ја следи и репродуцира непрофесионалната логика на медиумски сензационализам и кој употребува стигматизирачка, дискриминирачка и навредлива терминологија. Користењето на терминологија од ваков тип е во спротивност со Етичкиот кодекс на Здружението на новинари на РМ, но и со одредбите на Европската Асоцијација на новинари. Исто така, употребата на дискриминаторскиов термин е во спротивност со основното право на сите луѓе и заедници да се самоопределуваат и самоименуваат.


Ваквата медиумска пракса во овој контекст е уште позагрижувачка доколку се земат предвид резултатите до кои дојде Коалицијата во минатогодишниот Годишен извештај за сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници во Македонија. Имено, анализите покажаа дека: 
-    стигмата и стравот од социјално исклучување ги оддалечуваат припадниците на маргинализираните групи од здравствените и социјални програми
-    дека сексуалните работници се најмногу изложени на физичко, психолошко и сексуално насилство на нивните работни места и се жртви на системско насилство од страна на државата
-    и посебно значајно, медиумите придонесуваат за зголемување на стигмата и социјалното исклучување преку промовирање на негативни стереотипи и предрасуди, но и преку експлицитни стигматизирачки изјави.

Од овие причини, Коалицијата упатува апел до редакцијата на Вест да се прекине со употребата на стигматизирачка и дискриминирачка терминологија и новинарски пристап, и со тоа, заедно да пристапиме кон заедничка борба за еднаквост, правда и недискриминација на сите. Да се говори коректно значи да се мисли коректно. Единствено низ таквото еднинство јазикот има смисла, а нашето постоење се стекнува со димензијата на човечност и етичност. Да се говори демократски значи и да се дејствува демократски, да се живее и создава демократски, да се креира општество кое подеднакво го вреднува животот на секое човечко суштество и кое обезбедува простор и услови за реализација на секоја индивидуа.