Марксизам за курви

Марксизам за курви

Од: Мегпај Корвид
Превод: Јулија Мицова

Мојата приказна наликува на приказната на илјадниците без стабилна работа со пристоен приход. Тоа е приказна за немаштијата; насекаде нè има, преживуваме со бедна социјална помош, хонорарна работа или ретко привремена работа. Некои лица се решаваат да работат за себе; дизајнираат веб страници; поправаат автомобили, или пак работат како сексуални работници.

Сексуална работничка станав бидејќи како и за многумина други тоа беше едноставно решение за бедотијата со која ми се закануваше сиромаштијата. Не сум сексуална работничка заради некоја драматична, тажна приказна. Не сум сексуална работничка затоа што страдам од ментална болест или злоупотреба во животот, затоа што ме напуштил татко ми или едноставно трчам по внимание. Понекогаш е прекрасно, понекогаш тешко, не е за секого, но ете, сексуалната работа е моето работно место. Знам како да ја извршувам работата, добро ми оди; обезбедена сум финансиски. Единствената разлика меѓу мене кога ја продавам сопствената сексуалност како производ и вработен во услужната дејност или изведувач е сексуалната природа на мојата работа. Точно, сексуалниот труд е интензивен, понекогаш опасен, и секако тоа што е нелегален дополнително ги отежнува овие фактори. Активистката Џени Перл, претставничка на Англискиот колектив на проститутки изјави:

„Излегувам да работам заради економските притисоци. Социјалната помош не ја покрива сметката за парно, струја, вода или мебел и други неопходности во домаќинството. Долгорочно не можам да живеам на социјална помош. Не можам да си дозволам да купам чевли или капути. Повеќето девојки или жени што ги среќавам на улиците се таму од истите причини, само за да го задржат семејството, да не им ги земат децата. Добиваат барем одредена контрола за да можат самите да одлучат кога ќе имаат греење дома, а кога не, за да не бидат приморани да останат во кревет покриени до глава со јорган. Излегуваат на еден час и заработуваат доволно за една сметка. Понекогаш тоа е единствената контрола, единствениот избор што го имаме во животот. Можеме да останеме во кревет, да живееме во беда, да преживуваме на леб и паштета, но лично сметам дека заслужувам повеќе, исто како и ќерка ми. Затоа решавам да излезам на улица и да заработам пари за подобар живот. Мојата работа не е нечесна. Напорна е. Да имав избор немаше да ја работам. Но сега кога имам досие за проституирање немам друга опција за работа со која финансиски би ја згрижила ќерка ми без притоа да ја запоставам. Ќерка ми има попреченост, па кога излегувам морам да заработам 60 фунти само за трошоците за дадилка, иако има 25 години, па потоа да заработам пари за сметки.“

Не се родив во сиромаштија; израснав во семејство од средна класа, моите родители ме форсираа да го исполнам Американскиот сон од мали нозе. Сепак, пред да станам сексуална работничка немав скршен денар, едвај крпев за кирија и храна. Две години подоцна, со оваа работа заработувам доволно за достоинствен живот, имам прекрасен брак, рамноправен финансиски партнер сум со сопругот, можам да заштедам за хипотека, а притоа имам доволно време да се посветам на пишување и политика. Зошто тогаш, наизглед сама, со сопствен напор, како женска верзија на поборник за сиромашните, станав Марксист?

Марксист сум затоа што Претставата за курвата – измамничка, неверничка, жртва на трговија, експлоатирана, луда, уличарка, куртизана, доминатрикс – се користи како алатка за да се стават жените во ред, под јаремот на патријархалната контрола. Ништо чудно што хегемонскиот, корпоративен феминизам, феминизмот на Анџелина Џоли и Шерил Сандберг предводи во индустријата за спас на жените од сексуално ропство; машина за лаги и измислена статистика во која доброволниот секс и трговијата со луѓе за сексуална експлоатација се поистоветува. Доколку корпоративните феминистки можат да ги еманципираат жените, зошто не почнат со недокументираните мигрантни работници во Америка? Зошто не почнат со луѓето што законски страдаат во ужасни услови, без право да го променат работодавецот, како резултат на комплексниот визен систем во Обединетото Кралство? Нема да го сторат тоа затоа што сè уште сакаат маргинализираните и контролираните да им ги чистат канцелариите за состаноци, да ги скубат пилињата и чуваат децата. Но не како курви; никогаш како курви.

Феминизмот на индустријата за спас претставува карцеларен феминизам со кој се зацврстува државата, кој спасува преку „апсење“. Со новите закони против сексуалната работа и полициски тактики се напаѓаат скрининг алатките на сексуалните работнички, како на пример интернет рекламите и алатките за потврда на идентитетот, со што всушност под заклонот на заштита од трговијата за сексуална експлоатација сексуалните работници стануваат помалку безбедни. Законот за забрана на рекламирање на жртви на експлоатација (SAVE) во САД и последователните јавни рации против сексуалните работници кои работат преку интернет, Законот Ц-36 во Канада, со кој се ограничува рекламирањето и се криминализираат клиентите, како и усвојувањето на законите со кои се криминализираат клиентите ширум Европа придонесоа до почест затвор за сексуалните работници, додека нашата работа стана потешка и поопасна.

За елитата во феминистичкото движење – жените како Глорија Стајнем и Жермен Грир – индустријата за спас претставува благородна работа. Ја ингорираат реалноста на сексуалните работнички зачарани од Претставата за курвата. При честите полициски рации во Сохо се разоткриваат многу сексуални работнички, но сепак многу ретко некоја од нив е жртва на трговија, напротив затоа што работат заедно им се лепи етикета на макроа и експлоататори. Новите режими се вкоренуваат во земјите каде клиентите се криминализирани, и таму невработеноста расте, скринингот на клиентите е отежнат, а лицата на маргините на сцената од сексуалната работа, каде принудата со сигурност постои, се повлекуваат подлабоко во мракот. Токму затоа што сум посветена на решенија со кои ќе им се помогне на лицата принудени на сексуална работа, нема да прифатам површен пристап со кој принудата ќе се потисне во сенките, јас сум Марксист.

Марксист сум затоа што знам дека од жените се очекува да бидат аватари на машката сексуална желба, но кога една жена ги продава сопствените вештини и привлечност, ќе ги усклади и рафинира, и на својата работа гледа како на предизвик, тогаш сета нејзина уметност, енергија и генијалност се сведуваат на продажба на нејзиното тело. Марксист сум и затоа што сите ги продаваат сопствените тела, време и волја на шефовите, семејствата, земјите, религијата, љубовниците и пријателите, но токму традиционалната претстава за курвата нѝ дозволува да се дистанцираме од многубројните начини на кои се курваме. Кога ги гледаме курвите наредени и фотографирани по полициска рација, експонирани јавно на телевизија, не ги гледаме вистинските сексуални работнички – пореметени, експонирани, лишени од работа, притворени, прогонети, депортирани – ги гледаме кратките здолништа и високите потпетици. Не ја гледаме амбицијата што ги натерала да поминат цел океан или желбата да го згрижат семејството.

Луѓе од целиот свет, претежно жени, често мајки, стануваат сексуални работнички, вообичаено за да ги издржуваат семејствата. Доколку една радикална феминистка ми рече дека мојата работа е ужасна, ѝ одговарам дека секоја работа е ужасна, повикувајќи ја да се симне од пиедесталот. Овде долу, на земјата, жените чистат риби и тоалети како и задниците на попречените и постарите. А дел од нас се занимаваат со сексуална работа. Ја поддржувам во борбата против угнетувањето, понижувањето и стравот неспорно присутен во одредени моменти при сексуалната работа, но доколку сака да стави крај на ова, нека ме поддржи во борбата против немаштијата и потценувањето на женскиот труд. Нека ме поддржи во борбата за декриминализација. Поборниците против сексуалната работа споделуваат ужасни приказни за киднапирани жени, измамени и дрогирани со цел за сексуална експлоатација, поистоветувајќи се со поборниците против ропството, но без критика против капитализмот и принудната сила на пазарот нема да се стави крај на ропството, никогаш вистински завршено.

Марксист сум затоа што разбирам дека табуто, маргинализацијата и оттуѓувањето на сексуалниот труд не доаѓа од внатре, како каменот паднат од карпата. Мојата работа постои заради патријархијата, при што бројни феминистки се на ставот дека аболицијата на сексуалната работа ќе претставува благодатет за жените ширум светот. Но токму погрешниот феминизам ќе ги затвори и тероризира сексуалните работници, ќе ја жртвува нашата безбедност, слобода и егзистенција за бордел испразнет од полицијата како награда. За карцералниот „феминизам“ на елитата, спроведувањето на рации во борделите, како и принудата на затекнатите жени таму на работа во конфекции за минимална плата не претставува проблем. Но социјалистичкиот, интерсекционалниот феминизам мора да ги слушне гласовите на сексуалните работници наместо да ги игнорира и поима како симболи. И додека американските судови ги пренасочуваат сексуалните работници во религиозни програми, тие самите се организираат за да ја споделат безбедноста и информациите. Доколку престанеме да бидеме мета на полицијата и општеството ќе можеме да се потрудиме и да ги подобриме работните услови.

Свесна сум дека во мојата работа сум попривилигирана од повеќето сексуални работници. Но сепак, како марксист знам и дека доколку тие не се слободни самите да се решат – или да ја одбијат –сексуалната работа и да се организираат за подобри работни услови, тогаш истото важи и за мене; сексуалните работници ќе се стекнат со слободата и безбедноста што ја заслужуваат кога нашата работа ќе почне да се поима како работа. Милиони работници ширум светот, повеќето од кои не се сексуални работници, работат во одвратни услови под поголем или помал степен на принуда. Всушност постојат милиони робови – повеќе од кога било – и поголемиот дел од нив работат во индустрија што не е поврзана со сексуалната работа. Типичната претстава за курвата е често водечкиот стандард на кампањите против модерното ропство, но решението за модерното ропство, па дури и доколку делумно не се однесува на сексуалните работници, не е криминализација на продажбата или купувањето на сексуални услуги – како што тврдат застапниците на индустријата за спасување. Решението можеби се наоѓа во други опции, опции кои сепак би биле сосема неприфатливи за повеќето влади. Како да се избегне бичот на модерното ропство? Како прво, неопходно е радикално обмислување на границите и миграцијата за да им се доделат истите права и пристап до услуги на работниците мигранти како и на останатите граѓани. Дополнително, потребно е да се зголеми моќта на синдикатите и целосно да се декриминализира сексуалната работа, без примена на рестриктивни закони како примерот во Германија, каде сексуалните работници се изложени на угнетувачките режими на масовните бордели. Основен дел од решението е да се вложи оддржлив напор со цел да се прекине сиромаштијата, за почеток со гарантирање на минимална плата.

Не верувам дека традиционалната левица – во сите форми, од Лабуристичката партија до анархизмот – наскоро безрезервно ќе го прифати движењето за правата на сексуалните работници. Голем број од водечките гласови во движењето за правата на сексуалните работници сосема оправдано немаат доверба во феминизмот или пак другите форми блиски на државата; Претставата за курвата остави премногу моќен впечаток врз свеста на Левицата и нејзините идеи за интелектуалната историја. Дворкин се повикува на Левицата во изјавата:

„Проституцијата претставува злоупотреба на женското тело. Ваквата изјава често се смета за премногу проста. Но проституцијата е многу проста … Со проституцијата ниту една жена не останува целосна. Едноставно невозможно е едно човечко суштество да остане целосно откако ќе биде искористено како што женските тела се користат во проституцијата, или на средина од злоупотребата или дури и при самиот почеток. Невозможно е. Дури ни подоцна жената нема повторно да зацели.“

Дури и феминистките понаклонети кон Марксизмот, како Гејл Рубин и Кетрин Меккинон, во суштина ја отпишаа класата, притоа сведувајќи ја само на особина, а не на динамичен однос во рамките на општеството. Со зборовите на Брук Белосо, во есејот од 2012 година насловен „Секс, работа и феминистичкото бришење на класата“:

„Изоставувајќи ја марксовата концептуализација на класата како динамичен однос во капитализмот, феминистките пишуваат за сексуалната работа како резултат на Меккинон и Рубин и во суштина не прават разлика меѓу жената како работник и сексот „како конкретен производ на индивидуалниот труд“. Напротив, феминистките ги соединуваат двете и ги поимаат сите проститутки како жртви кои секогаш се жени (или девојки) но никогаш работнички.“

Иако на почетокот на вториот бран на феминизмот се јави блиска соработка меѓу движењето за правата на сексуалните работници и феминистичкото движење, сепак настојувањето на феминистките да ги есенцијализираат претставите за сексуалната работа ја прекина таа соработка. Застапниците за правата на сексуалните работници денес често го користат јазикот на интерсекционалниот феминизам и теоријата на привилегија за да ја поддржат сопствената теорија за општествена и економска правда, но дури и во последната година на феминизам идеите на водечките феминистички гласови, како на пример тој на Мелиса Џира Грант, останаа надвор од главниот тек. Исто така, прашањето за правата на сексуалните работници остана на маргините и покрај протестите против немаштијата.

Интернетот е безмилосен, анархистички благослов на нашето време, и со него сексуалните работници добија можност да се поврзат со јавноста без посредство на активисти, теоретичари или политички партии. Проектот на црвените чадори на Њујорк стана популарен и во меѓународните весници кога спроведе истражување за програмата за одвраќање при апсења на проститутки, а спроведувана од судовите во Бруклин. Со програмата се избегнува затвор со посета на задолжителни курсеви по животни вештини, јога и така натаму. Активистите од проектот ги посетувале и мониторирале судските процеси, по што со анализа се заклучило дека истите се расистички и ги маргинализираат обвинетите. Учесниците во проектот ги искористија резултатите за да влезат директно во политиката и конечно да ја заземат привилигираната улога на истражувачи.

Сексуалните работници во Обединетото Кралство настапија посилно во политиката и го запреа обидот на аболиционистите незабележително да ја вметнат криминализацијата на клиентите во Законот за модерно ропство. Како предводник на залагањата, Англискиот колектив на проститутки (ECP) побара поддршка за целосна декриминализација на сексуалната работа. Нивниот фокус одамна е насочен кон односот меѓу сиромаштијата и сексуалната работа, особено за самохраните мајки, во надеж дека кампањата, насочена кон синдикатите, ќе допринесе за поголема поддршка за декриминализација, за конечно да се отпочне мачната но неопходна дебата. Резултатите се веќе видливи; Остин Харни, претставник на Синдикатот за јавни и комерцијални услуги за Министерството за правда, од свое лично име изјави за Колективот:

„Ниту еден синдикат не смее да дозволи животот на сексуалните работници да биде загрозен, особено кога имаат право на исплата и услови во согласност со човековите права на сите работници. Со криминализацијата на клиентите не само што ќе се влоши ограничената безбедност на сексуалните работници, туку ќе се придонесе до животозагрозувачки напади во криминалното подземје и до апсења на погрешни основи од страна на полицијата, којашто од друга страна има задача да ги штити невините. Сексуалните работници не претставуваат закана за општеството и треба да бидат добредојдени во борбата за солидарност со сите заедници соочени со деструкција во ова време на немаштија!“

Во меѓувреме, Левицата заостанува. Додека Зелената Партија, Либералните Демократи, па дури и одредени слоеви на Лабуристичката Партија направија чекор нанапред во поглед на прашањето за правата на сексуалните работници, коалициите од типот на Обединетата Левица и одделни револуционерни групи сè уште дебатираат дали сексуалната работа е всушност работа или не. Со поддршката на застарени идеи за суштествената одвратност на сексуалната работа, се зајакнува конзервативната морална паника и маргинализацијата на сексуалните работници, но исто така се игнорира и гласот на дел од луѓето највеќе засегнати со немаштијата. Левицата е поттикната од неочекуваната победа на грчката партија СИРИЗА и успешната предизборна стратегија во која се здобија со поддршката на разните видови на маргинализирани групи. Но дури и СИРИЗА не ги оствари ветувањата во поглед на одредени прашања, како што беа ЛГБТ правата; иако го вети озаконувањето на истополови партнерства, се повлече пред прашањето за посвојување од страна на ЛГБТ лица. Истото важи и за ветувањата оддржани кон сексуалните работници. Тоа што британската левица ги игнорира или отфрли правата на сексуалните работници претставува пропуштена можност, но сепак ние самите ќе мора да се избориме за сопствените права. Верувам дека сексуалните работници ќе успеат да ја променат традиционалната престава за курвата според нашиот вистински лик, без помош или водство од некој мудрец или политичка партија.

Откако ја напуштив организираната Левица, ја напуштив и политиката. Сексуалните работници, како и многу други, полека сфаќаат дека можеме да изградиме вистинска светска заедница со ефективни кампањи со посредство на социјалните медиуми. Поддржувачите на Моника Џоунс, транс црнкиња уапсена за „манифестирање на проституција“ во 2013 година, изградија меѓународна кампања со која на виделина се изложи пресекот меѓу расата, класата, транс идентитетот и сексуалната работа. Кога по поднесената жалба обвиненијата беа отфрлени, победата зад себе остави силна и органска мрежа, со цврста и радикална политика и феминизам и остра критика на немаштијата. Брилијантниот подем на отпорот на сексуалните работници кон законите и моралот со кој истите се криминализираат е дел од поширокиот отпор кон немаштијата, но сè уште останува да се види дали глобалното движење против немаштијата ќе ги признае сексуалните работници како рамноправни другари во борбата. Јас им припаѓам на двата света, двете движења, но се надевам дека феминизмот и организираната Левица ќе ја отфрлат традиционалната претстава за курвата и ќе ја прифатат борбата за правата на сексуалните работници; од тој аспект сум Марксист.

ИЗВОР