Сабина Зорец – управителка на единствената сигурна куќа за зависнички од дрога во Словенија

Сабина Зорец – управителка на единствената сигурна куќа за зависнички од дрога во Словенија

Една од добитничките на наградата WoW во Словенија е Сабина Зорец, пионерка во работењето со затвореници и зависници, како и основачка на првата сигурна куќа во Словенија која е единствената во Европа која е специјализирана за жртви на семејно и партнерско насилство, кои воедно се и корисници на дроги. Сигурната куќа работи како една од програмите на Здружението Стигма од 2010 година и оваа година ја одбележува својата 10-годишнина. Преку својата работа, Сабина Зорец им помогна на многу жени да излезат од маѓепсаниот круг на консумирање дрога, проституција, бездомништво и насилство.

Како почна да работиш со маргинализираните жени?

Пред петнаесетина години, тогаш уште како волонтерка во Здружението Стигма, а подоцна и како вработена, работејќи со затворенички (зависнички) во затворот Иг, почнав да сфаќам дека жените немаат каде да се вратат откако ќе ја отслужат казната, бидејќи повеќето доживеале семејно насилство или друга форма на насилство. Поради оваа причина, тие често завршуваат на улица (отворено бездомништво) или во експлоатирачки врски (прикриено бездомништво – даваат сексуални услуги во замена за покрив над главата). Бездомништвото, проституцијата, насилните односи, ризичната употреба на дроги и криминалот се составен дел од светот на кој „маргинализираните жени“ најчесто се враќаат откако ќе излезат од затвор – и на овој начин се продолжува маѓепсаниот круг. Во процесот на давање помош на зависничките, честопати се соочував со проблемот на сместување на жените во безбеден простор.

Сигурната куќа Стигма им овозможува на жените да се засолнат од суровото секојдневие, кое се карактеризира со вербално, физичко и сексуално насилство. Куќата е изградена специјално за потребите на корисничките на нелегални дроги кои преживеале или во моментот трпат семејно насилство, партнерско насилство или насилство од макроа. Целната група вклучува и кориснички на кои не им е потребно домување, но други форми на помош – превенција на релапс, поддршка за животни проблеми, завршување на документација (на пр. за социјална помош, домување, субвенции за изнајмување и друго).

На кои дополнителни ризици се изложени зависничките во споредба со останатите жени жртви на семејно и партнерско насилство?

Корисничките на легални дроги се особено маргинализирана група која (често) е изложена на сите форми на насилство (дома и на улица), па затоа е важно да им овозможиме да се засолнат. Поради присуството на разни форми на насилство постои дополнителна штета, што може да се минимизира со навремено обезбедување на безбедно сместување. Злоупотребата и насилството кое го претрпеле (или го трпат) како бездомнички предизвикуваат трауматски искуства што можат да остават долготрајни негативни последици. Преживеаниот страв создава чувство на немоќ и ранливост. Кога околностите се влошуваат, жените земаат поголеми количества на дроги за да ја издржат ситуацијата.

Процесот на рехабилитација и зајакнување на корисничките на дроги е попречен од недостатокот на програми за психотерапија, кои би можеле да им помогнат во закрепнувањето од преживеаната траума. Поради недостаток на квалификуван персонал, јавниот здравствен систем им обезбедува само недоволна и нередовна помош, додека програмите кои се плаќаат, за повеќето кориснички не се реална опција. Од друга страна, скоро сите програми бараат апстиненција од дроги, нешто што нашите кориснички не можат да го сторат (барем не веднаш), и на тој начин остануваат и без оваа ограничена форма на поддршка.

Колку е покомплексна ситуацијата, толку е подолг патот на корисничката и толку подолго ќе трае процесот на стабилизирање на позитивните промени и, следствено на тоа, развивањето нови модели на однесување. На кратко, покрај соодветната помош, потребно е и време.

Сигурната куќа работи веќе 10 години. Дали во овој период се променија политиките за дроги на државата? Сметаш ли дека државата ја префрла одговорноста за социјални услуги кон граѓанските организации?

Во изминативе десет години нема никакви промени во политиката на намалување на штетите. Сите програми за злоупотреба на дроги ги спроведува невладиниот сектор. Нашата работа е финансирана од единиците на локалната самоуправа, Министерството за здравство, Министерството за социјални работи и ФИХО (Фондација за финансирање на инвалидски и хуманитарни организации). Во исто време, ние бараме да обезбедиме други извори на финансирање, пред се преку тендери на ЕУ.

За корисничките на Сигурната куќа од особена важност е воспоставувањето на нови мрежи на социјализација. На кој начин им помагате?

Доколку сакаат да го променат начинот на живот, корисничките на Сигурната куќа треба да се обидат да воспостават мрежи на социјализација поинакви од оние кои ги имале дотогаш, а во повеќето случаи тоа се дилери и макроа. Токму новата социјална мрежа е неопходна за успешна реинтеграција и затоа во програмата вклучуваме волонтерки и волонтери кои се дружат со корисничките во и надвор од куќата. Преку овие дружења, корисничките можат да научат и да искусат поинакви форми на врски од оние кои ги имале порано. Од 2013 година, и групата на Анонимни наркомани редовно (двапати месечно) се состанува во Сигурната куќа, во која учествуваат сите кориснички на куќата.

Во Сигурната куќа фокусот не е ставен на забраната за користење дроги, туку на здравиот начин на живот. Зошто се одлучивте за таков пристап?

На зависничките им нудиме различни видови на помош, во зависност од потребите на секоја личност. Индивидуалниот план им дава можност да го променат животот. Напредокот е видлив во активната работа за промена и постигнувањето на поставените цели (намалена или контролирана употреба на дроги – мотивација за префрлање на заменска терапија, уредување на социјалниот статус – лични документи, социјална помош, социјални станови или заедница за домување …). Психосоцијалната поддршка е обезбедена во форма на индивидуална и групна работа, застапување, неформално дружење и придружба при одење во институции, помош во организирање на секојдневниот живот, итн. Советување и помош се обезбедува без присилување. Акцентот е ставен на здраво живеење; употребата на дроги не ја перцепираме како „зло“, туку како начин на однесување кон себе и начин на преживување.

Важно место во рамки на програмата има обуката за социјални вештини. Целта на обуката не е да ги научи жените како да се прилагодат на социјалните норми – ваквиот пристап би предизвикал отпор. Ние се стремиме да ја прилагодиме обуката на секоја поединечна корисничка и да и’ помогнеме да ги постигне своите желби и цели, пристап кој би требало да ја охрабри да превземе одговорност за сопствениот живот. Застапничка сум за идејата дека на секого прво треба му се „додаде“ нешто за потоа да му „се одземе“, дека „позитивните“ обрасци со тек на време ги надминуваат „негативните“, а со тоа, преку позитивните искуства се намалува и злоупотребата на дрога. Ние не ја проблематизираме употребата на дроги, но сепак, тоа не е дозволено во Сигурната куќа. Во исто време, во согласност со концептот на намалување на штети, ги информираме корисничките за помалку ризичните начини на употреба на дроги.

Работата со зависничките мора да се спроведува ненаметливо на следниве начини: присуство (корисничката се обраќа кон персоналот кога и’ е потребна помош), неформални разговори (повеќето се развиваат во конкретен разговор или советување), помош во организирање на секојдневниот живот (организираме разни активности во текот на денот , кои постепено ги насочуваат корисничките кон поинаков животен стил). Со сето ова, доколку се придржуваат до советите и работат на постигнување на поставените цели, со текот на времето можат да постигнат промена во начинот на живот и попозитивна слика за себе.

Сигурната куќа има капацитети за осум кориснички, со можност за сместување на уште една личност во кризна ситуација. Дали е тоа доволно? Кои нови програми би сакале да ги воведете или да ги развивате?

Да во куќата може да престојуваат 8 + 1 корисничка (која мора да спие на кауч во дневната соба). На почетокот жените можеа да останат една година во програмата, но набрзо сфативме дека тоа е премалку време со оглед на тоа што повеќето од нив претходно биле буквално на улица. Затоа го продолживме престојот на година и пол, но и по тој период многу од корисничките едноставно немаат каде да живеат. Се појави потреба за надоградба на програмата за корисничките кои престанале да употребуваат дрога или оние кои се на стабилна заменска терапија, а покрај здравствените потешкотии (психички и физички) се соочени и со одредени социо-економски проблеми (навработеност, ниски квалификации, неразвиени социјални вештини, слаба социјална мрежа, бездомништво). Затоа во 2016 година ја започнавме програмата за домување со поддршка. Од Стамбениот фонд успеавме да добиеме долгорочен наем на два станови за вкупно шест кориснички, што ни овозможува да го решиме стамбеното прашање барем на неколку жени, најпрво на оние кои земаат заменска терапија. Целта на оваа програма е жените сами да превземат поголема одговорност за своето здравје и живот, а долгорочната цел е живот без дрога и интеграција во општеството.

Исто така, би сакала да истакнам дека просечната возраст на нашите кориснички е 37 години и повеќето од нив користат дрога во поголемиот дел од својот живот, затоа не можеме да очекуваме дека преку ноќ ќе се исвлечат од маѓепсаниот круг на зависноста. Еден од најголемите проблеми е неконкурентната положба на пазарот на труд на овие кориснички на Сигурната куќа. Голем број од нив нема постојано вработување, имаат мало работно искуство или пак немаат воопшто, и низок степен на образование (завршено основно или незавршено средно училиште). За да ги поддржиме во напорот да излезат од маѓепсаниот круг на немаштија и социјална исклученост, сакаме да им овозможиме на продолжат или да го надокнадат образованието кое не можеле да го завршат во детството од објективни причини. Токму затоа, сакаме да основаме сервисен центар за корисничките, кој би го олеснил пристапот до неформално и формално образование, и кој би овозможил размена на знаења и вештини, како и стекнување со работно искуство. Корисничките би учеле практички вештини како преработка на стара облека, фризерски услуги, подготовка на храна и слично.

Во последно време се соочуваме со проблем каде да ги сместиме корисничките по болничкото лечење, кои се со сериозен здравствен проблем, а имаат потреба од долготрајна здравствена грижа. Корисничките на нашата програма стареат, и заради тоа и заради повеќегодишната зависност, имаат повеќе здравствени потешкотии (психички и физички), па се јавува потреба за дом за возрасни кориснички на дрога.

ИЗВОР