Одржана прес-конференција по повод дискриминаторските и хомофобични изјави на министерот Спиро Ристовски

Одржана прес-конференција по повод дискриминаторските и хомофобични изјави на министерот Спиро Ристовски

Заедничка стратегиска определба на организациите кои денес реагираат на неколкуте последователни вознемирувачки изјави на министерот Рисовски, е залагање за интеграцијата на општествено маргинализираните групи. Оттука го црпиме легитимниот интерес за спротиставување на изјавите дадени кон хомосексуалните лица и двојки.

 

Со големо жалење можевме во изминативе неколку дена да заклучиме дека владејачката структура во името на освојување на гласачкото тело ја продолжува бескрупулозната и недемократска тенденција на манипулација со популистички аргументи и мобилизација на класичните предрасуди и стравови на општата популација. Изјавите од 2006 г во изборната кампања, кога ВМРО дојде на власта, тогаш од страна на Антонио Милошовски, а со кои тој правеше поделба на македонското општество на здраво и болно, пришто здравиот сегмент од општеството беше резервиран за хетеросексуалната брачна репродуктивна двојка, деновиве беа продолжени од страна и на Министерот за ТСП, Спиро Ристовски. Големо е разочарувањето кога ваквите изјави доаѓаат токму од институцијата која треба да застане во заштитата од дискриминација, и уште поважно, во промоцијата на недискриминациските принципи и вредности. Големо е разочарувањето дека владејачката структура, онаа којашто очигледно ја претставува Минситерот во својата функција на претставник на сите граѓани на РМ, го продолжува својот сензационалистички и недемократски монолог по однос прашањето на семејството, бракот, и конечно, истополовите заедници.

 

Со двете последователни изјави дадени во петокот, 12.11.2012, министерот Ристовски, според нас, направи недвосмислена дистинкција помеѓу здравствената состојба на хетеросексуалните и хомосексуалните лица, односно оние растени во хетеросексуална или хомесексуална заедница. Во оваа смисла повторно препознаваме дискриминаторски говор, бидејќи хомосексуалните лица и заедници недвосмислено се исклучени од поимањето на нашата влада за здрава нација. Со своите последни изјави, Министерот Спиро Ристовски, го раскина на македонското општество на два дела. Едниот дел го претставуваат, повторно, според Министерот, здравите брачни двојки кои биолошки се репродуцираат и и нудат на нацијата здрави и правилно развиени деца, додека, по логички след на нештата, останатиот сегмент на општеството го претставуваат сите оние двојки кои не ја исполнуваат ’светата мисија’ на репродукција на здравата нација, сите оние родители кои самите ги одгледуваат своите деца со сета можна љубов и извори на грижа, сите самохрани мајки, сите оние двојки кои имаат посвоено, изгледано и развиено деца надвор од ’вистинската биолошка форма на зборот’, сите оние граѓани кои ја имаат искористено современата технологија за да донесат на овој свет уште еден човечки живот, сите оние форми на зедница, на кратко, кои отстапуваат од нормативниот православен модел кој Министерот на една секуларна држава го застапува.

 

Денес сакаме да го потсетиме министерот дека во Законот за заштита и спречување од дискриминација, што беше предложен токму од министерството со кое раководи Ристовски, е содржана дефиницијата (одредбата) за вознемирувањето, како една од формите на дискриминација. Во оваа одредба се вели: Вознемирувањето и понижувачкото постапување претставува повреда на достоинството на лице или на група на лица кое произлегува од дискриминаторска основа и кое има за цел или резултат повреда на достоинството на одредено лице или создавање заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика.

 

Достоинството на исклучително маргинализирана група беше повредено како резултата на изјавата дадена од страна на минисерот Ристовски. Ваквата повреда по основа на сексуална ориентација ќе бараме да биде утврдена како дискриминаторна од страна на Комисијата за заштита од дискриминација.

 

За жал, последната изјава на министерот и нејзината конотација само ги поткрепуваат констатациите во Извештајот на ЕУ за напредокот на РМ, кои експлицитно утврдуваат дека во РМ освен што во Законот за заштита од дискриминација недостасува сексуалната ориентација како основ за дискриминација туку и дека недостасува кампања за подигање на јавната свест за правата на ЛГБТ заедницата. Последните настани само уште повеќе потенцираат дека не само што нема воља да се преземе нешто на овој план туку напротив, дека само се зајакнува неразбирањето и стигматизацијата на претставниците на ЛГБТ заедницата. Говорејќи за забелешките во Извешатјот за напредокот на РМ, морам да споменам и дека со ставот на Комисијата за заштита од дискриминација за конкретниот случај исто така повторно се потенцира и прашањето за нејзината независност и непристрасност во одлучувањето кога станува збор за акти и дејствија на извршната власт.

 

 

ПРИЛОГ 1: ЈАВНА РЕАКЦИЈА на изјавата на Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски

 

„Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски изјави:

“Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните двојки да им се дозволи да посвојуваат деца, затоа што сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот.”

 

Оваа изјава на Министерот Спиро Ристовски е во целосна спротивност со реалната ситуација во која растат илјадници деца, односно со различните видови семејства во кои се пружа и обезбедува грижа и внимание во одгледувањето на деца. За ова сведочат бројни социолошки и антрополошки студии од еминентни научници.

 

Имено, изјавата на Министерот претставува акт на целосно исклучување, делегитимизирање и дехуманизарање на сите видови заедници и семејства, како и деца кои растат во такви заедници, а кои не соодветствуваат на биолошкиот репродуктивен и бинарен модел на семејство, односно бракот врз основа на кој Министерот и ја заснова својата изјава.

 

Со оваа изјава Министерот ги дискриминира сите деца и форми на заедници и семејства во кои децата добиваат неопходна грижа, љубов и внимание, како на пример деца израснати од самохрани мајки, децата израснати со блиски роднини, децата без родители, посвоените деца, децата за кои се грижат поголеми групи на жени (најчесто во услови на миграција), децата кои се израснати од страна на истополовите двојки и заедници, децата од различни култури во кои принципот на брак и биолошката двојка не е клучен во процесот на одгледување и грижа за децата итн.

 

Она што посебно загрижува во оваа изјава на Министерот е дека истата потсетува на застапување за некои од примитивните форми на семејство, но уште пострашно, наликува на застрашувачкиот модел на семејство и репродукција во служба на расно чиста нација. За ова постојат сведоштва во мрачните архиви на европската цивилизација.

 

Јавно ја повикуваме Комисијата за заштита од дискриминација да реагира и да ја осуди изјавата на Министерот, посебно што изјавaта е дадена од министер во чија надлежност е заштитата од дискриминација и социјалното исклучување.

 

Врз основа на надлежноста на Комисијата за заштита од дискриминација како и претходната пракса кога Комисијата реагираше на дискриминаторски изјави на политичари, бараме најитно Комисијата јавно да излезе со став и да ја осуди изјавата на Министерот Спиро Ристовски која претставува дискриминација по основ на семејна и брачна состојба.

 

Скопје, 10.09.12

 

Коалицијата ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’

и Мрежа за заштита од дискриминација“

 

 

ПРИЛОГ 2: РЕАКЦИЈА НА МИНИСТЕРОТ СПИРО РИСТОВСКИ

http://kurir.mk/makedonija/vesti/87947-Ristovski-Za-ovaa-Vlada-brakot-e-zaednica-megu-maz-i-zena

 

„Почитувани,

Со жалење можам да констатирам дека одредена група на граѓански здруженија под формата на таканаречена Коалици ја на „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници„ и „Мрежа за заштита од дискриминација“ реагираше на мојата изјава дека „Не сакам ни да дискутирам за прашањето на хомосексуалните двојки да им се дозволи да посвојуваат деца, затоа што сметам дека едно дете треба да биде правилно развивано, да расте и да се развива во брак во кој што ќе има мајка и татко во вистинска и биолошка форма на зборот.“ И толку! Јас никаде во ниту еден момент не говорев за другите форми на заедница во којашто одредени деца растат затоа што не по своја воља останале без еден или двајца родители, но за истите тие деца се грижат или најблиските или пак државата! И повторно и во едниот и во другиот случај тие деца ја имаат природната форма на згрижување.

 

Почитувани,

Каде овде видовте заложба за „расно чиста нација“? Овде има заложба за здрава нација затоа што јас и партијата на којашто и припаѓам се залагаме за здрава нација! Впрочем статистиката говори за намалување на наталитетот, а тој како ќе го подигнеме ако не преку раѓање на здрави деца во здрава природна средина!

 

Со оглед на фактот што се обидувате грубо да манипулирате со мојата изјава и да ме обвинувате за нешто што ниту го мислам ниту пак се залагам, јавно Ве информирам дека Вие како Коалиција на „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и „Мрежа за заштита од дискриминација“ ќе морате обвинувањата за „расно чиста дискриминација“ да ги докажете пред надлежните институции!

 

Со почит,

Спиро Ристовски“

 

 

Коалиција ’Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници’

Македонски хелсиншки комитет

ЛГБТ Јунајтед

Фондација отворено општество Македонија

ХОПС