Пристап до социјални и здравствени услуги за ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија

Пристап до социјални и здравствени услуги за ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија

ИЗВОР – Собрание на РСМ

По повод ‘’Месецот на гордоста“ (Pride month), Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата на Собранието на Република Северна Македонија денес одржа работна средба на тема: „Пристап до социјални и здравствени услуги за ЛГБТИ луѓето во Република Северна Македонија’’.

Средбата ја отвори координаторката на Групата, Маја Морачанин, која ги информираше присутните за почетоците на Групата, формирана на иницијатива на НВО во 2018 година, а денес веќе во вториот нејзин мандат, брои 15 пратеници и пратенички од различни политички партии. Таа истакна дека оваа група даде голем придонес преку амандманското подобрување на законската регулатива, која ги третира правата на ЛГБТИ луѓето, учествуваше во различни кампањи за подигнување на јавната свест против говорот на омраза, насилството и дискриминацијта на ЛГБТИ луѓето и во тој контекст и денес продолжува да дејствува, имајќи ги во предвид сите предизвици, особено обврската на Собранието да го донесе законот за правно признавање на родот.

Европратеничката Ким Ван Спарентак ги сподели искуствата од Европскиот парламент на оваа тема, истакнувајќи го своето задоволство што има прилика да присуствува на настан на оваа Група и да се информира лично што во земјава се превзема на оваа тема. Според неа многу е важно да се дискутира на оваа тема, затоа што има луѓе, кои сакаат да ги одземат правата на ЛГБТИ луѓето, наспроти оние пак, кои истите сакаат да ги унапредат.

Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција ‘’Маргини’’, на еден ден

пред Парадата на гордоста, потсети дека со континуирана работа се направени, иако ситни, сепак чекори напред и единствено така може да се стигне до долгорочните реформи. Во своето излагање таа се осврна меѓудругото на образованието и посочи дека треба да се работи на тоа, нашите училишта да станат безбедни простори, каде ќе ги развиваме демократските капацитети, а младите луѓе во нив ќе имаат можност да го развијат нивниот целокупен потенцијал. Цветковиќ упати порака до политичарите недвосмислено да ја артикулираат својата позиција, дали се за еднаквост и права, или се за насилство и дискриминација, потсетувајќи дека се додека секој еден, не е еднаков, ниту еден не е еднаков.

Елена Грозданова, државна советничка за еднакви можности во МТСП  ја презентираше Стратегијата за еднаквост и недискриминација  2022 – 2026 и истакна дека акцискиот план е работен на транспарентен  и инклузивен начин. Таа посочи дека во Стратегијата никаде експлицитно не се посочува ниту една маргинализирана група, оттука ниту ЛГБТИ лицата. Грозданова ги информираше присутните, дека во моментот се работи на формирање националното координативно тело за еднакви можности со одлука на владата, а една од првите активности на истата, ќе биде ревидирањето на националниот акциски план за ЛГБТИ лицата.

Исмаил Камбери од КСЗД наведе 4 случаи на повеќеслојна дискриминација со акцент  на еден случај, кога трансродово лице било одбиено од лице вработено во аптека да добие одредени лекови, за кои што поседувало рецепт од матичен лекар.

Денис Арслановски ги потенцираше проблемите на Ромите, кои што припаѓаат на одредено сексуално малцинство и се соочуваат со повеќе проблеми, а многумина од нив не поседуваат ниту лични документи. Според него говорот на омраза креира некултура.

Наташа Бошкова говореше за правно признавање на родот и укажа дека, земјата нема јасна законска рамка и побара донесување на јасен, транспарентен и пристапен Закон за матична евиденција. Таа упати барање до сите релевантни институции и Владата и побара кога овој закон ќе дојде во собраниска процедура преку взаемна соработка да се дојде до средно решение, кое што ќе обезбеди минимум потребни услови.

Јована Јовановска Кануркова говореше за националниот акциски план кој бил подготвуван во 2020 година, а сега повторно се отпочнува процес на нов таков план. Новата национална стратегија, според неа, не ги одразува реалните потреби на ЛГБТИ луѓето, и иако државата е пофалена од ИЛГА Европа за донесување на  Законот за спречување и заштита од дискриминација со повлекувањето на акцискискиот план, реалната состојба на оваа тема се менува.

Давид Тасевски од Субверзивен фронт искуствено сподели дека, самата психолошка поддршка што им се нуди на луѓето од оваа заедница, се нуди од стручни лица, кои имаат дискриминаторско однесување. Тој побара политичките партии со својата нарација и однесување да не придонесуваат кон нормализирање

на омразата кон ЛГБТИ луѓето.

Пратеничката Моника Зајкова изрази задоволство, што Собранието станува поотворено за ЛГБТИ лицата, а пратеничката Гордана Сиљановска Давкова истакна дека на седницата на која што се донесува законско решение за оваа засегната група, важно е  да можат да присуствуваат и да учествуваат во процесот на одлучување самите тие на кои се однесува, потенцирајќи дека демократијата се учи со вежбање, додека пак пратеничката Санела Шкриељ нагласи, дека клучно е да се продолжи со реформи во образованието, со посебнен акцент на кадрите и учебниците, кои нема да промовираат исклучување и дискриминација.  Пратеничката Марија Костадинова, потенцираше на штетноста на говорот на омраза, лажните вести и дезинформациите, кои беа присутни во јавноста пред носењето на Законт за матична евиденција.

На крајот кординаторката Морачанин испрати покана до сите за учество на на Скопје Прајд, утре, 25 јуни 2022 година под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“