Изгласување на Предлог Законот за матична евиденција во најскор рок и без одлагање

Изгласување на Предлог Законот за матична евиденција во најскор рок и без одлагање

Коалиција МАРГИНИ покрена кампања под слоганот „Со човековите права, не се преговара! – Еднакви пред законот и во општеството!“ со цел истакнување на итната потреба од донесување на квалитетни законски решенија што ќе обезбедат еднаков третман и достоинствен живот за трансродовите луѓе во Северна Македонија.

Кампањата е насочена кон  информирање на јавноста, но и  потсетување на пратениците за нивниот удел во исполнувањето на обврската на државата за целосно спроведување на Одлуката на Европскиот суд за човекови права во случајот „Икс против БЈРМ“.

На Предлог Законот за матична евиденција, што треба да овозможи правно признавање на родот, работеше експертска работна група составена од претставници на сите надлежни институции, граѓански организации кои директно работат со трансродовите луѓе.

Постоечкиот Закон за матична евиденција не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол, со што се остава простор на надлежните институции за носење на произволни одлуки засновани на личните ставови на поединците.

Трансродовата заедница и граѓанските организации подолго од една деценија укажуваат на отсуството на јасна законска рамка за правно признавање на родот што резултира со проблеми на трансродовите луѓе да можат да си ги остварат основните права на образование, здравствена заштита, вработување и користење на добра и услуги во секојдневниот живот.

Предлог Законот за измена и дополнување на Законот за матичната евиденција што се наоѓа во собраниска процедура делумно ги коригира недостатоците на постоечката законска рамка и доколку се усвои, државата ќе ја исполни својата обврска да обезбеди правно признвање на родот, а трансродовите луѓе ќе можат непречено да ги остваруваат своите права со почитување на нивниот родов идентитет.

Поради ова, ги повикуваме пратениците од сите пратенички групи во Собранието во најбрз можен рок ги изгласаат измените на Законот за матична евиденција со што ќе овозможат достоинствен живот на мала група на луѓе без да се засегне јавниот интерес.

Првата видео содржина од кампањата можете да го погледнете на:  https://www.facebook.com/CoalitionMargins/videos/641864070189137/

Кампањата за донесување на Законот за матична евиденција е во реализација на Коалиција МАРГИНИ, а е спроведена во рамки на проектот Advocacy project for LGR in North Macedonia, поддржан од Совет на Европа, а во партнерство со ERA – LGBTI Equal Rights Association – LGBTI Equal rights Association for Western Balkans and Turkey и ТрансФормА – Transforma.