На денешен ден е основан Антифашистичкиот фронт на жените

На денешен ден е основан Антифашистичкиот фронт на жените

На денешен ден, 1942 година, на територија на ослободениот Босански Петровец основан е Антифашистичкиот фронт на жените (т.н. АФЖ). Антифашистичкиот фронт на жените на Југославија е основан на Првата меѓународна конференција на жените на која што учествуваа 166 делегатки од цела Југославија. АФЖ беше единствената организација на сите жени во Југославија и претставуваше значаен фактор во Народноослободителната борба.  Тоа беше најмасовното женско движење на нашите простори и пошироко, коешто на инзвонреден начин допринесе во борбата против фашизмот, општата рамноправност на жените, но и во достигнувањето на слободата и на еманципацијата на југословенското општество во целост. Со своето учество во Народноослободителната борба жените се изборија за легитимитет на најголемото револуциско достигнување, односно рамноправноста, како што е наведено во архивата „Да живее АФЖ!“ приготвена од организацијата „Црвена“.

Во текот на Втората светска војна, жените дадоа огромен придонес во ослободителната борба. Во редовите на Народноослободителната војска се бореа околу 100 илјади жени, од кои: 25 илјади погинаа, 40 илјади беа ранети, а 3 илјади останаа оневозможени да работат. Со партизански споменици се здобија 3.344 жени, а 91 жена беа прогласени за Народни хероини. И иако со текот на времето АФЖ стана значаен друштвено-политички фактор во социјалистичка Југославија, по одлука на Народниот фронт, во 1953 година беше укинат.

Извор