SKOPJE PRIDE WEEKEND 2020 | Суров оптимизам

SKOPJE PRIDE WEEKEND 2020 | Суров оптимизам

Викендот на гордоста во Скопје годинава се одржува по осми пат, а неговата цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Доколку тргнеме од претпоставката дека интерсекционалноста е клучната парадигма преку која се конструираат и перформираат сите идентитетски позиции, вклучително и родовите и сексуалните идентети, со програмата сакаме да понудиме повеќеслојна критика на бинарниот родов систем, хетеронормативноста и националистичката хомофобија, како и на пресечните точки на опресивните, дисциплински режими на моќ со класата, етничката припадност, расата и здравјето. Квир особеноста, или настраноста, како почетна идеја на Фестивалот, означува начин на живот, уметност на стилизација на сопствениот и колективниот живот, политичка алатка и став преку кој се дава отпор против доминантните модели на моќ/знаење со кои одредени сексуални и родови идентитети се оркестрираат и регулираат како „нормални“, додека други пак како „настрани“ и „изопачени“. Квир политичката и културна ориентација се занимава со критичко истражување и проблематизирање на нашите желби и копнежи за конформизам и нормалност, вклучително и хегемонските претпоставки и вредности за љубовта, интимноста, сродството, отелотворувањето, капиталистичката конкурентност и еготизам, комодитетскиот фетишизам, како и современите дискурзивно-материјални перформативи на нацијата-држава.

Фокусот на програмата на Викендот на гордоста е насочен кон културните и уметнички перформативни практики, вклучително и визуелни и современи уметнички практики преку кои се обработуваат теми како што се отелотворувањето, афектот и субјективитетот со посредство на различни медиуми. Изборот се заснова врз нашата посветеност на идејата дека „естетското“ е суштински вкоренето во телесното искуство, и како такво се наоѓа во основата на општествените, културните и политичките искуства. Одовде, доколку политичката идеологија и хегемонските културни модели ги пренесуваат сопствените наредби врз телата на граѓаните, при што ги оформуваат нивните емоционални ориентации и сензибилитети (естетскиот домен), телото и афектните и емоционални односи стануваат клучно место за обмислување и создавање на отпорот и алтернативните животни форми. Со други зборови, хетеронормативната идеологија и маскулинистичкиот културен поредок функционира преку перформансите и ритуалите со кои се мобилизираат и кореографираат нашите движења, енергии, желби, афекти и телесни потенцијали и со кои се регулираат односите меѓу телата во социјалните простори. Преку уметноста на перформанси и телесната уметност се мобилизираат токму ваквите притисоци на моќ врежани врз нашите тела, и субверзивно се пренасочуваат во алтернативни и ненормативни насоки. Телото, во критичките феминистички и квир перформативни практики, претставува бојно поле на кое се актуализираат и оспоруваат односите на моќ.

Во изминатите четири години во рамките на Фестивалот беа прикажани изложби, инсталации, перформанси, претстави, предавања и дискусии на: Ваџинал Дејвис, Борјана Роса, Касилс, Хелен Барие и Виктор Марзук, Доминик Џонсон, Аереа Негро, Ефемерни исповеди, Дел ЛаГрејс Волкено, Дејвид Хојл и Липсинкерс, Иво Димчев, Травис Алабанца, Рон Ејти, Бојчајлд, Рејчел Јанг, ПЕНСИ, Дејвид М. Халперин и многу други.

Основниот кураторски субјект на овогодишното издание на Фестивалот е Суров оптимизам, со што им оддаваме почит на продуктивните начини на обмислување, естетиката и политичката критика воведени преку делото на Лорен Берлан за суров оптимизам (2011), од една страна, и да ги истражиме и проблематизираме современите општествени, културни и политички состојби преку овој концепт како критичка алатка, од друга страна. Суровиот оптимизам ги означува тековните приврзаности и афектниот и либидинален влог кон/во објекти, места, идеали, норми, институции, светови и форми на живот како грст ветувања и извори на истрајност, како блискост што не ги прават подостижни ветените нешта и фантазијата за добар живот туку, напротив, се спротивставуваат на нашиот процут, индивидуален и колективен. Особено сурово во овие форми на односи на „приврзаност кон компромитирани состојби на можноста, чија реализација е или невозможна, обична фантазија или премногу возможна, и токсична“ (Берлан 2011) е тоа што субјектите не успеваат да ја истрајат можната загуба, прекин, трансформација, криза или исчезнување на овие објекти и места на желба и приврзаност, и покрај искуството на абење на субјективната и колективна благосостојба.

Загубата на овие места, норми, институции и форми на живот воведуваат афектна дезориентација, прекин или криза во прилично познататите жанрови на живеење, интуиции и афектни мапи за самореализација и закотвување, и вреднување и интерпретација на светот. Овие загуби се прекин во „континуитетот на чувството на субјектот да узнае што, всушност, значи да продолжи да живее … и го надвладуваат капацитетот и способноста на субјектот да негува надеж за нешто“. Во современите социо-политички и културни услови, објектите на сурова оптимистичка приврзаност можат да се препознаат во тековните инвестирања, надеж и близина до национализмот, хетеронормативност, мажественост и родова бинарност, привилегијата на белата раса, разни идентитетски политики и неолибералната рационалност, и покрај тоа што тие се проблематични објекти на желба преку кои се поткопуваат условите на колективниот живот и добриот живот за кои копнеат субјектите. Но освен тоа, во поширок историски и западен контекст, би можеле да ги разгледаме политички фиксираните значења и надежи вложени во нормативните форми на субјективитет, индивидуализам, автономија, идентитет, интенционалност, љубов, сопственост, нормалност и обичност, заедница, нацијата-држава, суверенитет, политиката на границите и „метафизиката на присуството/сегашноста“ воопшто.

Во рамките на Фестивалот целиме да ги анализираме пукнатините, отворите, прекините, недоследностите и дезориентираноста кои: 1) се конститутивен дел на нормативите на суровите оптимистички приврзаности и ветувањата за добар живот и фантазиите дека ќе се исполнат, и покрај тоа што се градат врз сликата на полнотија, целовитост и хомогеност; 2) се искусуваат и се почувствувани како ќор-сокак и криза на искршени материјални светови на афектно и сензорно ниво, како тековни структури на чувствувањето, опипливи а сепак неподатливи за дефинирање; 3) се произведени од практики на угнетување, експлоатација и нееднаквости во рамките на хетеронормативните, националистички и неолиберални капиталистички политички режими; или 4) се предизвикани од колективните и индивидуални практики на отпор или одбивање на нормативните рамки на инвестирање, приврзаност и релационост.

Од особен интерес за нас е истражувањето и презентирањето на уметнички и културни стратегии и практики за откривање на нови и алтернативни инвентари на чувства, објекти и места на желби, релационост, отелотворување, навики, светови и заедници, токму од и преку ќор-сокаците и искуствата на скршеност во рамките на распарчените нормативни, насилни и хегемонски социо-политички режими (особено режими на родот, сексуалноста, националноста и капиталот), и на тој начин да се одвојат и прекинат односите на приврзаност кон суровиот оптимизам.

Славчо Димитров
Куратор на Фестивалот