Пресуда на Европскиот суд – Книга која прикажува истополов брак е погодна за деца

Пресуда на Европскиот суд – Книга која прикажува истополов брак е погодна за деца

ИЗВОР: politico.eu

Со донесување на значајна пресуда, Европскиот суд за човекови права во понеделникот соопшти дека етикетирањето на книга чија содржина реферира на истополови бракови како штетна за деца, се смета за нарушување на правото на изразување.

„Ограничувањето на пристапот на децата до такви информации не следеше никакви цели што може да ги прифати како легитимни“, се вели во одлуката на Судот.

Случајот ги спротивстави литванската Влада и авторот на збирката бајки чија приказна во некои случаи се врти околу истополовите бракови. (На пример, еден пасус во една од книгите опишува принцеза и ќерка на чевлар како спијат во прегратка по нивната венчавка.)

Дистрибуцијата на книгата, „Gintarinė širdis“ или „Килибарно срце“, беше прекината набргу по објавувањето, во март 2014 година. Кога продолжи една година подоцна, книгите беа дистрибуирани со етикета со предупредување дека нивната содржина може да биде штетна за децата под 14.

Авторката, Неринга Макате, поднесе граѓанска тужба против издавачот на книгата во Литванија, тврдејќи дека реферирањето на истополовите врски не може да се смета како штетно за децата. Откако нејзиното барање беше одбиено од литванските судови на сите нивоа, таа поднесе барање пред ЕСЧП во ноември 2019 година. Таа почина во 2020 година.

Во својата одлука, судот утврди дека „мерките против книгата на апликантот имале за цел да го ограничат пристапот на децата до информации што ги прикажуваат истополовите врски како суштински еквивалентни на врските со различен пол“.

Со ова, според судот, е прекршен членот 10 од Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на слободата на изразување.

Судот не беше убеден од аргументот на литванската Влада дека книгата „промовирала истополови семејства над другите“.

„Напротив, бајките се залагаат за почитување и прифаќање на сите членови на општеството во фундаментален аспект од нивниот живот, имено посветената врска“, се вели во одлуката на судот.

Тоа е првиот случај бо кој ЕКЧП беше повикан да донесе одлука за ограничување на пристапот до литература за деца која покажува референци за истополови врски.

Пресудата ја прославија организациите за правата на ЛГБТК+.

„Заштитата на децата или јавниот морал премногу често се користат како пригоден изговор за ограничување на слободата на изразување и демонизирање и дискриминација на членовите на ЛГБТКИ+ заедницата“, рече Барбора Буковска, виша директорка за право и политики во невладината организација за човекови права Член 19.

„Со денешната пресуда, Европскиот суд ја отфрли ваквата тактика за заплашување и јасно стави до знаење дека не може да се толерира“.