Револуционерна надеж: Разговор помеѓу James Baldwin и Audre Lorde

Револуционерна надеж: Разговор помеѓу James Baldwin и Audre Lorde

Музејот на современа уметност на африканската дијаспората го реобјави овој разговор помеѓу иконите на црнечката мисла James Baldwin и Audre Lorde на нивната Tumbr страница. Разговорот се случил на колеџот Хемпшир во Амхерст, и првично бил објавен во ESSENCE во 1984 г.

Дијалогот ја открива важноста на препознавање на фактот дека заедничкото расно минато не може да го засени различното родово минато меѓу црните мажи и жени.

JB: Една од опасностите да се биде црн американец е шизофренијата, а ова го мислам во буквална смисла. Да се биде црн американец на некој начин значи да се родите со желба да бидете бел. Тоа е дел од цената што ја плаќате со сопственото раѓање тука, и тоа влијае на секој поединец црнец. Може да се вратиме во Виетнам, може да се вратиме и во Кореја. Може да се вратиме и во Првата светска војна. Може да се навратиме и на W.E.B. Du Bois – чесен и прекрасен човек – кој предводеше кампања за да ги убеди црнците да се борат во Првата светска војна, велејќи дека ако се бориме во оваа војна со цел да ја спасиме оваа земја, нашето право на државјанство никогаш повеќе нема да биде доведено во прашање – па кој може да го обвини за тоа? Тој навистина го мислеше тоа, а јас да бев таму во тој момент, веројатно би го рекол истото. Du Bois веруваше во американскиот сон. Исто и Martin. Исто и Malcolm. Така и јас. Затоа седиме овде.

AL: Јас не, душо. Жал ми е, едноставно не можам да преминам преку тоа. Длабоко, длабоко, длабоко во себе, знам дека сонот никогаш не беше мој. Плачев и се борев, но едноставно знаев. Бев Црна. Јас бев жена. И бев надвор од сите конструкти во кои лежи моќта. Така што, за да преживеам – морав сама! Никој не сонуваше за мене. Никој не ме проучуваше, освен како нешто кое треба да се избрише.

JB: Велиш дека не постоиш во американскиот сон освен како кошмар.

AL: Тоа е точно. Тоа ми беше јасно секој пат кога ќе го отворев магазинот Jet. Секој пат кога ќе отворев кутија тампони Kotex. Секој пат кога одев на училиште. Секој пат кога ќе отворев книга со молитви. Знаев, едноставно знаев.

JB: Тешко е да се родите онаму каде ве презираат и настојуваат да ви ветат дека – вака или онака – можете да го постигнете невозможното. Се обидувате да се справите со мажот, жената, детето – дете од кој било пол – и тој или таа и вашиот маж или жена треба да се справат со 24-часовните факти од животот во оваа земја. Нема да одлетаме на некое друго место, така што подобро е да го поминеме денот, да се имаме едни со други и да ги израснеме децата – некако да се справиме со сето тоа. И тоа се случува 24 часа секој ден, а вие сте опкружени со мерки на безбедност: дали можете да ја поднесете ваквата зделка. Осигурај се дека пазувите нема да ти мирисаат. Навиткај ја косата. Биди беспрекорен. Биди се’ она што американската јавност вели дека треба да бидеш, нели? И ти ги правиш овие нешта – и ништо не се случува. А она што е уште пострашно е што ништо не се случува ниту со твоето дете.

AL: Уште полоша од кошмарот е празнината. А црните жени се празнина. Не сакам да го објаснувам ова и да застанам пред ѕидот на машко-женската поделба. Кога ја признаваме и се справуваме со разликата; кога се справуваме со длабоката горчина; кога се справуваме со ужасот на нашите различни кошмари; кога ќе ги свртиме и ќе ги погледнеме, тоа е како да гледаме во смртта: тешко, но возможно. Ако погледнете директно без да прифатите, тогаш не постојат многу нешта од кои може да се исплашите.

JB: Се согласувам.

AL: Па, исто како кога гледаме на меѓусебните разлики и не дозволуваме да се поделиме, кога ги прифаќаме и не дозволуваме да не’ разделат, тогаш можеме да продолжиме понатаму. Но, сè уште не сме ни’ во почетната фаза.

JB: Не сум сигурен во тоа. Мислам дека смислата на Црнците за машко и женско е многу пософистицирана од западната идеја. Мислам дека црните мажи и жени многу помалку се иритираат од прашањето за родовите или сексуалните склоности – сето тоа. Барем тоа важи за моето искуство.

AL: Да, но ајде да се тргнеме од реактивната позиција – т.е. реакцијата на црните мажи и жени. Додека реагираме на она што постои, правиме меѓусебни договори – а меѓу нас постојат разлики во моќта…

JB: Да…

AL: Навистина да се справиме со тоа како живееме, препознавајќи ги меѓусебните разлики, е нешто што се’ уште се нема случено…

JB: Разлики и еднаквости.

AL: Разлики и еднаквости. Но, во теснец, кога седиме на исто столче, се чини дека е полесно да се справиме со еднаквостите. Кога се занимаваме само со еднаквост, развиваме оружја што ги користиме едни против други кога разликите ќе станат очигледни. Се бришеме едни со други – црните мажи и жени може да се збришат меѓусебно – многу поефикасно отколку што тоа го прават аутсајдерите.

JB: Ова е вистина.

AL: Крвта ни’ врие, разбеснети сме. Мислам, тоа е она што црните жени си го прават едни на други, црните мажи си го прават едни на други, и она што црнците воопшто си го прават едни на други. Ние работиме на тоа да се избришеме едни со други на еден или друг начин – и во суштина ја работиме работата на нашиот непријател.

JB: Се согласувам.

AL: Треба да ги препознаеме ваквите разлики во моќта помеѓу себе и да видиме кон што не’ водат. Се троши огромна количина енергија со тоа што или се негираат разликите во моќта помеѓу црните мажи и жени или со борбата за разликите во моќта меѓу црните мажи и жени или со убиствата на едни со други зад овие разлики. Зборувам за крвта на црните жени што тече по улиците – како да натераме 14-годишно момче да препознае дека јас не сум легитимна цел на неговиот бес? Чизмата е приклештена и на едниот и на другиот врат. Ајде да разговараме за тоа како да ја тргнеме. Мојата крв нема да го измие вашиот ужас. Тоа е она со кое сакам да ги запознаам адолесцентните црни момчиња.

Постојат мали Црни девојчиња што имаат бебиња. Но, ова не е беспрекорна концепција, па затоа имаме и мали црни момчиња кои прават бебиња. Имаме мали црни деца кои прават мали црни деца. Сакам да се справам со тоа, така што нашите деца нема да мора да ја повторуваат ваквата штета врз себеси.

JB: Те разбирам – но дозволи ми да се спротиставам. Знаеш, од која било причина и без разлика дали е погрешно или правилно, со генерации мажите доаѓаат на светот знаејќи или верувајќи инстинктивно или се научени дека бидејќи се мажи, тие на еден или друг начин треба да бидат одговорни за жените и децата.

AL: Аха.

JB: Мислам дека ова не може да се заобиколи.

AL: Никако не може да се заобиколи сега?

JB: Не верувам дека може да се заобиколи ваквиот факт.

AL: Ако можеме да ги испратиме луѓето на Месечината и можеме да ја кренеме во воздух целата планета, ако можеме да ископаме 18 инчи радиоактивна нечистотија од атолите на Бикини и некако да најдеме начин да направиме нешто со тоа – ако можеме тоа да го направиме, ние како Црни културни работници може да почнеме да ги променуваме тие работи – затоа што веќе никој не ја купува „пештерската политика“ – „Убиј го мамутот или видот ќе изумре“. Оние мали деца во шесто одделение – сакам тие црни деца да знаат дека бруталната сила не е легитимен начин за справување со разликите во полот. Сакам да поставам неколку различни парадигми.

JB: Да, но има вистинска разлика како мажот гледа на светот…

AL: Да, да…

JB: И начинот на кој жената гледа на светот. Жената знае многу повеќе од мажот.

AL: А зошто? Од истата причина заради која црнците знаат што мислат белците: затоа што моравме да го сториме тоа за да преживееме

JB: Во ред…

AL: Завршивме со тоа да бидеме мостови. Не гледаш? Црните жени не се оние кои ја пролеваат крвта на црните мажи на улиците. Ние не ја расцепуваме вашата глава со секира. Ние не пукаме во вас. Ние велиме: „Слушајте, она што се случува меѓу нас е поврзано со она што се случува помеѓу нас и другите луѓе“, но ние мора да ги решиме нашите сопствени срања истовремено со тоа што ги штитиме нашите црни задници, затоа што ако не го направиме тоа, трошиме енергија што ни треба за заеднички опстанок.

JB: Не дека не се согласувам – но ако го поставиш аргументот така, ќе видиш, и мажот треба да раскаже одредена приказна, само затоа што е маж

AL: Да, да, и од витално значење е да бидам жива и способна да го ислушам.

JB: Да. Затоа што ние сме единствената надеж која ја имаме. Семејна расправија е една работа; јавна кавга е друга. И ти и јас, – во кујната, со децата, едни со други или во кревет – имаме многу со што да се справиме, едни со други, но мора да знаеме со што се справуваме. И не постои начин да се заобиколи тоа. Јас сум маж. Јас не сум жена.

AL: Така е.

JB: Никој нема да ме претвори во жена. Ти си жена и не си маж. Никој нема да те претвори во маж. И, ние сме неопходни едни за други, а децата зависат од нас двајцата.

AL: Од витално значење е да можам да те ислушам, да слушнам што е тоа што те дефинира и ти да ме ислушаш мене, да слушнеш што е тоа што ме дефинира – затоа што сè додека работиме во таа стара шема, таа не служи никому и сигурно не ни’ служеше нам.

JB: Го знам тоа. Она што навистина мислам е дека никој од нас нема што да докаже, барем не на ист начин, ако не бевме во северноамериканската дивина. И неизбежното несогласување помеѓу братот и сестрата, помеѓу мажот и жената – да се соочиме со тоа, сите тие односи што се вкоренети во љубовта исто така се вклучени во оваа кавга. Бидејќи нашата вистинска одговорност е бесконечно да се редефинираме едни со други. Јас не можам да живеам без тебе, и ти не можеш да живееш без мене – и децата не можат да живеат без нас.

AL: Но, ние мора да се дефинираме едни за други. Мораме да се редефинираме едни за други, бидејќи без оглед какви се основите на изобличувањето, останува фактот дека го апсорбиравме. Сите ја апсорбиравме оваа болест и идеи на ист начин како што го апсорбиравме расизмот. Од витално значење е постојано да се справуваме со расизмот и со белиот расизам кај црнците – да го признаеме ова како легитимна област на истрага. Ние исто така мора да ги испитаме начините на апсорбирање на сексизмот и хетеросексизмот. Ова се нормите на змејот во кој сме родени – и ние треба да ги испитаме овие изобличувања со ист вид отвореност и посветеност како што го испитуваме расизмот…

JB: Го користиш зборот ‘расизам’…

AL: Омрзата кон Црните, кон обоеноста…

JB: – но под зборот „расизам“ стои зборот „безбедност“. Зошто е важно да се биде бел или црн?

AL: Зошто е важно да се биде маж повеќе отколку жена?

JB: И во двата случаи се претпоставува дека е побезбедно да се биде бел отколку црн. И се претпоставува дека е побезбедно да се биде маж отколку да се биде жена. И двете се машки претпоставки. Но, тоа се претпоставки што се обидуваме да ги надминеме или да им се спротивставиме

AL: Да им се спротивставиме, да. Ранливоста што се крие зад тие машки претпоставки е различна за мене и за тебе и мора да почнеме да го согледуваме тоа…

JB: Да, да…

AL: И бесот што се создава во негирање на таа ранливост – ние мора да го пробиеме затоа што има деца кои растат верувајќи дека е легитимно да се пролева женска крв, нели? Морам да го пробијам тоа затоа што овие момчиња навистина мислат дека знакот на нивната мажественост е забременување на шестоодделенка. Морам да го пробијам поради тоа мало девојче од шесто одделение кое верува дека единственото нешто што го има во животот е она што лежи меѓу нејзините нозе…

JB: Да, но сега не зборуваме за мажи и жени. Зборуваме за одредено општество. Зборуваме за одредено време и место. Ти зборуваше за пролевање на црна крв на улиците, но не разбирам –

AL: Добро, цајканите ги убиваат мажите, а мажите ги убиваат жените. Јас зборувам за силување. Јас зборувам за убиство.

JB: Не дека не се согласувам со тебе, но мислам дека се обраќаш на погрешно место. Јас не се обидувам да ги оправдам црните мажи – ниту пак црните жени – но јас зборувам за кралството во кое живееме.

AL: Да, апсолутно се согласувам; кралството во кое се случуваат овие нарушувања треба да се смени.

JB: Нешто се случува со мажот што тепа дама. Нешто се случува со мажот што ја тепа својата баба. Нешто се случува со наркоманот. Јас тоа многу добро го знам. Одев по улиците на Харлем; Јас пораснав таму, нели? Сега знаеш дека не е виновна Црната мачка која ме гледа и се обидува да ме загрчи. Тоа го дознав. Тоа е негова одговорност, но не е негова вина. Тоа е нијанса. Домородниот американец дозна дека не е тој што ми е непријател дури и кога ќе ја претепа својата баба. Неговата баба мора да дознае. Се обидувам да кажам дека треба да се види што е она што нè донесе тука. Двајцата сме на истиот пат. Сфаќаш на што мислам? Самиот се вратив дома, знаеш, сакајќи да претепам нешто што е на повидок – но Audre, Audre…

AL: Тука сум, тука сум…

JB: Се согласувам со тебе. Гледам точно на што мислиш и ме боли барем исто колку и тебе. Но, како да се продвижиме преку оваа точка – како да не ги изгубиме оние, кои можеби се на окупираната територија. Тоа е каква е навистина состојбата со црнците во оваа земја. За гетото, сè што недостасува е бодликава жица, и кога ги третираш луѓето како животни, намерата е да ги омаловажуваш.

AL: Jimmy, немаме расправија.

JB: Знам дека немаме.

AL: Но, она што го имаме е вистинско несогласување за твојата одговорност не само кон мене, туку и кон мојот син и кон нашите момчиња. Твојата одговорност кон него е да му пристапиш на начин на кој јас никогаш нема да бидам во можност затоа што тој не излезе од моето тело и има поинаква врска со мене. Твојата врска со него како некој подалечен е да му кажеш дека не сум соодветна цел за неговиот бес.

JB: Добро, добро…

AL: Толку е вкоренето во него што е дел од него колку што е неговата раса.

JB: Добро, добро…

AL: Јас не можам да го направам тоа. Мораш ти.

JB: Добро, прифаќам – предизвикот е присутен во секој случај. Никогаш не ми падна на памет дека ќе биде поинаку. Тоа е апсолутно точно. Јас едноставно сакам да лоцирам каде е опасноста …

AL: Да, во војна сме…

JB: Се наоѓаме зад портите на едно кралство кое е решено да не’ уништи.

AL: Да, точно така. Заинтересирана сум да посведочам дека не прифаќаме услови кои ќе ни’ помогнат да се уништиме едни со други. И, мислам дека еден од начините на кој се уништуваме е што сме програмирани да се смараме околу разликите. Смарање околу полот. Смарање околу сексуалноста…

JB: Не знам што точно да направам во врска со тоа, но се согласувам со тебе. И јас разбирам точно на што мислиш. Имаш сосема право. Збунети сме околу родот – кој е западниот поим за жената, што воопшто не е нужно она што е жената. Тоа секако не е африканска претстава за тоа што е жена. Или дури и европскиот поим за тоа што е жена. И, секако нема стандард за мажественост во оваа земја што секој може да го почитува. Дел од ужасот да се биде црнец Американец е заробен во тоа да биде имитација на имитацијата.

AL: Не можам да ти кажам што би сакала да правиш. Не можам да ја редефинирам машкоста. Секако не можам да ја редефинирам црната машкост. Јас се занимавам со редефинирање на црната женскост. Ти се занимаваш со редефинирање на црната мажественост. И велам: „Еј, те молам продолжи да го правиш тоа“, затоа што не знам уште колку време можам да ја држам оваа тврдина, и навистина чувствувам црните жени ја држат и почнуваме да ја држиме на начин што го прават овој дијалог помалку можен.

JB: Навистина? Зошто го велиш тоа? Јас воопшто не го чувствувам тоа. Ми се чини дека го обвинуваш Црниот маж за стапицата во која се наоѓа.

AL: Јас не го обвинувам Црниот маж; само велам не ми ја пролевај крвта. Јас не го обвинувам Црниот маж. Велам, ако ми се пролева крвта, во одреден момент ќе имам легитимна причина да земам нож и да ти ја отсечам проклетата глава, а не се обидувам да го сторам тоа.

JB: Ако полудиш маж, ќе го претвориш во ѕвер – тоа нема никаква врска со неговата боја.

AL: Ако ја полудиш жената, и таа ќе реагира како ѕвер. Постои поголема структура, општество со кое сме во тотална и апсолутна војна. Живееме во устата на змеј и треба да бидеме во можност да си ги користиме силите за да се бориме заедно, затоа што си требаме едни на други. Велам дека во нашата заедничка битка имаме развиено и многу реално оружје, а кога ќе ги свртиме едни против други тие се уште покрвави, затоа што се познаваме на одреден начин. Кога ќе го свртиме оружјето едни против други, крвопролевањето е страшно. Уште полошо, тоа го правиме во структура каде што веќе сме во борба. Не го негирам тоа. Ова е семејна дискусија. Јас не обвинувам. Јас не ги обвинувам црните мажи за тоа што се. Ги замолувам да се придвижат напред. Јас не ги обвинувам црните мажи; Она што го велам е дека треба да ги разгледаме одново начините на кои се бориме против нашето заедничко угнетување, бидејќи ако не го сториме тоа, ќе се разнесеме едни со други. Треба да започнеме да ги редефинираме термините за тоа што е жена, што е маж, како се однесуваме едни со други.

JB: Но, тоа бара редефинирање на термините на западниот свет…

AL: И двајцата мора да го сториме тоа; и двајцата мора да го сториме тоа…

JB: Но, не ли сфаќаш дека во оваа република единствениот вистински криминал е да се биде црн маж?

AL: Не, не го сфаќам тоа. Сфаќам дека единственото злосторство е да се биде црнец. Сфаќам дека единственото злосторство е да се биде црнец, и тоа ме вклучува и мене.

JB: Црниот маж е ****** кога се обидува да биде модел за своите деца и се обидува да ги заштити своите жени. Тоа е основно злосторство во оваа република. И секој црн маж го знае тоа. И секоја црна жена плаќа за тоа. И секое црно дете. Како можеш да бидеш толку сентиментална и да го обвиниш црниот маж за ситуација која нема никаква врска со него?

AL: Сè уште не ја немаш надминато вината. Не ме интересира вината, ме интересира промена…

JB: Може ли да ти кажам нешто? Може ли да ти кажам нешто? Можеби грешам…

AL: Не знам – кажи ми.

JB: Знаеш ли што му се случува на мажот-?

AL: Како да знам што му се случува на мажот?

JB: Знаеш ли што се случува со мажот кога се срами од себе што не може да најде работа? Кога чорапите му смрдат? Кога тој не може да заштити никого? Кога тој не може да стори ништо? Знаеш ли што се случува со мажот кога не може да се соочи со своите деца затоа што се срами од себе? Не е како да бидеш жена…

AL: Не, во право си. Знаеш ли што се случува со жена што раѓа, што го остава тоа дете и мора да излезе и да се курва за да го нахрани? Знаеш ли што се случува со жена која полудува и ги тепа своите деца низ собата затоа што е полна со фрустрации и гнев? Знаеш ли што е тоа? Знаеш ли што се случува со лезбејка која ги гледа својата жена и нејзиното дете претепани на улица додека други шест момци ја држат? Знаеш ли какво е тоа чувство?

JB: Аха.

AL: Па, тогаш, исто како што ти знаеш како се чувствува жената, и јас знам како се чувствува мажот, затоа што се сведува на човечки суштества кои се фрустрирани затоа што не можеме да ги заштитиме луѓето што ги сакаме. Па сега да почнеме –

JB: Добро…

AL: – ајде да почнеме со ова и да се договориме.

Essence Magazine, 1984

ИЗВОР