СЕММ донесе Мислење дека објавен текст на Алфа ТВ отстапува од професионалните и етички стандарди

СЕММ донесе Мислење дека објавен текст на Алфа ТВ отстапува од професионалните и етички стандарди

Советот за етика во медиумите во Македонија утврди дека текстот на Алфа ТВ насловен „Конкурси на Министерството за култура: Книгата за љубовта на Гоце Делчев не помина, ама „Парадата на гордоста“ е проект од национален интерес“ отстапува од професионалните и етичките стандарди.

Во текстот на Алфа ТВ погрешно се информираше дека Министертвото за култура дало пари за Парадата на гордоста, наместо фестивалот за квир уметност Викенд на годорста кој не вклучува марш, туку серија на настани како изложби, перформанси и музички настапи. Феминистичкиот фестивал „Прво на женско“ и квир фестивалот, погрешно напишан како Парада на гордоста беа врамени како настани кои „немаат никаква врска со националниот интерес“. Според Алфа ТВ настани кои ја промовираат феминистичката култура, квир културата, промовираат родова еднаквост и ЛГБТИ права, не се од национален интерес и покрај тоа што еднаквоста е уставна вредност. Светогледот според кој националниот интерес се гледа како интерес на доминатната група дефинирана исклучиво од етникумот, а поврзан со историјата на оваа група е исклучувачки и дискриминаторски светоглед, кој промовира етноцентризам, идеја за супрематија на една група наспроти останатите и омраза кон различните.

Во одговорот Советот за етика во медиумите на Македонија утврдува дека е прекршен член 10 од Кодексот на новинарите на Македонија според кој „новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува насилство и дискриминација по која било основа…“. Според Советот иако во текстот нема експлицитен израз на дискриминација или говор на омраза, самиот наслов имплицира такво значење како и начинот на кој е врамена темата преку споредба на двата настани (книгата за Гоце Делчев и Парадата на городста). Советот смета дека медиумот упатува јасна порака до јавноста дека двата настани кои ја симболизираат акцијата на граѓанските активисти за еднаквост и права на групите кои се дискриминирани врз основа на пол, род и сексуална ориентација не треба да сметаат на поддршка од државата и дека во случајот Министерството непотребно издвоило буџет за овие заедници.