Саркози го назначи првиот геј-министер

Саркози го назначи првиот геј-министер

Најголемото внимание во реконструкцијата на француската влада деновиве предизвика назначувањето за министер за култура на 61-годишниот внук на легендарниот француски социјалистички претседател Франсоа Митеран, Фредерик, кој ќе биде првиот француски министер кој отворено признава дека е геј.

Фредерик Митеран е режисер и на министерската позиција доаѓа од местото директор на престижниот културен центар во Париз, „Вила Медичи“. И покрај семејното потекло, тој никогаш не станал социјалист и не се занимавал со политика.

Францускиот претседател Никола Саркози направи поголема реконструкција на Владата отколку што се очекуваше, користејќи го моментот да ги казни непослушните соработници, но и да ја налути опозицијата со пополнување на неговата администрација со некои докажани левичари.

Најистакнати жртви на реконструкцијата беа министерката за култура Кристин Албанел, која беше избркана затоа што не успеа да го истурка законот против илегално користење материјали од интернет. Во останатите поважни ресори во Владата останаа истите луѓе, вклучувајќи го и премиерот Франсоа Фијон.