За прв пат во Обединетите нации, меѓурегионална група од 28 земји повика на закони и политики кои овозможуваат правно признавање на родот врз основа на самоидентификација

За прв пат во Обединетите нации, меѓурегионална група од 28 земји повика на закони и политики кои овозможуваат правно признавање на родот врз основа на самоидентификација

Женева, 29 март 2023 година

„Човековите права се универзални, неотуѓиви и неделиви,“ изјави Аргентина пред Советот за човекови права во име на 28 земји-членки на Обединетите нации (ОН). „Како такаов, самоопределениот родов идентитет на секоја личност е и манифестација на самоидентификација, достоинство и слобода. Ние силно ги поддржуваме сите политики кои се борат против насилството и дискриминацијата против сите жени и повторуваме дека овие политики треба да се засноваат на интерсекциски пристап, заштитувајќи ги жените кои се подложени на повеќе форми на дискриминација – вклучувајќи ги и транс жените.“

Аргентина и останатите земји потписнички на изјавата ги повикаа другите држави да „спроведат закони и политики кои овозможуваат признавање на родовиот идентитет врз основа на самоидентификација“ и „да ги удвојат напорите за спречување и одговор на сексуалното и родово-базирано насилство и дискриминација, вклучително и врз жените во сите свои различности.“ Тие, исто така, посочија дека „многу ОН и регионалните механизми за човекови права, препознале дека самоидентификацијата е основна за заштита на нечија автономија и достоинство и дека е во согласност со меѓународните стандарди за човекови права за признавање на родот.“

Оваа изјава која претставува важна пресвртница, доаѓа како резултат на долгогодишното работење на граѓанските организации и бранителите на трансродовите и ЛГБТИК+ човековите права за да се чуе гласот на трансродовите и луѓето со различни родови идентитети за историската неправда со која оваа популација се соочува секојдневно.

Делувањето на граѓанските организации ги поттикна државите и телата за човекови права да проговорат и делуваат. Со години во рамки на меганизмите на ОН беа наведувани прашањата за родовиот идентитет и изразување во препораките до државите. Како резултат, во 2021 година, 27 држави го повикаа Советот за човекови права на Обединетите нации итно да ги заштити човековите права на транс луѓето, особено на транс жените.

Граѓанските организации се вклучија и на последната сесија на Советот за човекови права на ОН. Коалиција Маргини и 65 други организации од сите региони на светот, изјавија:

„Самоопределувањето се базира на правото на телесна автономија и интегритет, право за кое долго и напорно се борат феминистичките бранители на човековите права, правниците, лекарите и експертите ширум светот. Без целосно остварување на правото на телесна автономија, здравјето, животите, човековите права и благосостојбата на сите жени и девојки, вклучително и транс жените, транс младите и луѓето со различна сексуална ориентација, родов идентитет и изразување и полови карактеристиките се во опасност. Ги повикуваме членовите на Советот за човекови права да продолжат да ги унапредуваат стандардите за човекови права за жените и девојките во сите свои различности.“

Терминот „правно признавање на родот“ се однесува на законите, административните процедури или постапки со кои едно лице може да ги промени својот родов маркер и име во официјалните документи за лична идентификација. Моделот за правно признавање на родот заснован на самоопределување им овозможува на луѓето да добијат документи за идентификација кои одговараат на нивниот родов идентитет и изразување без да поминат низ насилни барања и повреда на нивниот телесен интегритет. Ваквиот модел значително ги намалува дискриминацијата, вознемирувањето и насилството со кои се соочуваат транс луѓето во различни аспекти од нивниот секојдневен живот. Дополнително, на транс лицата им овозможува пристап до здравствена заштита, образование, вработување, домување и други основни права кои инаку може да им бидат ускратени поради нивниот родов идентитет.

Преземено и прилагодено од: ilga.org
превод: Билјана Гинова