Политичкото сексуално: Фројд со Маркс, Фанон и Фуко | Интервју на Лоренцо Бернини

Политичкото сексуално: Фројд со Маркс, Фанон и Фуко | Интервју на Лоренцо Бернини

Интервју на Лоренцо Бернини за www.letture.org по повод неговата последна книга

Професоре Бернини, Вие сте автор на книгата Политичкото сексуално: Фројд со Маркс, Фанон и Фуко, објавена од издавачката куќа Edizioni ETS. Кој е просторот што сексот го имал во историјата на филозофската мисла?        

– Соочен со комплексни теми како таа на однос помеѓу сексот и филозофската мисла, во книгата не се обидувам да поедноставам или скратам: туку, претпочитам да останам во амбивалентноста на побараната тешкотија од ова прашање. Синтетизирано, би можел да кажам дека сексот секогаш бил присутен во западната филозофска традиција, дури или пред сè преку отсуството на тематизација на онаа димензија на сексот, која Зигмунд Фројд и Жан Лапланш ја нарекуваат „сексуален нагон“ или накратко „сексуално“. Позајмувајќи го поимот forclusion (исклучување) од Жак Лакан кој упатува на – психотична реакција на радикална негација во очи на траумата – од една страна, возможно е да се поддржи дека сексуалното беше радикално исклучено од филозофијата уште со неговите првични појавувања, и дека оваа исклученост е базична за привилегијата што филозофијата традиционално одговара на разумот отколку на телесноста, на сопствениот суверенитет отколку на сопственото предавање на другиот. Од друга страна, бодејќи добро во шевовите на западната мисла, се открива дека сексуалното никогаш не престанало да ги вознемирува филозофите, оставајќи ги неспокојни нивните размислувања. Во модерноста, на пример, двајца бестрашни и бесрамни ергени како Томас Хобс и Имануел Кант, додека ја обработуваат христијанската осуда на сексот вон брак, го антиципираат Фројдовиот концепт „сексуален нагон“ толку колку што и интерпретациите на т.н. ‘анти-социјални квир теории’ од почетоците на 21 век го прават тоа. Секако, бидејќи потоа во 19 век се менува сè: со Фројд, а потоа и со неговото преземање и преработка од феминизмот, лезбофеминизмот, трансфеминизмот, како и во рамки на геј и квир мислата. Во извесна мера, значи, само од психоаналитичката обработка исклученото сексуално се враќа да се заканува на филозофијата, распарчувајќи го впечатокот дека претходнава опстојува со човековото битие како авто-конзервирачки, рационален субјект, газда на своето себство. Во друга смисла, за да се истражи корисно односот помеѓу субјектот на сексуалното и субјектот на мислата и општеството, сè уште можеме да се обратиме на споменатите претходници на Фројд или на Хобс и Кант.

Низ кој однос поминуваат политиката и сексуалноста?

– Друго прашање што бара капацитет да се остане во комплексноста и амбивалентноста. Според Фројд, детскиот сексуален нагон, авто-еротски и неупатен кон друг, потенцијално полиморфен и перверзен (односно непотчинет на гениталноста и слободен од продуктивната функционалност) претставува претеран и распаѓачки испад, насочен кон бескрајна возбуда, но не кон оргазам. Тоа се случува со самото раѓање, заради целосната зависност на детето од грижата и манипулациите на другиот/другата, кои – како што прецизираат Жан Лапланш, Лео Берсани и Тереза де Лауретис – го изложува телото на одвишок на неконтролирани стимулирања, на повторување на една траума која може да се поднесе само ако се научи како да годи. Сексуалниот нагон, значи, нема директна органска изведеност туку се продуцира во трансиндивидуална средина во која што телесното и психичкото се мешаат: се потпира на виталните инстинкти, но не коинцидира со нив, дури и ги первертира така што станува дисфункционален за себе-одржувањето на субјектот и за неговиот живот во општеството. Според Фројд, всушност, латентната фаза која започнува во моментот во кој детето станува способно да учи, ја содржи токму функцијата која овозможува – како што би кажал Мишел Фуко – биополитичко дисциплинирање на детското тело, негова одомаќинетост која понатаму го конзервира интимниот живот во рамки на граѓанскиот. Отпосле, со пубертетот се појавува и вистинскиот или соодветен сексуален инстинкт, преку кој се открива и нагонот. Од гледна точка на видот и на општеството, инстинктот треба да се заокружи со постигнување на оргазам во коитус помеѓу пенис и вагина, со цел да ја апсолвира репродуктивната задача. Но за единката, нагонот не се подредува на инстинктот дотолку кротко: и еве зашто, како што пишува и Ли Еделман, затоа што постојат ретки наврати во животот кога „не се ебе за да се прават деца, туку за уживање“. Во сексот не се бара само оргазмот, туку и пред сѐ возбудата со која се губиш во другиот/другата и воопшто во светот.

Сексот-нагон или сексуалното, принудно го сведува субјектот на психичка димензија која не е цивилизирана, чие одново отворање го вознемирува субјектот и неговото знаење за себе и за неговата впишаност во заедничкиот живот. Првиот агол на одговорот на Вашето прашање за односот помеѓу политиката и сексуалноста е тоа дека политиката, разбрана како произведувач на социјални врски, треба да го потисне и сублимира сексуалното, и како такво да го врзе за димензијата на приватното. Тоа, традиционално е функцијата на бракот: искупувањето на сексот од неговата бесмисленост и негативитет, како и негово одомаќинување на патот кон ветувањето за социјална репродукција. Не станува збор за случајност што оваа книга е напишана во Италија, по краток временски период откако конечно беа одобрени законите со кои се овозможуваат граѓански партнерства: тезата што сакам да ја одржам е дека лезбејките и геј мажите не беа доволно оригинални во обидот да се здобијат со целосен граѓански статус преку добивањето право на брак или на споменатите граѓански партнерства. Исто така, сега ќе треба да ги преиспитаат своите желби да бидат вклучени во општество (заб. какво што е италијанското) кое сè уште е набиено со потрошност, нееднаквост и дискриминација. До каде оди согласноста на лезбејките и геј мажите, со цел да се чувствуваат асимилирани во неправеден свет? Дури и по цена на истурање на тој негативитет на сексуалното, кој нивните сексуални чинови традиционално ги предвидува како стерилни, врз грбот на другите? На пример врз грбот на мигрантите со темна кожа?

И овде доаѓаме до друг агол на прашањето, тој што одговорот го прави амбивалентен. На тоа посочуваше и језуитскиот отец Паоло Сењери во 16 век, препорачувајќи тајност за тие што се исповедаат: сексот е „како катран, што ако се допре на кој и да е начин дури и за да се одалечиш од него, ќе те извалка“. Па така, социјалната врска и политиката што ја произведува, конститутивно е извалкана од сексуалното уживање. Тоа го објаснува и Франц Фанон кога во Црна кожа, бели маски (1952) ги анализира механизмите преку кои се произведува расизмот против црните мажи. Според неговиот поглед, колонијализмот е психо-политичка машина која врз телото на расниот субјект ја проектира ѕверската и монструозна сексуалност, која е исто толку одбивна колку што сексуалното е и потајно привлечно. Тезата што ја споделувам со Фројд е дека тие фантазии имаат извор во табуизацијата на аналното уживање, кое пак се наоѓа и во основата на одвратноста што ја имаат хетеро-цис-сексуалците за хомосексуалноста. Расизмот и хомофобијата претставуваат два примери за тоа како цивилизацијата се храни од исклучувањето на секој што е претставен преку нецивилизирана сексуалност, односно исклученост која фантазматски и го поттикнува уживањето на истава ваква сексуалност. Таму каде што лезбејките и геј мажите го направија влезот во цивилизацијата преку здобивањето со брачни права, се наоѓаат обврзани и да водат сметка за овие фантазми, на нов начин, што ги носи пред неотклучени алтернативи. Со тоа што и тие (лезбејките и геј мажите) учествуваат во илузорниот егзорцизам на сексуалното, прават некои други да бидат нивни претставници? Или прават баук од сопствената исклученост со тоа што посочуваат дека во секое општество и во сечија индивидуалност сексуалното претставува јазбина на смислата, која не се смирува, рана на субјективноста која не може да биде исцелена? Втората опција, според мене, се отвора кон можноста за отпор кон смртоносната илузија за (по себе) тотализирачка вклученост во општеството, а всушност делумно претставува и јасно откажување или исклучување на еден дел од себеси.

На кој начин, почнувајќи од 19 век, сексуалното прашање се појавува во политичката филозофија?

– Начините се многу. Феминизмот и неговите деклинации како лезбофеминизам и трансфеминизам се навистина важни. Други важни начини се родови студии, ЛГБТКИА+ студиите, како и квир студии. Со претходново, книгата е во природен судир. Меѓутоа, си ја наметнувам и задачата да го анализирам и критикувам одново засилениот мажествен неофашистички калап на десните популистички поведенија. Овој калап и критиката за него, истовремено успева да реконструира како сексуалното прашање беше тематизирано од сексуално и родово машки (хетеросексуални и хомосексуални) автори. Тезата што ја понудувам, следејќи ги Жак Дерида и Лео Берсани, е дека веќе самиот Фројд бил вознемирен од отритието на детскиот сексуален нагон, од непријатните заклучоци за анти-социјалноста и за несреќата кои претходнов ги содржи. Напредокот на неговата теорија за нагонот кој следува по Три расправи за теоријата за сексуалноста (1905) може да се чита како обид, но пропаднат, да се одомаќини сексуалното со цел да се вклопи во хетеро-цис-сексистичкиот впечаток за сексуалноста. Токму мислата на Фројд, би требало да биде означена од невротичното отфрлање на сексуалното но, како и секој отпад тоа се враќа во континуитет, каков што е примерот со аргументациските авантури во Отаде принципот на задоволство (1920) или во екстравагантните фусноти во Неугодното во културата (1929), каде што таткото на психоанализата како бел маж и европски буржуј од почетокот на 19 век се оддава на својата експлозија на сексуални фантазии.
По ова фалично отфрлање, во политичката филозофија следи порадикална негација или исклученост (forclusion) како што беше претходно наведено, кога се случува средбата помеѓу Зигмунд Фројд и Карл Маркс во теоретскиот опус на автори како што се Вилхелм Рајх (во триесетите години) и Херберт Маркузе (во педесетите години). Првиов автор е повеќе карактеризиран од хетеро-сексистичкиот пазар отколку вториот, но и двајцата ја споделуваат тезата дека не постојат основоположнички антитези помеѓу сексот и цивилизацијата. И двајцата го прогласуваат крајот на Капитализмот и на неговата репресивност, истовремено со настанувањето на едно ослободено општество во кое на човекот му е вратен неговот оригинален идентитет, кога при полна среќа не постои конфликт помеѓу социјалниот и сексуалниот субејкт. Мислејќи на оваа полнотија, тие треба да заборават на учењето на Фројд, враќајќи му го нагонот на инстинктот, а уживањето на оргазмот. Бивајќи исклучено преку среќавањето со марксизмот уште еднаш се потврдува едно од најоригиналните откритија на психоанализата на Фројд: детскиот сексуален нагон.

Оваа исклученост не е помалку застапена и во критиката која Фуко го движи кон Фројдовско Марксистичките тези од шедесетите години, понатаму преземени од Џудит Батлер на почетокот на деведесетите години, што патем е во основата на целата конструктивистичка линија која води до современите квир теории. Во Волја за знаење (1976), Фуко, всушност, во полна изворност ги препишува кредитите на Рајх и Маркузе за субјектот и ја обработува тезата според која биополитиката го оформува субјектот кога истовремено и му доделува сексуален идентитет. Политичкото прашање за сексуалното се чини дека се решава во дијалектиката на моќ-отпор, во која е сместено човечкото суштество кое стреми кон сопствена слобода, сопствено задоволство, сопствено социјално признавање, но истовремено раздружувајќи ги принудувачките идентитети со цел да разработи нови стилови на постоење. На еден начин кој не е толку различен, субјектот во книгите Проблеми со родот (1990) и Разглобување на родот (2004) на Батлер ги поткопува нормите на родот со цел да се трансформира себе и светот, така што еден живот кој може да се живее ќе биде одржлив. Ниту првиов ниту вторава во текстовите што ги цитирав, не ја тематизираат онаа димензија на субјектот која тешко може да заживее или сексуалното, таа сила понорница која го турка субјектот отаде потрагата по задоволство, како и по слобода и сопствено потврдување. Така што, се чини дека и двајцата ја повлекуваат исклученоста на сексуалното од политичката филозофија. Во американската квир дебата, сексуалниот нагон се враќа да ја вознемирува политичката мисла со еден див и базичен текст кој, токму, ја отвора дебатата за т.н. анти-социјални теории – Без иднина (2004) на Ли Еделман, често обвинуван автор (и со право!) за понудување на нихилистичка и располитизирана перспектива. И јас мислам дека Еделман понекогаш изгледа како да сака да го замрзне квир субјектот во нарцистичка поза, во распрснато задоволство од сопственото исклучување, што може да биде одржлив случај за еден американски универзитетски професор, но не и случај што може да си го дозволат жртви на хомофобија и трансфобија во општеството. Тоа што се обидувам да го направам во мојата книга, е да ја повратам Фројдовската теорија за сексуалното покажувајќи дека истава може да биде искористена и во политичка смисла, така што ќе може да се разберат механизмите на абјекција – како оние осветлени од работата на Фанон, но истовремено и за да ја активирам свеста околу тоа колку желбата за конформистичка асимилација на единките во општеството е осудена на неизбежна потврда дека: возможно е да се засили отпорот против сирените на исклучувачката интеграција.

Ако помислиме на тоа што Јазбир Пуар во Терористички асемблажи (2007) го нарече „хомонационализам“, возможно е да се кооптираат правата на лезбејките и геј мажите од страна на националистички, анти-исламски и анти-имиграциски реторики, и тоа станува сè поизразено по добивањето на права на брак и граѓански партнерства за истополови партнери/партнерки. Тука се потсетуваме на карактери како Алис Вејдел, лезбејката водачка на крајно десната партија Alternative für Deutschland во Германија, Мило Јанопулос, Британецот геј новинар и на неговите исламофобија и анти-феминизам, сега веќе разоружан поткрепувач на Доналд Трамп, понатаму Рено Ками, францускиот геј автор кој во провокаторски манир се залепува на насипот против „демографска инвазија“ на мигрантите. На овој тип карактери, во книгата се обидувам да им сопоставам интелектуалци кои ги анимираа дебатите за движењата на геј ослободувањето од шеeсетите години. И овде, повторно се враќам на амбивалентноста, бидејќи ако се измести академскиот аспект за да се префрли на аспектот на движењата, ќе се појави потребата да се раскаже цела нова приказна околу сексуалното прашање во политичката мисла и филозофија од 19 век, каде што сексуалното не е ниту исклучено ниту отстрането. Самиот Фуко, во различни интервјуа и интервенции во списанија на геј движењето од почетокот на осумдесетите години, во дисорганизациската сила на сексот го препознава најрадикалното можно искуство на отпор против модерниот идентитетски режим. Сепак, во мојата книга, поттикнувачката мисла на Марио Мијели од неговите дијалози со Ги Окенгем и Лучано Паринети, ја зазема вистинската позиција за ‘политичкото сексуално’, која повеќе е апокалиптична отколку револуционерна. Во книгата на Мијели Елементи на хомосексуална критика (1977), и во засладувачките кратки текстови неодамна собрани под насловот Веселата критика (2019), сексуалното експлодира како бомба фрлена, не само против романтичарството на граѓанските партнерства, туку и против вредноста на самото граѓанство. А детонацијата има и прецизно иницијално место: заложбите почнуваат од анусот.

Кои психо-политички процеси го поддржуваат успехот на популистичкиот совранизам (sovranismo) во Италија и во Европа?

– По Лу вон Саломе, Фројд се надоврзува на тоа дека табуизацијата на уживањето што може да изнедри од анусот и неговите производи е клучен момент за процесот на социјализација на малиот човек, и дека во продолжение на ова учење „аналниот елемент“ станува симбол на сè што треба да биде отфрлено од страна на субјектот, со цел да може да учествува во цивилизираниот живот. Кога овој симбол бива искористен во рамки на една политичка реторика, за да оттурне цела категорија на човечки суштества (или само една или еден од истава) од полното припаѓање на човештвото, тогаш започнува процесот на абјекција преку кој, како што објаснува Батлер, „другите стануваат гомна“. Во книгата, потсетувам и на познатата конференција за Вечниот фашизам од 1995 година (неслучајно реобјавена и во 2018 година)  каде што Умберто Еко тврди дека абјекцијата е психо-политички диспозитив на фашизмот, чии траги лесно се препознаваат во опасните реторики на помалку или повеќе крајната десница во Италија, во Европа и во светот. Како пример, се обидувам да го испитувам програмскиот говор на Матео Салвини одржан на 32-от митинг на Лигата во Понтида, во јули, 2018 година, по еден месец од договорот за жолто-црвената Влада во која Салвини беше Министер за внатрешни работи и вице-премиер, говор кој ги содржеше типичните стилски фигури на неговата пропаганда.

Првата задача на една популистичка реторика е таа која се сложува со народот на кој се обраќа, одново дефинирајќи ја на свој начин социјалната врска, па кога Салвини зборува „како татенце“ евоцира еден народ составен од италијански фамилии, бели и хетеросексуални, чии сегашни и идни деца треба да бидат одбранети од имагинарната закана на абјектните субјекти – чија абјекција, во говорот од Понтида, повторувачки е потврдена со зборот „гадно“. Овие субјекти, секако, се мигрантите, кои во имагинариумот на лидерот на Лигата ги силуваат италијанските жени и сакаат да ги заменат своите синови муслимани, со темна кожа со синовите кои белите Италијани, католици веќе не ги прават. Па дури и Ромите, кои ги тераат своите синови да питат наместо да одат во школо. И конечно, геј мажите кои ги тераат жените да бидат сурогат-мајки на нивни синови за кои после не се во состојба да ги воспитуваат бидејќи „едно дете има потреба од една мајкичка е едно татенце“. Зборувајќи за последниве, во Понтида, Салвини се лизна во еден интересен лапсус (или во умешна досетка, не знам) што ја потврдува тезата на Лу вон Саломе. Во еден политички имагинариум кој доаѓа од далеку но е и блиску до нашиот, заклучно, анусот е местото на привилегирано всадување на перверзното сексуално, до кое неизбежно води и смртоносното уживање против, она што Еделман го нарекува, „фашизмот на фигурата на Детето“, а во којшто е длабоко потопена и пропагандата на Салвини. Па така, повеќе е веројатно дека од оваа мрачна пукнатина, а не од ветувањата за просветлувачка љубов пред олтарот на граѓанското партнерство (или најмалку, исто така и од овде), може да се случат движења на отпор против она машко јас, суверен, неофашист кој денес е потхранет од реториките на десниот популизам, во Италија и во остатокот од светот.

Превод од италијански на македонски: Вики Младенова
*Преводот е ревидиран и подобрен со стручната помош на Славчо Димитров
Извор