За правата на ЛГБТ лицата во Македонија во очи на 10 Декември – Светскиот Ден на Човекови Права

За правата на ЛГБТ лицата во Македонија во очи на 10 Декември – Светскиот Ден на Човекови Права

Автор: Беким Асани, Извршен Директор на здружениeто на Лезбејки, Геј, Бисексуалци/ки и Трансродни лица ЛГБТ Јунајтед

„Кои сте вие да барате права од нас? Вие сте родени со тие права, и кои сме ние да ви ги даваме или одземаме вашите права?“

 

Шеесет и четири години по усвојувањето на Универзалната Декларација за Човекови Права од страна на Генералното Собрание на Обединетите Нации, фрагилното македонско општество се уште се соочува со предизвикот од пружање еднаков третман на сите граѓани. Членот 1 од оваа Декларација јасно укажува дека сите човечки битија се родени слободни и еднакви, со свое достоинство и свои права.  Но, во последниве две децении на независна македонска држава, една група на граѓани наидува на континуиран отпор, дискриминација и стигматизација од страна на мнозинството.

 

ЛГБТ (акроним од лезбејки, геј, бисексуалци и трансродни лица) популацијата во државава е една од најмаргинализираните заедници во македонското општество, постојано живеејќи во страв од остракизам – исклучување од скоро секоја околина каде ЛГБТ поединецот дејствува – семејството, кругот на пријатели, работната организација и т.н. Дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, присутната хомофобија во секој елемент од општествениот апарат, посебно во образованието, како и речиси непостоечкиот интерес кај политичките партии за соработка, воопшто не помагаат во градење на демократско општество, засновано на почитување на човековите права, туку напротив, ја стимулираат понатамошната стигматизација на оваа ранлива општествена група.

 

Во изминатите години од 1991 наваму, неколку граѓански организации целосно или делумно се залагаа(т) за заштита на ЛГБТ лицата, посебно во делот на лобирање и промоција на проблемите на ЛГБТ лицата, борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, и подигнување на свесноста за правата на ЛГБТ лицата („ЛГБТ Јунајтед “Здружениe на Лезбејки,Геј,Бисексуалци/ки и Трансродни лица), еднаков пристап до здравствени, социјални и правни услуги и вклучување на ЛГБТ лицата во сите процеси на општествено живеење (Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“), сексуални и здравствени права („Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување“), сексуално здравје и култура на живеење на ЛГБТ популацијата („ЕГАЛ – Скопје“) и пружање социјална, правна и психолошка помош и поддршка (ЛГБТИ центарот за поддршка на Хелсиншкиот Комитет за Човекови Права и Холандската амбасада во РМ). Заслужено е да се спомнат и придонесите на веќе затворените „Центар за Граѓански и Човекови Права“ (ЦГЧП) и „Македонска асоцијација за слободна сексуална ориентација – МАССО“ кои беа меѓу првите организации кои јавно ги промовираа правата на ЛГБТ популацијата во Република Македонија.

 

„ЛГБТ Јунајтед “ Здружениeто на Лезбејки, Геј, Бисексуалци/ки и Трансродни лица,основана во мај оваа година, има за цел да го зачува и промовира почитувањето на основните човекови права на ЛГБТ популацијата, преку создавање клима на поддршка и градење средина на толеранција, каде различноста и слободата одат заедно една со друга. Ние едуцираме, промовираме и комуницираме толеранција и прифаќање на ЛГБТ поединците во Македонија, се бориме против невидливоста на ЛГБТ лицата, и дејствуваме во насока на измена и дополнување на постоечката легислатива. Наш најголем предизвик во моментов е вметнување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во постоечкиот Закон за дискриминација, со што правно ќе се потенцира и зацементира еднаквоста на ЛГБТ лицата со останатите групи и поединци – жртви на дискриминација. Исто така, наши полиња на интерес и активно дејствување се борбата против говорот на омраза во сите сфери на општеството, зајакнување и поврзување на ЛГБТ заедниците низ градовите во Македонија, започнување и оддржување дијалог со сите стеикхолдери во општествената сфера и активна и редовна соработка со регионалните ЛГБТ организации. ЛГБТ Јунајтед е членка на неколку од најзначајните меѓународни ЛГБТ мрежи како IGLYO, InterPride, ILGA и Transgender Europe, со што обезбеди право на глас и зголемена видливост на македонската ЛГБТ заедница во светски рамки.

 

Во досегашното релативно кратко постоење на организацијата организиравме неколку акции на зголемување на видливоста на ЛГБТ заедницата низ неколку градови, одбележување на значајни денови за ЛГБТ лицата – 17 мај (Меѓународен ден на борба против хомофобијата и трансфобијата), 16 ноември (Меѓународен ден на толеранцијата) и 20 ноември (Ден на сеќавање на трансродовите лица – жртви на насилство), и активно учествувавме на Саемот на студентски организации (7 декември 2012), каде за првпат организиравме работилница на која се разменија искуства и практики од борбата против хомофобијата, дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ лицата.

 

На крај, како што еден од учесниците на оваа работилница емотивно реагираше на нашето барање на права (цитатот од воведот на овој текст), јас би сакал да ви ја потврдам нашата цврста посветеност и заложба во заштитата на правата на ЛГБТ лицата во Македонија, да ги охрабрам самите ЛГБТ поединци да ги здружат силите, и заедно, сите во блиска соработка со сите важни фактори во општеството, да ја обезбедиме еднаквоста за сите, без исклучок.

 

Нека ни е честит 10 Декември – Светскиот ден на човекови права!