Дневник: Лекување наместо казнување на корисниците од дроги

Дневник: Лекување наместо казнување на корисниците од дроги

Дневниот весник Дневник објави статија во која се анализира состојбата и правните регулативи поврзани со корисниците на дрога. Наместо да се праќаат на лекување, на корисниците на дрога кои ќе бидат уапсени за поседување на помало количество психотропни супстанции им следува затворска казна од шест месеци до три години.

 

„Според последните измени и дополнувања на македонскиот Kривичен закон од 2009 година, внесен е нов став во членот 215 кој се однесува на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори. Со истиот се намали казната за поседување дрога, односно ако делото се однесува на помало количество дрога, казната е од 6 месеци до три години затвор. МВР во консултација со Јавното обвинителство го прецизирало терминот „помало количество“, а тоа значи марихуана до 5 грама, хероин и кокаин до 2 грама. Kога станува збор за заплена на мало количество амфетамини и метаамфетамини, секој случај посебно се анализира, при што се утврдува дали е за еднократна употреба. Ако во МВР нема сомнение дека пронајдената количина дрога не е за продажба, туку е за лична употреба, тогаш се постапува според Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, при што дрогата се одзема, меѓутоа, не се поведува ниту кривична ниту прекршочна постапка. “ – се вели во текстот на Даниела Вељановска.

 

Во текстот се пренесни изјавите на претставниците на здруженијата ХОПС и Доверба кои работат со корисници на дроги.

 

Влатко Деков од ХОПС вели дека корисниците на дрога кај кои е најдено многу мало количество дрога се казнуваат со високи затворски казни, а со речиси иста казна се казнуваат и оние кај кои е пронајдена поголема количина дрога наменета за препродавање. Тој вели дека во Португалија, од 2001 година е декриминилизирана употребата на сите видови дроги и ако некој се фати со мало количество дрога за кое ќе се докаже дека е за негова лична употреба, тоа лице се праќа на третман за одвикнување од дроги. „Оттогаш кај нив е значително намалена употребата на дрога и бројот на наркозависници, а и за повеќе од 60 проценти е намален бројот на ХИВ-позитивните“ – изјавил Деков.

 

Кети Тодорова, извршниот директор на Доверба вели дека од 2009 година, откако се донесени последните измени во законот, но и утврдени количества дрога за лична употреба за кои тие не биле информирани, секојдневно имале поплаки од зависници кои се жалат дека им биле поднесувани кривични пријави за дрога и дека се малтретирани. Според Тодорова, тие се казнувани, иако полицијата кај нив пронашла само по неколку грама дрога, но веројатно не можат да докажат дека дрогата е за лична употреба.

 

Според Тодорова од „Доверба“ долго време се бореле да се одреди дозата за лична употреба на зависниците, а кога ќе се пронајде кај нив, да не се казнуваат, туку да се лекуваат. Таа го лоцира проблемот во тоа кој утврдува дали оној кај кого е најдена малку дрога ја носи за лична употреба или, пак, е да се злоупотреби.

 

„Иако Законот вели дека нема казна за оние кај кои е најдена мала количина дрога, речиси секогаш против корисниците на дрога се поднесуваат кривични пријави и се осудуваат. Ова го тврдат од невладината организација „Доверба“, каде што голем број зависници се жалат дека се малтретирани и осудувани“- се вели во текстот.