Останете дома, но останете слободни – Јелисавета Благојевиќ

Останете дома, но останете слободни – Јелисавета Благојевиќ

Не пишувам никаков дневник, немам добри совети за деновите кои следуваат, немам ниту судбоносни или охрабрувачки мисли. Немам ништо од тоа. Верувам дека прилично медиокритетски минувам низ овој период: со лоша концентрација, во потрага по одговори, читање меѓу редови, хистерија, тага, параноја… и така пак од почеток. Спијам лошо, лоша сум и кога сум будна. Ништо вредно за внимание. Кога гледам како нѐ имаат приклештено од сите страни, и не ми е така лошо. Ете, да знаете.

Е сега, имам неколку прашања.

Цела една на борба за слобода со најразлични крвници, глупаци и тирани, борба за критичка свест на граѓанството кое умее, знае и мора да ја препознае опасноста од тоталитарноста и веднаш да реагира… граѓански права, женски права, човекови права на сите оние на коишто тие им се најмногу ускратени… за сите овие вредности живот дале многу повеќе луѓе отколку што Ковид-19 може кога било да земе. Подло мало вирусиште.

Како е возможно толку лесно да се откажеме од ова? Не само што се одрековме од овие наследства во име на моменталниот страв за сопствениот живот – како божем животот без нив да може да биде воопшто живот – туку и горди сме на себе што сме послушни, им се лутиме на оние кои не се, ги навредуваме или им се потсмеваме. Меѓу нив се и оние кои и да сакаат немаат каде да бидат освен на улица; оние кои немаат со што да одат по набавка на потребштини за неколку денови. Меѓу нив се и оние за кои живеењето со семејството одамна не е „дом“. Меѓу нив се и оние чии најблиски членови на семејството се нивните домашни миленици.

Не, сериозно, кажете ми, дали ни е нам тоа навистина океј? Дали ни е океј дека кога ова подло мало вирусиште ќе си го земе своето и кога ќе се „разбудиме“ од овој грозен сон ќе се затекнеме себеси во Handmaid’s Tale (Приказната на робинката). Мене не ми е. Мене уште одма ќе пратат во колониите. Не сакам да паничам, но мислам дека сум многу блиску до тоа. Е, тоа ме плаши.

Ме плаши и тоа што сум во ментален и просторен карантин додека светот се менува. Повеќе или помалку успешно, во главата разработувам различни сценарија за тоа како ќе биде утре – кога и каде и да биде тоа. Бакнувањето и прегрнувањето од сега ќе бидат луксуз за кој ќе бидеме спремни да платиме со живот, па ќе станеме премногу прибирливи, нема да се расфрламе со допири и „телата за перчење“ како што вели Фуко. Алкохол за раце, а не за пиење. Маст за сапун, а не за јадење. Гледајќи концерти што ги паметиме на телевизија или на Гугл, се чувствуваме исто како кога ја гледавме серијата Mad Man и се штрецнувавме од ликовите што пушат во авион.

Еј, а што ќе биде со пушењето? Дали ќе остане најголемата и најозогласена опасност во времето во кое живееме или сега, оние кафези и карантини по аеродромите ќе служат за нешто друго? На пример, за оние кои не ги измиле рацете, имаат температура над 37 °C или се прегрнувале додека чекале лет? И општо земено, каде ќе патуваме? Дали пасошите, визите, безвизните режими и слично ќе бидат отсега доволни за да излеземе од тврдината на нацијата? Загрижена сум за себе, имам пореметување на штитните жлезди, вишок килограми, висок притисок… Дали ќе ми дозволат воопшто да патувам и да во видам своето дете во Шведска или новите пасоши ќе се добиваат врз основа на здравствен картон и историјата на болести? Ете, тоа ме плаши.

Јас сум од онаа генерација која во последните 50 години не успеа да поврзе ни десет години за кои ќе важат исти правила и иста „нормалност“. Сите тие вонредни состојби кои се менуваа отсекогаш некако ми наметнуваа да престанам да бидам јас, она јас коешто е последица од интеракции, заедништва, именувани или неименувани заедници и односи до кои самата доаѓав. Еве, и сега, државата секојдневно инсистира на тоа дека таа е моето ново семејство, секој ден ми изјавува љубов или нервозно и исплашено вика по мене, или ме моли да правам или да не правам нешто. И не ми се допаѓа тоа ново семејство, не ми се допаѓа како се однесува кон мене и не сакам да сум дел од него. Сакам да останам слободна.

Останете дома, но останете слободни.

Текстот е преземен од Фејсбук профилот на Јелисавета Благојевиќ – филозофкиња и политикологиња, ангажирана во областа на родовите студии, квир теоријата, културните студии. Таа се занимава со односот на политиката и размислувањето во современиот свет, свет во кој сè стана разбирливо освен идеите за промена – дека постојните општествени хиерархии не се непроменливи, дека сеприсутниот капитализам може да биде доведен во прашање.